Црква Св.Пантелејмон – Велес / А. Дамјанов 1840 год.

Автор : Андреја Дамјанов

Локација : Велес

Година : 1840 година

Извори :   “Архитект Андреја Дамјанов„ – Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова, Скопје 2001; Wikipedia; www.visit.veles.gov.mk.

Црквата Св. Пантелејмон во Велес е едно од најценетите дела на Андреја Дамјанов, каде за прв пат ги среќаваме сите негови архитектонски концепти комплетно внесени во форма на една нова црковна архитектура. Изградена е во 1840 како негов втор проект по успешната работа на црквата Св. Богородица во Скопје.

01

Градбата е сместена на вештачка тераса во суровиот терен на падинитие од Велешката Клисура кон реката Вардар.  За пристап се користат стрмните патеки кои се исто толку живописни како и самиот двор на објектот. Локацијата од едната страна ни отвара погледи кон двата дела на градот сместени на бреговите на Вардар, додека од друга страна се издигаат стрмните страни на ридот Вршник.  Во дворот најпрвин се среќаваме со подоцна изградената камбанарија како и неколку останати пропратни мали објекти.

KONICA MINOLTA DIGITAL CAMERA

03

04

Надворешноста на црквата е прилично воздржана, но сепак го нагласува решението на тробродна базилика преку издигнатиот главен кораб и споредните пониски кораби. Решението отстапува од класичното преку додатните тремови на јужната и северна страна кои служат како перистили, давајќи и петобродна основа на црквата.

05

06

07 - северна фасада

Северна фасада

08 - јужна фасада

Јужна фасада

Додека на јужната и северната фасада се застапени арките од тремовите, источната добива посебна обработка карактеристична за делата на Дамјанов. Трите брода излегуваат на фасадата во форма на апсиди, изработени од прецизно делкан варовник, декорирани со колонети со капители, арки и ниши.

09 - источна фасада

Источна фасада

10 - фрагменти од источната фасада

Фрагменти од источната фасада

По влегувањето во јужниот трем вниманието ни го привлекува специфично обработениот портал врамен од колонети кои завршуваат во волути декорирани со по еден гулаб – елементи во кои можат да се препознаат необарокни влијанија.  Камениот јужен портал е и местото на кое Дамјанов го врежува својот потпис преку текстот: „Мајсторот Андреја ја направи црквата“.

11 - изглед на јужниот портал

Изглед на јужниот портал

Влегувајќи во објектот јасно може да се прочита намената на одделните пет бродови на црквата. Додека крајните бродови, односно тремови, претставувале предвлезни простори наменети за собирање на верниците, внатрешните бродови служеле за извршување на самиот верски обред.

12 - основи 1

Основа | основа со поглед нагоре

13 - основи 2

основа на галерија | oснова на втора галерија

Во внатрешноста на црквата фокусната точка е на олтарот заграден со висок дрвен иконостас, кој преку неговите резбани катови ни го води погледот кон плафонската површина која безразлика на двоводната кровна конструкција која ја гледаме од надвор, во внатрешноста се состои од три големи слепи куполи. Вакви архитектонски недоследности се  чести во дадениот периодот, кога политичките рестрикции врз христијанството меѓу другото не дозволувале ни експонирање на куполите на црквите. Дотогашните решенија најчесто се состоеле од полуцилиндрични сводови, додека Дамјанов ја воведува слепата купола како негов одговор на овие рестрикции.

14

15

На полусферите површини од куполите, ја забележуваме беспрекорната фрескообработка која исто така ги покрива лаците и сите ѕидни површини. Таа е дело на внукот на Андреја, мајсторот Ѓорѓи Зографски.

16

Иако покривните конструкции како и столбовите се изработени од дрво, преку нивна доработка и боење тие го имитираат изгледот на масивни материјали, зачувувајќи ја својата виткост и издолженост и предизвикувајќи чувство на лебдење на кровната покривка. Овој трик станува една од главните карактеристики на Демјанов која ја среќаваме и во неговите наредни обејкти.

17

Вртејќи го погледот кон западната страна го воочуваме и вториот фокусен ѕид, богато декориран со извиени необарокни форми на балконите, мушараби, аркади со висулци како и живопис изведен во фреско техника. Оттука се качуваме до следното ниво кое го сочинуваат јужната и северната трибина, сместени над тремовите. Овој дополнителен простор за сместување на верниците носи до целосно искористување на петобродната основа на ова ниво. Движејќите се по трибините ни се отвараат целосно нови визури кон погорните пластични и ликовни детали на градбата.

18

19

Попречен пресек кон запад

20

21

Уште едени скали не носат до дуплираната западна галерија која сега се простира на последното – трето ниво. Со овој принцип на искачување на верникот се погоре и погоре во внатрешниот црковен простор Дамјанов му обезбедува целосно нова позиција, која предизвикува чувство на возвишеност и поглед од горе кои се разликуваат од хоризонталните визури, вообичаени за дотогашните храмови.

22

Надолжен пресек

23

На последната галерија веќе сме поблиску до куполите и нивните претстави за небескиот простор, додека под нас се простира целиот главен кораб завршувајќи повторно со главниот фокус кон олтарот и крстовите на иконостасот. Од оваа точка навистина се воочува големината на црквата што Дамјанов успева да ја постгигне во неверојатно тешки услови и тоа преку квалитетни решенија, кои и даваат на оваа градба статус на врвно дело на историјата на македонската архитектура.

24

25

26

Значењето на оваа црква се зголемува уште повеќе и со нејзиниот избор за вечно почивалиште на мајсторот, Андреја Дамјанов, чиј гроб и денес може да се посети во рамките на некрополата лоцирана околу црквата.

27

Техничка документација: проект на студентите од Архитектонскиот Факултет во Скопје, по предметот Архитектонска Документација, семестар 7 – 2015/2016 – Матеја Николиќ, Ноеми Чаусидис, Блаже Михајлов, Ана Грковска, Матеј Тодоровски, Теодора Михајловска, Саше Нешиќ, Анета Мартулкова, Ирена Стоева, Пенелопа Стаматовкса и Дора Тодорчевска

Фотографии: Моника Крстевска, Филип Конески

Материјалот го приложи и обработи: Ноеми Чаусидис

 

 

Автор на статија: