Трансформација на булевар „Св. Климент Охридски“ – Скопје / Ицковска
31.03.2025 • Истражување Студентски проекти

Автор: Кристина Ицковска, дипл.град.инж.
Предмет: практичен дел од магистерски труд „Влијание на ширината на сообраќајните ленти врз безбедноста на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај во урбана средина“
Година на изработка: 2023 – 2025
Ментор: проф. д-р Слободан Огњеновиќ
Градежен факултет, Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
*Целиот труд е достапен на следниот линк.
Вовед
Булеварот „Св. Климент Охридски“ е сообраќајница која припаѓа на примарната градска патна мрежа на Градот Скопје, со вкупна должина од околу 917 m. Булеварот според функционалната класификација на сообраќајниците од ГУП 2012 – 2022 е градска магистрала со променлива ширина од 36 до 40 m, и тоа 2 x 10,50 m коловозни ленти, средно разделно зеленило од 5,00 m и тротоари со променлива ширина од 5,00 до 7,00 m.

Во планската документација, планирано е продолжување на булеварот на северната страна преку реката Вардар, под скопското кале со што би се овозможило поврзување на булеварот со булеварите „Никола Карев“ и „Македонско – Косовска бригада“. Во делот на мостот и тунелот, вкупната ширина на булеварот се намалува на 20,00 m, односно сообраќајните ленти се намалуваат од шест на четири со вкупна ширина на коловоз 14,00 m и со намалување на ширината на тротоарите од 5,00 – 7,00 на 2,00 – 3,00 m.

ИСТОРИЈА НА БУЛЕВАРОТ
Булеварот „Св. Климент Охридски“ е една од најстарите сообраќајници во градот, планирана со Генералниот регулационен план на арх. Димитрије Т. Леко од 1914 година. Во овој план, површините од левата и десната страна на камениот мост се обиколени со булевар наречен „Венец на Цар Душан“, кој под калето поминува низ тунел.
Во 1920–тите години, градежните активности во однос на улиците се однесуваат на проширување на постојната улична мрежа и делумно пробивање на венецот „Цар Душан“ (денешен булевар „Св. Климент Охридски“.

Во периодот по Втората светска војна булеварот е зачуван, но доживува голема трансформација на неговата околина со изградба на нови станбени и административни објекти. Го добива името булевар ЈНА.
Во јуни 2011 година на булеварот е направена голема реконструкција. Додадена е уште една сообраќајна лента на сметка на средишното шеталиште, со што се добиени три сообраќајни ленти по насока со вкупна ширина од 10,50 m. Двете коловозни ленти се разделени со средишно зеленило со ширина 5,00 m. Со реконструкцијата се преуредени и постојните крстосници со што се изведени ленти за лево свртување. На крстосницата со улицата „Димитрија Чуповски“ лентите за лево вртење се изведени, меѓутоа левото вртење е забрането. Во информативното гласило на Град Скопје од 28.09.2011 година каде е промовиран новиот лик на булеварот, меѓудругото е изјавено следното:
Проширувањето на булеварот „Св. Климент Охридски е само уште еден од низата капитални проекти коишто ќе придонесат за намалување на сообраќајниот метеж во градот, ќе го скратат времето на патување и ќе придонесат за заштита на животната средина.

БУЛЕВАРОТ ДЕНЕС
Во 2017 година во рамките на реализацијата на проектот за нова велосипедска инфраструктура „Скопје – Велоград“, ширината сообраќајните ленти на делница од булеварот „Св. Климент Охридски“ е намалена од 3,50 m на 3,00 m, со што се овозможени еднонасочни велосипедски ленти во двете насоки со ширина од 1,50 m. Булеварот „Св. Климент Охридски“ претставува еден од главните конектори помеѓу рута 1,2 и 3 од проектот „Скопје – Велоград“.

Овој булевар, иако во ГУП на Град Скопје е класифициран како градска магистрала, важи за сообраќајница чиј напречен профил не одговара на неговата функција. Согласно холандскиот правилник за ревизија на безбедноста на патиштата (CROW – Road Safety Manual), улиците чии геометриски карактеристики и напречни профили не се усогласени со нивната функција се нарекуваат „сиви улици“.
Од претходно наведеното можеме да заклучиме дека напречниот профил на булеварот „Св. Климент Охридски“ го прави „сива улица“. По должина и во близина на булеварот се наоѓаат универзитет, културен дом, средно училиште, соборен храм, рабни станбени и деловни содржини, а истовремено претставува врска помеѓу Водно и кејот на реката Вардар, што го прави исклучително важен за пешачкиот и велосипедскиот сообраќај. Сообраќајниците од примарната улична мрежа потребно е да имаат висококвалитетна амбиентална функција што е особено важна и за корисниците на булеварот и за жителите во неговата околина. Висококвалитетна амбиентална функција се овозможува со почитување на начелата за планирање пешачки и велосипедски површини:
Безбедност – се постигнува со елиминирање на можните конфликти со моторниот сообраќај, односно со рабно заштитно зеленило помеѓу моторниот и пешачкиот/велосипедскиот сообраќај;
Директност – планирање на велосипедски и пешачки рути кои ќе го минимизираат растојанието и времето на патување. Се постигнува со намалување на бројот на точки на застој (крстосници, заобиколувања, број на сообраќајни ленти)
Атрактивност и удобност: планирање на пешачките и велосипедските површини низ пријатна, убаво уредена околина која создава чувство на безбедност и уживање. Се постигнува со зголемување на природните сенки, урбана опрема, ниско и високо зеленило и сл.


ПРОЕКТНО РЕШЕНИЕ
НОРМАЛЕН НАПРЕЧЕН ПРОФИЛ
Нормален напречен профил на бул. Св. Климент Охридски:
- Сообраќајни ленти 2 x 2 x 3,00 m
- Средно разделно зеленило 3,00 m
- Велосипедски патеки 2 x 2,50 – 2,75 m
- Рабно зеленило 2 x 2,50 – 3,00 m
- Пешачки патеки 2 x 2,00 – 5.50 m
КРСТОСНИЦИ
На крстосницата со булевар „Илинден“ се елиминирани десните канализирани вртења со цел да се намали времето на преминување на пешаците и велосипедистите. Предвидени се орапавени површини кај радиусите за десно вртење чија цел е намалување на брзината на патничките возила и истовремено овозможување вртење на поголеми моторни возила како што се противпожарни возила, комунални возила, возила на итна помош и слично. Во зоната на крстосница, обезбедени се континуирани велосипедски движења со употреба на минимален радиус R = 3,00 m.

За крстосницата со булевар „Партизански Одреди“ изработени се две варијантни решенија.
Првото решение претставува случај кога напречниот профил на булеварот „Партизански одреди“ ја задржува постојната состојба, односно три сообраќајни ленти по насока со дополнителни ленти за лево вртење и канализирани десни вртења кон булеварот „Св. Климент Охридски“. Лентите за лево вртење го зголемуваат времето на преминување на булеварот и ја загрозуваат безбедноста на пешаците и велосипедистите бидејќи поради нив, ширината на средишниот заштитен остров се намалува на ширина 1,20 – 1,50 m што не е доволно за безбедно застанување на пешаци со бебешки колички, карго велосипеди, велосипеди со приколки за деца и сл.

Второто варијантно решение претставува случај кога на булеварот „Партизански одреди“ се воведува јавен превоз во централниот дел на напречниот профил и сообраќајните ленти за патничките возила се намалуваат од три на две по насока. Прикажано е трамвајско решение кое е физички раздвоено од сообраќајните ленти. Предвидени се заштитни острови помеѓу десните вртења на моторните возила и велосипедските патеки.


Сите историски промени на булеварот „Св. Климент Охридски“ можете да го погледнете на следното видео:

Автор на статија: Љубен Трајаноски
булевар „Сб. Климент Охридски“ / Катерина Ицковска / сообраќајна мрежа