СТРАДА БРУТАЛИСИМА / Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција
06.05.2025 • Информации

La Biennale di Venezia
На 9 мај 2025 година, во изложбениот простор Арсенале – Сале д’Арми (Sale d’Armi) во Венеција, свечено ќе биде отворен Павилјонот на Република Северна Македонија во рамки на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – La Biennale di Venezia. Проектот „Страда Бруталисима“, под кураторство на Благоја Бајковски, е авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска Брзанова и Фросина Зафировска.
„Страда Бруталисима“ ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје – уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. Главната цел на „Страда Бруталисима“ е да ја активира архитектонската интелигенција вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст, улицата (страда) претставува кураторска алатка за обликување на патека на ново архитектонско знаење. Поставката извлекува 10 бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација, создавајќи „концептуална улица на знаењето“.
Изложбата е структуирана низ два улични фронта, кои меѓусебно комуницираат и оформуваат линеарен репозиториум на информации и простор за критичко промислување. Првиот фронт е обликуван преку графичките биографии на избраните бруталистички објекти од Скопје кои ја илустрираат сложеноста на нивните архитектонски композиции. Вториот фронт претставува транскрипции на знаења инкорпорирани во овие објекти, надополнети со критички осврти од еминентни македонски и меѓународни архитекти. Во рамките на проектот се поканети значајни имиња од архитектонската дисциплина да дадат свој придонес во форма на критички осврт и куси дефиниции за скопскиот брутализам.
„Страда Бруталисима“ укажува како колективното размислување за бруталистичката архитектура може да поттикне нови форми на архитектонска мисла кои предизвикуваат, информираат и ја трансформираат идната архитектонска пракса и генерираат нови визии за современата архитектура.
На овој начин, проектот се вградува во генералната тема на престојната 19. Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција насловена Интелигенти. Природни. Вештачки. Колективни. курирана од италјанскиот архитект Карло Рати.
„Страда Бруталисима“ претставува проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната соработка за учество на Република Северна Македонија на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – La Biennale di Venezia и е финансиран од страна на Министерството за култура и туризам. Проектот е во организација на Националната установа Национална галерија во соработка со Архитектонски факултет-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и поддржан од страна на Комора на овластени архитекти и овластени инженери.
Комесар:
Маја Неделкоска Брзанова
Национална галерија на Република Северна Македонија
Куратор:
Благоја Бајковски
Архитектонски факултет – Скопје
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Автори:
Благоја Бајковски
Ана Рафаиловска
Марија Антиќ Николова
Невенка Манчева Аџиевска
Теа Дамјановска
Михајло Стојановски
Ко-комесар:
Фросина Зафировска
Помошници комесари:
Оливија Стоилкова
Маја Чанкуловска Михајловска
Водечки истражувачки и советник за куратор:
Мери Батакоја
Поканети соработници:
Отавио Амаро, Минас Бакалчев, Елиса Ц. Катанео,
Лоренцо Дегли Еспости, Владимир Десков,
Манфредо ди Робилант, Класке Хавик, Митко Хаџи Пуља,
Анета Христова-Поповска, Ана Ивановска Дескова,
Влатко П. Коробар, Владимир Кулиќ, Луција Ла Џуса,
Марија Мано Велевска, Хорхе Мехија Хернандез,
Мароје Мрдуљаш, Џузепе Реста, Луис Сантијаго Баптиста,
Лука Сканси, Инес Толиќ, Марина Торнатора,
Дирк ван ден Хевел, Слободан Велевски
Проект менаџер:
Елена Андонова
Соработници:
Студенти од Архитектонски факултет – Скопје,
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје:
Тамара Џерков, Мила Гавриловска, Бојана Исијанин,
Калина Љубецкиј , Димитар Милев, Фросина Станковска,
Бојана Вуковојац, Филип Зафировски
+ Ерик Фереира Кревелс