Тетово сака парк – иницијатива на група истакнати граѓани

Над 60 истакнати граѓани, универзитетски професори, архитекти, лекари, правници, културни работници, вчера до општина Тетово доставија предлог со кој се побара формирање на парк во Тетово.

На вчерашната прес – конференција, претставници на иницијативата „Тетово сака парк“ го претставија граѓанскиот предлог, осврнувајќи се на повеќе аспекти кои се клучни во однос на формирањето и поврзувањето на паркот.

„Денес ние група од 60-тина етаблирани интелектуалци од градот Тетово сакајќи да дадеме конструктивен придонес кон развојот на нашиот град, повикувајќи се на јавно декларираната отвореност на локалните власти да ги слушнат предлозите и потребите на граѓаните, како и врз основ на нашите со Устав и закон загарантирани права за хуман јавен простор и здрава животна средина поднесовме рационален, издржан и аргументиран предлог до Општина Тетово, Совет на општина Тетово, со кој бараме во согласност со законските надлежности да донесе соодветни одлуки за формирање на прв вистински градски парк во Тетово, преку утврдување на урбанистичка намена Д во Генералниот и деталните урбанистички планови за модули од урбаните блокови 27, 29, 31 и 57, како прва најзначајна појдовна точка до целосна реализација“, изјави Даријан Сотировски, магистер по право.

 

 

„Сè се сведува на тоа за кого е овој град, за граѓаните, за сите нас, или за капиталот. Вака веќе не може! Тетово е светски рекордер по загаденост на амбиенталниот воздух, огромна изграденост, провев нема, ниту елементарни услови за квалитетен живот, хуман јавен простор и здрава животна средина. Генерации и генерации го жртвуваа своето здравје и сегашност, за капиталот да овозможи своја иднина. Но, вака веќе не може“, истакна Сотировски.

На претставувањето се обрати и Соња Трифуновска, истакнат просветен работник.

 

„Секој град треба да има парк, на нашиот град тоа многу му недостасува. Тетово последниве години доживува градежна експанзија и зградите и другите изградени објекти ја спречуваат циркулацијата на воздухот. Асфалт има насекаде. Од друга страна големиот сообраќаен метеж многу го загадува воздухот и луѓето избегнуваат да се шетаат по улиците. Нашето секојдневие наложува често седење пред мобилен телефон, компјутер или лаптоп наместо практикување на прошетки и дружби со семејството и пријателите. Тоа е и поради тоа што Тетово нема простор каде би се одело на прошетки во природа за да се побара одмор и релаксација од динамичното и стресно секојдневие“.

 

Во излагањето, Трифуновска потсети и на пример од работата со ученици.

„Колку е важен паркот посебно за децата ќе ви кажам од еден пример: кога на училиште имавме час за да ја разберат функцијата на претседателот на општината, им дадов за задача да бидат во улога на кандидат за градоначалник и да направат своја програма. Преку програмите што ги направија учениците се гледаше како тие сакаат да изгледа градот и какви потреби имаат. Сите ученици во програмата имаа напишано дека ќе изградат парк за да може децата да играат и да одат на прошетки со семејството на чист воздух“, изјави Трифуновска.

 

Предлогот детално го претстави Благоја Ристовски, магистер инженер архитект и дел од иницијативата.

 

„Во Тетово нема ниту еден парк. Во Тетово, како јавен простор се користат шест зелени површини позиционирани на: „Два Бреста“, стара библиотека, Шарена Џамија, „Ајдучко Маало“, „Жена Борец“, населбата близу тениските игралишта. Сите се помали од 1ha. Според закон за урбано зеленило, „парк“ е зелена површина со големина над 1ha, која се користи за одмор, шетање, разонода и игра.Тетово има 0,2m² парковска површина по жител. СЗО препорачува 9m² градско зеленило по жител. Предложената површина ќе овозможи голем исчекор во приближувањето до стандардите за градска зелена површина по жител, со можни 16,4ha површина целосно дефинирана како градски парк.Површината предложена за градски парк е последното слободно, неизградено градско ткиво од толкав обем, со капацитет да биде интегрално дефинирано како парк, која инаку е 74% државно земјиште“, изјави Ристовски.

 

Тој посочи дека станува збор за специфично градско подрачје, во кое што градот завршува а на исток продолжува некакво неградско ткаење. Со тоа, рече Ристовски, имаме место кое што е совршено за одмор и рекреација, а е достапно до градот.

 

„Површината е речиси симетрично поставена на оската – булеварот кој што води до градскиот плоштад. Ова е можност да се создаде еден јасно дефиниран урбанистички гест зелена источна капија, кога западната зелена капија е Шар Планина, воедно се создава тампон зона кон индустриската зона на исток“, посочи Ристовски.

Извор :www.facebook.com/tetovosakapark