“Through the Meadow” / Василевска, Волческа, Јованоска

Меѓународен архитектонски конкурс: Kinderspace #3

Површина (m²): околу 1500m²

Автори: Ангела Василевска, Андријана Волческа, Сара Јованоска

 

„Through the Meadow“ е замислен како простор каде архитектурата тивко се вплетува во природата, создавајќи симбиоза што го позиционира објектот како посредник меѓу детството и играта, соседството и пејзажот.

 

Со изборот на предметната локација, намерата беше да се иницира урбана и просторна дискусија за потенцијалот на ваквите фрагменти во градското ткиво. Евидентно е дека парцелата согласно постојната намена не е усогласена за развој на градинка, но во рамки на конкурсната задача ја препознавме можноста за нејзина програмска и концептуална реинтерпретација. Заедно со планираниот јавен парк, градинката формира просторна тампон зона која воспоставува критичка противтежа на интензивниот станбен раст во непосредното опкружување.

 

 

Лоциран на влевањето на реката Лепенец во реката Вардар, проектот произлегува од внимателна интерпретација на амбиенталните вредности и потенцијалите на непосредното опкружување. Се стреми кон формирање на активиран урбан раб — просторна структура што генерира зелена инфраструктура, нов јавен амбиент и услови за социјална интеракција. Концептот предвидува зачувување, реактивирање и надградување на зеленилото во континуиран линеарен еколошки систем долж речните коридори.

 

 

Архитектонскиот волумен воспоставува суптилен дијалог со пејзажот преку истовремена тензија помеѓу контраст и хармонија. Неговата јасно дефинирана геометрија се спротивставува на органската динамика на речниот тек, притоа врамувајќи го пејзажот како примарен просторен настан. Од овој однос произлегува заштитен внатрешен двор: просторен и социјален епицентар,  кој функционира како медијативна зона помеѓу архитектурата, природата и секојдневниот живот на децата.

 

 

Програмската организација е поставена околу  централен отворен простор, при што училниците се групирани според возрасни категории и поврзани преку јасно артикулиран комуникациски систем. Континуитетот помеѓу ентериерот и екстериерот овозможува флуидно преминување помеѓу просторите за учење, игра и колективна интеракција, поттикнувајќи чувство на заедништво и просторна припадност.

Секоја образовна целина е организирана околу затворен зимски простор за игра, функционирајќи како полуавтономен павилјон со висок степен на сезонска адаптабилност и социјална интеракција. Иако програмски диференцирани, сите единици остануваат интегрирани преку централниот двор, кој ја презема улогата на примарна комуникациска и социјална врска. Во засебно крило се сместени мултифункционалната сала, кујната и административните простории, со што се воспоставува јасна граница помеѓу јавните, сервисните и образовните содржини.

 

 

Заедничкиот простор е обликуван со асиметрични коси кровни рамнини, чија динамична геометрија создава препознатлив просторен идентитет и овозможува контролирано внесување на дифузна природна светлина во длабочината на објектот. Архитектонскиот израз е нагласен преку употребата на ламелирана дрвена конструкција и фасадна обвивка од тула, материјали кои воспоставуваат тактилна топлина, долготрајност и хумана размерност.

 

 

Зелените кровови, фотоволтаичните панели и системите за собирање дождовница се дел од пристапот кон одржлива архитектура, додека пасивните стратегии, источната ориентација на кровната геометрија, природната вентилација и материјализација придонесуваат за микроклиматски комфор и енергетски ефикасна средина за учење и престој.

Заедничките градини, отворени кон соседството, ја прошируваат улогата на градинката надвор од нејзината примарна функција, активирајќи ја како простор на размена и заедништво.

 

 

Проектот се поставува како внимателно курирана просторна целина во која архитектурата, природата и детството се поврзани во континуирано искуство, а детската игра станува основен генеративен елемент околу кој се организира програмата и се поттикнува интеракција со пошироката околина. Во таква поставеност, градинката се отвора кон заедницата и придонесува кон нови модели на одржливо и интегрирано урбано живеење.

Учеството на конкурси  овозможува покреативен и послободен пристап кон проектирањето и експериментирањето, како и континуирано истражување на нови материјали и техники.

 

Проектот  е дел од  меѓународен конкурс со над 250 пријавени учесници, од кои беше рангиран во потесниот круг. Ова искуство дополнително ги мотивира авторите (Василевска, Волческа, Јованоска) да продолжат со истражување и развој на современи архитектонски пристапи, со фокус на одржливост, просторна чувствителност и иновативни решенија.

 

Buildner link: Kinderspace #3 competition Honorable mention winner – Angela Vasilevska, Andrijana Volcheska and Sara Jovanoska