Нема простор за нови „градежни ламели“ кај „Треска“
14.05.2021 • Истражување Урбанизам
Земјиштето на поранешната фабрика за мебел „Треска“, заедно со локацијата кај „Холидеј Ин“ и „Алумина“, важи за еден од најголемите потенцијали што ги поседува градот, можност да се заврти нов лист наспроти дводецениското интензивно градење според досегашните прописи и детални урбанистички планови и да се развие нов пристап за развојот на градот, со цел да се утврди дека „може поинаку“.
На централното подрачје на Скопје му е потребна длабока анализа и визија за неговиот развој, ширење и иднина. Изреката „без добар урбанизам, нема добра архитектура“ никогаш не била поважна од сега. Скопје заслужува добар урбанизам и добра архитектура. Поранешната фабрика за мебел „Треска“ може да биде запаметена како пресврт за Скопје. Со овие зборови, на 17 јануари 2020 беше поднесена граѓанската иницијатива за распишување домашен или меѓународен архитектонско-урбанистички конкурс за урбанистички проект на локацијата кај „Треска“, со цел да се преиспита и да се реанализира постоечкото решение за локацијата утврдено со деталниот урбанистички план од јули 2012 година. Прашањето, секако, не е дали воопшто треба да се гради на овие локации. Градот мора да се гради, тој е жив организам којшто е во постојана состојба на промена и развој; прашањето што треба да си го поставиме е како и што ќе се гради. Покрај сѐ, просторот во градот е еден необновлив ресурс и треба многу внимателно да пристапуваме кон него.
Местоположба на локацијата
Поранешната фабрика за мебел „Треска“, заедно со поранешната фабрика „Алуминка“, ја претставува последната трага на индустриското наследство во југозападниот дел од централното подрачје на Скопје. Фабриката „Треска“ на јужната страна се граничи со булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, на западната страна се наоѓа улица „Франклин Рузвелт“, каде што се надоврзува со улицата „Владимир Полежановски“ на северната страна. На источната страна се граничи со парцелите на веќе постоечкото домување на улица „Христо Смирненски“. Оваа централна местоположба придонесува за атрактивноста на локацијата и го појаснува потенцијалот и интересот за нејзин развој.
Претпријатието за трговија и преработка на дрво „Треска“ е основано во далечната 1922 година и функционира до 2005 година, кога е отпочната постапката за стечај. На истата локација, уште од крајот на 19 век, постојат записи за постоење пилана. Поставувањето на фабриката „Треска“ токму на оваа локација во градот воопшто не е случајно. Со изградба на железничката пруга Солун – Скопје – Митровица во далечната 1871 – 1873 година, трасата во Скопје е поставена на јужната страна од градот, или исток – запад по должината на денешниот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Оваа поврзаност со железничкиот сообраќај ја прави тогашната јужна периферија на градот погодна местоположба за развој на индустрија.
Во генералниот регулационен план на Скопје на Јосиф Михајловиќ од 1929 г., фабриката „Треска“ е лоцирана во брзорастечката скопска населба Буњаковец. Насоката за развој на градот на оската исток – запад само се потврдува со повоениот генерален регулационен план на арх. Лудјек Кубеш од 1948 година, каде што булеварот „Партизански одреди“ се дефинира како ’рбетот на градот, а населбата Буњаковец станува дел од централното градско подрачје. Овој план го дефинира развојот на Скопје како линиски град, којшто забрзано се шири со растот на жителите.
Несомнено, развојот на Скопје доживува сосема нов пристап и насока по земјотресот од 1963 година. Интернационалните и домашните експерти, со проект-менаџерот Адолф Циборовски (Полска), успеваат да го завршат новиот план за само 10 месеци и веќе во 1965 година тој се усвојува како нов Генерален урбанистички план за Скопје. Во него се предвидува потребната инфраструктура за нормално функционирање на еден растечки град, но од клучно значење на градот е, пред сѐ, неговата реконструкција.
Еден од првите чекори е одредувањето на местоположбата на железничката станица на локација која би била блиску до центарот и до градските индустрии. Истакнувајќи го железничкиот коридор којшто се движи Белград – Скопје – Солун како примарен, железничката станица ја напушта својата претходна локација во јужниот дел на центарот и се преместува на неговата источна страна. За да се искористи празниот простор на сега напуштената железничка траса исток – запад, се планира ново колско поврзување преку изведба на Јужниот булевар.
Скопската фабрика за дрвна индустрија „Треска“ е водечка во својата гранка и придонесува во постземјотресната обнова на Скопје. Особено значајни резултати постигнува во производството на камп-приколки, монтажни станбени и викенд-куќи и стилски мебел. Како таква функционира до 2005 година, кога е отпочната постапка за стечај. Фабриката е приватизирана во 1995/96 година и добива нови сопственици од Грција во 2003 г. Денес фабриката „Треска“ е напуштена.
Денешна состојба
Површината на локалитетот Фабрика „Треска“ изнесува околу ~ 63000 м2 или 6,3 хектари. Погоните и придружните објекти на фабриката се денес вон употреба и се наоѓаат во средна до лоша состојба, со исклучок на објектите во јужниот дел, коишто сѐ уште се активни.
На локацијата зеленилото е присутно во голема мера, плански засадено, но и самоизраснато. Постојат повеќе дрвореди главно по должината на улицата „Франклин Рузвелт“ и спрема јужната страна.
Сместена во централното подрачје на Скопје, локацијата на фабриката „Треска“ се наоѓа во радиус на голем број јавни и културни дејности.
Што предвидува ДУП и ГУП?
Просторот на поранешната фабрика „Треска“ спаѓа во четврт 3 11 од Генералниот урбанистички план за Скопје. Деталниот урбанистички план (ДУП Буњаковец 2, плански период 2011 – 2016), во којшто спаѓа и фабриката „Треска“ и којшто е моментално на сила на оваа локација, е донесен во јули 2012 под Советот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ. Тој е донесен според нумерички параметри од ГУП 2002 – 2012 и според Општина Центар од 2017 година, тоа е еден од 31 план коишто не се во согласност со параметрите на важечкиот ГУП (2012 – 2022) и со параметрите на Општина Центар.
Во важечкиот ДУП – Буњаковец 2, локацијата на фабриката „Треска“ припаѓа во блок 6, којшто го вклучува и веќе постоечкото домување на улица „Христо Смирненски“ на источната страна. На површината кај фабриката „Треска“ основната намена е домување А2, поделено во 49 индивидуални парцели и исто толку објекти, групирани во 21 блок, со можна секундарна намена до 40 %. Висината која е предвидена варира помеѓу приземје + 4 или + 5 ката со поткровје (П+4/5+ПК). Висината на венецот е 16,20 метри за П+4 и 19,20 метри за П+5. На јужната страна, кон булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“, е предвидено зеленило. Секундарната улична мрежа е надоврзана со веќе постоечката мрежа на околните блокови.
Според планот, површината за градежните парцели изнесува 41.109 м2, или околу 65 % од површината на денешната фабрика. Од површината за градежна парцела, површината за градба изнесува 21.850 м2. Бруто развиената површина е предвидена да изнесува 141.363 м2. Како симулација од оваа површина, можеме да предвидиме дека бројот на жителите што е предвиден со овој план изнесува околу 2.750 – 3.000. За споредба, ГУП (2012 – 2022) за четврт 3 11 или цел Буњаковец предвидува 12.500 жители како максимален број. Тоа значи дека само на површината на фабриката „Треска“ треба да живеат околу 22-25 % од целокупниот број на овој четврт. Парковското зеленило на јужната страна изнесува 9.960 м2.
Планот е изработен од планерската куќа ИН-ПУМА во јули 2012 година и според анализата спроведена од Општина Центар, планот не е во согласност со параметрите на важечкиот ГУП како план од повисок авторитет.
Сопственичка структура според катастар денес
Дел од земјиштето под фабриката „Треска“, преку процесот на денационализација, се враќа во рацете на приватни сопственици. Моментално, според податоците анализирани од OSSP – Агенција за катастар на недвижности, на локацијата на фабрика „Треска“ се појавуваат 4 приватни сопственици, но како сопственик се појавува и државата. Приватните сопственици се појавуваат во веќе оформените парцели според Деталниот урбанистички план, каде што се и косопственици со државата.
Хронологија на случувањата
Важноста на фабриката „Треска“ во централното градско подрачје не поминува незабележано од пошироката јавност, од инвеститорите и од општините и, како таква, случувањата и иднината на „Треска“ будно се следат. Во очите на планерите и архитектите, „Треска“ го зафаќа местото како еден од најголемите потенцијали што ги поседува градот. „Треска“ е предмет на постојана анализа и развој, започнувајќи од деталните урбанистички планови во 1980-те, и е една од постојаните задачи по предметот Урбанизам при Архитектонскиот факултет во Скопје.
Деталните урбанистички планови од 2002 и од 2012 на површината на фабриката „Треска“ ги следат тенденциите на досегашните прописи и практики, според кои се пристапува со еден повторувачки метод на планирањето и нема можност за флексибилност и иновативност. Овој пристап е можеби соодветен зa веќе постоечка урбана структура, но тоа што ја прави локацијата на фабрикатa „Треска“ специјална е можноста за обид за создавање друг пристап кон планирањето, бидејќи постојната станбена структура и парцелација не постои. Токму oд овие причини, како реакција на Деталниот урбанистички план Буњаковец 2, на 17 јануари 2020 беше поднесена граѓанска иницијатива за распишување Архитектонски урбанистички конкурс за локацијата на фабриката „Треска“ од страна на 272 лица организирани во различни заедници, колективитети, невладини организации, како и професионалци и експерти за овие теми, поддржана од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, институции, факултети и други.
Инцијативата наиде на позитивни реакции од пошироката јавност и од Општина Центар, која се понуди како подготвена за изнаоѓање можен формат каде што би можел да се одржи Арх. урбанистички конкурс за локацијата на „Треска“. На 18 февруари 2020 година, еден месец по отпочнувањето на иницијативата на вонредна седница, Советот на Општина Центар го усвои Заклучокот со којшто се одлучи дека локацијата позната како поранешна „Треска“ ќе се уреди по пат на јавен конкурс.
Конкурсот е само алатка преку која може да се дојде до едно поквалитетно архитектонско-урбанистичко решение и каде што ќе се понудат алтернативни решенија за Општина Центар и за приватните инвеститори. Во Законот за просторно урбанистичко планирање е јасно дефинирано носењето Детален урбанистички план. Тој може да биде изработен само од лиценцирана компанија, правен субјект којшто ги поседува сите потребни лиценци. Просторот на фабриката „Треска“ може да се издвои како посебен дел којшто ќе се работи преку архитектонски урбанистички проект и во посебните услови на конкурсот, ќе се наведе дека ова треба да биде изработено од лиценцирана планерска куќа.
При крајот на 2020 година, во медиумот Сакам да кажам, беа објавени имињата на комисијата за спроведување на конкурсот во подготовка (организација) од Општина Центар. Тие се следните: Мирко Андоновски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професорката од Архитектонскиот факултет Дивна Пенчиќ, Оливер Бојковски, претставник на сопствениците, Снежана Митовска од Град Скопје и Биљана Насковиќ од Општина Центар.
Комисијата која ќе ги оценува пристигнатите решенија е составена од професорката Јасмина Силјановска од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), професор Михајло Зиноски од Архитектонскиот факултет, Миодраг Радоњиќ-Бато од Архитектонската академија на ААМ, Ивана Драгшиќ, претставничка на невладиниот сектор, Предраг Виќентиевиќ, претставник на сопствениците, Жаклина Ангеловска од Комората на овластени архитекти, Марјан Иванов од Градежната комора, Наташа Тодоровска-Пренк од Општина Центар и Виктор Михајлов од Град Скопје.
Во почетокот на 2021 година, по допис од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во којшто се забележува дека во комисиите не смеат да членуваат претставници на сопствениците на земјиштето поради судир на интереси, тие беа изземени. На 61. Седница на Општина Центар, на дневен ред е ставен предлог-заклучок за реализација на Конкурс за изработка на идејно решение за Блок 06 Општина Центар, во којшто се решени забелешките на ДКСК и пополнување на комисиите.
На 3 март 2021 година, Уставниот суд ја укина одлуката за забрана за градба на територијата на Општина Центар, или таканаречениот мораториум. Со оваа одлука значи дека во центарот на Скопје повторно ќе може да се гради, и тоа според решенијата од старите Детални урбанистички планови (ДУП). Во моментот на пишувањето на овој напис конкурсот сѐ уште не е објавен. На 6 мај, МАРХ стапи во контакт со Општина Центар во врска со датумот на објавување на конкурсот за локацијата на фабрика „Треска“, од каде што доби повратен одговор дека целата процедура е во завршна фаза и дека конкурсот ќе биде објавен за многу кратко.
Потребите и иднината на локацијата
Укинувањето за забраната за градба на територијата на Општина Центар го вклучи повторно алармот за иднината на фабриката „Треска“ и сличните локации. Во воведот наведовме дека „Треска може да биде запаметена како пресврт за Скопје“, но можеби позначајно е да се нагласи дека Треска треба да биде пресвртот за Скопје.
Новиот план треба да ги земе предвид поширокиот контекст и околината при негово осмислување. Треба да пристапи со критичка мисла за тоа што значи индустриското наследство за градот и кои се моделите на живеење во 2021 година. Без постоењето визија, сведоци сме на повторно фрагментирање на градот, каде што индивидуалните „градежни ламели“, предвидени од постоечките планови, се третираат како самостоен микросвет, без обѕир на целокупната форма на архитектурата. Конкурсот е пристапна врата за добивање нови внатрешни и надворешни влијанија и трендови во архитектурата и урбанизмот. Скопје, еднаш по земјотресот од 1963, беше поле на такви случувања и несомнено е потребно истото да се повтори. Скопје заслужува ваква шанса и можност!
Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Само прашај“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.
Автор: Мартин Ефремовски
Фотографии: Борис Јурмовски, Ноеми Чаусидис
Графички прилози: Ноеми Чаусидис, Љубен Трајаноски, Мартина Штериова, Мартин Ефремовски,
Лектура: Татјана Б. Ефтимоска
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Буњаковец / ДУП / Конкурс / Скопје / Урбанизам / Фабрика „Треска“ / Центар