THE SKOPJE PROJECT – прв ден

Денес имавме исклучителна можност, на Архитектонскиот Факултет – Скопје при Уким, да присуствуваме на првиот ден од научната конференција „Проект Скопје“ по повод 60 години од скопскиот земјотрес и 110 години од раѓањето на јапонскиот архитект Кензо Танге.

АФС докажа дека е одличен домаќин, продолжувајќи ја традицијата со организирањето на вонредни предавања на гости од светската архитектонска сцена.

Денешната програма започна во 8 часот наутро со регистрација на гостите, по што следеше свечено отворање со пригодни говори на деканот на АФС проф. д-р Огнен Марина, ректорот на УКИМ – проф. д-р Никола Јанкуловски, преставник на UN во Македонија – Армен Григоријан како и јапонскиот амбасадор во земјава Оцука Казуја.

 

 

По кратката кафе пауза, започна првиот дел од конференцијата која носеше наслов  „Проект од минатото / Past project “ на која земаа збор четворица излагачи.

Првото предавање го оддржа Zhongjie Lin (UPenn) од Универзитетот на Пенсилванија (Weitzman school of design) на тема “ CITY AND RUINS”. Во својата презентација се осврна на контекстуализацијата на планот на Кензо Танге за Скопје, низ призмата на метаболизмот и мегаструктурите, како и паралелата на планот за Токио изработен исто така од страна на Танге.

 

Zhongjie Lin (UPenn)

 

Ines Tolic од Универзитетот во Болоња, изненади со прецизноста на податоците и имињата, како и посветеноста на направеното истражување за скопскиот земјотрес со сите политички текови кои придонесоа за најголемиот светски проект на солидарноста. Предавањето носеше наслов “ERNEST WEISSMANN’S WORLD CITY” од кое дознавме за многу чинители, кои не беа  доволно познати и елаборирани на македонскатa јавност, а се тесно врзани со процесот на организација на Меѓународниот конкурс за Скопје, од страна на Обединетите нации. Политичкиот дискурс и феноменот на светската вклученост во обновата на Скопје беа во главниот фокус, набљудувани од еден објективен поглед на  Инес.

 

 

Ines Tolic (Bologna university)

 

Како трет во серијата предавања, настапи  Dirk van den Heuvel (TU Delft) на темата “BUILDING TOWARDS AN OPEN SOCIETY: JAAP BAKEMA AND THE GEOPOLITICS OF ARCHITECTURE”.  Од архивите во Ротердам, беа презентирани материјали поврзани со конкурсното решение на Бакема за Скопје, правејќи паралела на неговата работа во Холандија во поствоената обнова на Ротердам со стилот и пристапот кон Скопје. Поголемото внимание беше посветено на улицата „Македонија“ како главна пешачка зона, испреплетена со надстрешници и киосци, административниот центар  со три висококатници и културниот центар.

 

 

Dirk van den Heuvel (TU Delft)

 

Последен од првиот дел презентираше Kostas Tsiambaos (NTU Athens) на темата “DOXIADIS’S DATA-DRIVENNESS”, во кое направи одличен осврт на ликот и делото на Доксијадис, неговиот живот и професионален тек, што го разјаснува неговото гледиште на Скопје.  Применувањето на принципите на статистиката, дефинирањето на сегменти и елементи во проектирањето преку стандардизација на димензиите беа дел од презентираните финеси од пристапот на Доксијадис во работата на Скопје.

 

 

Kostas Tsiambaos (NTU Athens)

 

По овој дел следеше кратка промоција на списанието за  архитектура и филозофија Khōrein, по што започна панел дискусијата, одлично водена од страна на проф. д-р Огнен Марина во придружба на Alessandro Armando од Departmet of Architecture and Design Politecnico di Torino. На истата  сите излагачи имаа можност  да презентираат и дополнителни гледишта преку своите одговори на поставените прашања. Во панел дискусијата земаа збор и дел од присутните, каде пријатно изненадија зрелите прашања на студентите.

 

Панел дискусија 

 

За време на паузата беше организиран ручек во холот на факултетот каде присутните и учесниците можеа одблиску да се запознаат и поразговараат.

Во вториот дел од настанот, насловен како PRESENT PROJECT, свое предавање оддржа и архитектонската ѕвезда  Sou Fujimoto од Јапонија со наслов „Between nature and architecture“. Во излагањето имавме можност да се запознаеме со неколку значајни проекти и процесот кон нивното создавање, инспирација, искушенија и предизвици.

 

Sou Fujimoto

 

Движењето на кривата и допирот со природата, во чие опкружување растел од секогаш биле неговите водилки во проектирањето. Имавме можност за чуеме за House of Music во Будимпешта,  L’Arbre Blanc Residential Tower во Монпелје, House NA, Serpentine Pavilion, Home for All – Community Center, Културниот центар во Ишимонаки како и проектот за престојниот ЕКСПО 2025 година. Последните два проекти беа поврзани со простори каде се случиле големи природни катастрофи (земјотрес и цунами), што беше врската со постземјотресната обнова на Скопје, како простори на обнова. По ова излагање престоеше уште една панел дискусија на која се вклучи повторно и публиката.

 

Sou Fujimoto и проф. д-р Огнен Марина

 

Денешниот настан кој траеше 10 часа, претставуваше ретка прилика за домашната заинтересирана јавност и одличен придонес на Архитектонскиот факултет Скопје кон одбележувањето на 60 годишниот спомен од катастрофалниот земјотрес од 1963та година.

Научната конференција продолжува утре. Се гледаме на АФС 😉