МЕЃУГЕНЕРАЦИСКО СЕЛО ИНТЕГРИРАНО НА НАПУШТЕНИОТ ЛОКАЛИТЕТ НА ФАБРИКАТА „ТРЕСКА“ / Додов

Автор: Тијана Додов

Проект: Магистерска теза

Наслов: НОВ МОДЕЛ НА КОЛЕКТИВНО ДОМУВАЊЕ – МЕЃУГЕНЕРАЦИСКО СЕЛО ИНТЕГРИРАНО НА НАПУШТЕНИОТ ЛОКАЛИТЕТ НА ФАБРИКАТА „ТРЕСКА

Ментор: Проф. д-р. Виолета Бакалчев

Универзитет: „Универзитет Американ Колеџ“- Скопје, факултет за Архитектура и Дизајн

Година: 2023

 

Град Скопје, проблемски размислувања

Главниот град се повеќе се развива, но видливо е дека овој развој е не адекватен, туку токму спротивното, станува место во кое се живее сè понеквалитетно. Во последните две децении се случува „инвазија“ на постоечките градски квартови, а со тоа се променува и концептот на живеење.

Урбанизмот е оној кој ја создава иднината на еден град. Градот претставува жив организам кој е во постојан развој и промени. Секогаш треба да размислуваме како тој треба да се развива бидејќи сепак, градовите претставуваат необновливи ресурси.

Во Законот за урбанистичко планирање се вели дека „Во просторот опфатен со урбанистичките планови, јавен интерес е уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и зачувувањето на природните и културните вредности на просторот“, исто така и дека „се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон“.

 

 

Но дали ова се случува во Скопје?

Дали за градот Скопје важи изреката: „Без добар урбанизам нема добра архитектура“?

Во таа насока, во централното градско подрачје на градот Скопје се наоѓа напуштен индустриски комплекс на поранешната фабрика „Треска“, која локација би била соодветна за создавање на поливалентен комплекс за домување на стари лица и установа за згрижување на деца од предучилипшна возраст.

Но, истовремено се наметнуваат и следниве прашања:

  • Дали можеме и како да воспоставиме нов дијалог помеѓу две дискрепантно различни популациски групи?
  • Како ќе ја задржиме интимноста во просторот наменет за стари лица?
  • Дали интервенцијата во вакво влијателно јадро на градот ќе донесе бенефит во споредба со конкурсните предлог-решенија за оваа локација и Деталните урбанистички планови (ДУП)?
  • Дали со овој проект ќе покажеме дека Скопје може поинаку да се развива?

Оттука, овој магистерски труд има цел со урбанистичкото планирање на локацијата да даде нова програма со зелена површина наспроти дводецениското интензивно градење според деталните урбанистички планови и да се развие нов пристап за развојот на градот. Да се покаже дека не секоја локација треба да се изгради.

Затоа, кон оваа локација пристапивме со критичка мисла за тоа што значи индустриско наследство во центарот на главниот град, со визија за тоа дека може да биде нешто поинаку, нешто различно од секојдневното фрагментирање и окупирање на јавните простори.

Наместо да опишуваме единствена, статична архитектура преку зборови, како можеме да го изразиме ова поврзано искуство на просторите динамично преку наративи?

 

 

 

 

Темата на трудот, заедно со урбанистичкото планирање на локацијата би требало да резултираат со можност за нов пристап во архитектонското дизајнирање наспроти дводецениското интензивно градење според деталните урбанистички планови. Во таа насока, кога се размислува за ревитализација на овој простор треба да се покаже дека и нашиот главен град може да „дише“ и да биде современа метропола со примеси на традиционалнална архитектура и зачувување на историските простори и концепти.

 

 

Истовремено, со овој труд се очекува дека ќе се прикаже нов пристап во развојот на градот и создавање на прототип на објект кој ќе ја поттикне и стимулира меѓугенерациска солидарност помеѓу најстарите и најмалите со посебен просторен и социјален контекст, како и архитектонска синергија отелотворена преку заеднички објект за истите. Дополнително, севкупниот простор надополнет со парк-шума би требало да резултира со колективен производ за бројни активности за одмор и емотивна приврзаност на жителите на заедницата и надвор од истата.

 

 

 

Меѓугенерациско село 

Во изминативе декади, младите и постарите лица живеат во сè поразлични средини т.е. „целни“ микро-локации, согласно нивните потреби и можностите на заедницата и општеството. Оваа поделба во живеалиштето меѓу генерациите е пред сè поврзана со зголемувањето на негативните стереотипи кон стареењето. Во исто време, помладите, на кои им е потребно менторство и  грижа, ретко наоѓаат можност за дружење со постарите лица, учење и секако споделување емпатија со нив. Сè поголем број истражувања го истакнуваат т.н. меѓугенерациско програмирање, каде одреден сегмент се однесува и на дизајнирање на заеднички простори за лица од различни возрасни популации, но со заеднички тематски активности.

Овој магистерски труд имаше за цел  да истражи сценарија и стратегии за повторна употреба на напуштените индустрии, создавајќи нови зелени површини во урбани размери, нови простори што ќе служат на општеството и истовремено ќе го зачуваат идентитетот на просторот и градот. Дополнително, ќе опслужуваат и обединуваат две различни програми, различни генерации и нивни индивидуални и синергистички потреби, односно Детска градинка и Дом за згрижување на стари лица.

Затоа, основната идеја беше да се воспостави внимателен, меѓусебен однос помеѓу децата, возрасните и природата, каде таа има улога на трет воспитувач. Со цел природата да се поврзе со концептот на просторот, потребно беше да се најде локација која отелотворува спокојство, среде урбаниот хаос во градот Скопје.

Новите модели на меѓугенерациски програми како проблемско подрачје на овој магистерски труд беа дефинирани според проектантските стандарди во однос на потребите на специфичните популациски групи, но и согласно животниот стил на околната заедница.

Ваквиот пристап би резултирал со идејно решение кое претставува пример за интеграција на највозрасните лица што не можат самостојно да живеат, но и решение за воспитување и грижа на најмладата популација во насока на препознавање и почитување на човечките вредности, создавање чуства на емпатија и споделено учење.

Затоа, целта на овој труд беше да се создаде прототип на објект кој ќе ја поттикне и стимулира меѓугенерациска солидарност и тоа, помеѓу најстарите и најмладите лица, со тоа што ќе се овозможи посебен просторен и социјален контекст, како и архитектонска синергија отелотворена преку објект на Градинка со Дом за грижа на стари лица.

Оваа трансформација имаше за цел да ја елиминира стигмата околу стандардните Домови за згрижување на стари лица, нудејќи нови начини на дизајнирање за различност и социјална инклузивност, со цел да се воспостави меѓусебен однос помеѓу две сосема различни, а сепак толку слични генерации, каде што истите подеднакво влијаат една на друга.

Очекувањата се дека на ваков начин ќе им се овозможи на постарите лица секојдневна интеракција со најмладата популација, како и со нивните семејства и пријатели. Со тоа, постарите лица повеќе нема да бидат социјално изолирани и би се чувствувале корисни и продуктивни, односно општествено вклучени во предлогот за дизајн.

 

 

 

Концепт, форма и функционален опис

Линеарни блокови

Главна цел на проектот беше да се задржи постоечкиот концепт, чие историско значење го вреднуваме (дел од објектите на фабриката Треска,) да остане границата на локацијата  и врските (циркулацијата на сообраќај низ непречено кружење околу локацијата), истата да стане лесно пристапна и отворена кон околината (внатрешни улици, пристапни патеки) и да се внесат нови програми кои ќе кореспонираат на околните блокови.

Идејата на  проектот е односот на полно – празно да е што поголем; објектите да ја имаат минималната димензија за да може просторот што е можно повеќе да се искористи за отворени, зелени површини. За таа цел направени беа различни варијации во однос на сите содржини кои се потребни да се вметнат во интергенерациската програма и да се создаде минимален модул кој целосно би ги задоволувал потребите на соодветната дадена програма.

Модул

Димензиите на модулот се добиени од минималното просторно програмирање. Земени се во предвид сите програмски барања на секој од објектите и опсегот да плоштината на модулот.

Секој модул 6m x 6m  е засебен со способност да се мултиплицира бесконечно многу пати во зависност од програмата. Модулот претставува меко затворена ќелија со слободна површина која е ограничена, зависно од потребите на секоја програма. Така, јавните простори во секој од објектите се целосно отворени и се надоврзуваат на полу – приватните и приватните простори преку меки, замаглени граници.

 

 

Структура

Оваа ситуација на минимален пропусен опсег овозможува внатрешен простор со значителна големина, јавен простор во срцето на проектот, простор кој е полуотворен и поврзан со целата распространетост, смело претпоставувајќи двосмислена состојба, надворешност и внатрешност во исто време.

Блоковите со различни програми формираат правоаголник кој ја дефинира границата на целата локација. Линеарените форми со главни фасади во сите лица имаат иста завршна обработка. Зградата се затвора сама за себе, создавајќи пропустлива изградена лента, строго прилагодена на границите на парцелата бидејќи се подразбира дека регулаторните ограничувања се предмет на проектот.

Од таа гледна точка, предлогот се движи околу интересот за програми на интергенерациско домување и јавен простор, со што се развива потребата од генерирање колективни простори кои одговараат на сите барања за дружење. Преку овие урбани случувања се одредува одредена доза на посветеност за заштита на јавниот простор од проекти за колективно домување.

 

Фрагменти

 

Оживување на заборавеното Скопје

Ова идејно решение придонесува кон кревко негување и пристапување кон локацијата како архитектонски артефакт, споменик кој треба да говори за минатото на нашиот главен град.  Оттука, проектот би можел да има големо значење поради поврзувањето на изградените форми и урбаниот контекс, како и невидливата рамка која ја предлага самата локација.

Врз основа на резултатите од истражувањето, јасна е важноста на меѓугенерациската интеракција меѓу најмладата и највозрасната популација, имајќи во предвид дека  оваа интеракцијата ретко постои, бидејќи општеството тешко се прилагодува на заедници кои служат на драстично различни популациски групи.

Согледано беше дека во нашиот град не постојат заеднички програми кои би ги користеле децата и повозрасните лица. Во таа насока,проектот нуди можност за зајакнување на меѓугенерациските програми преку создавање на целина која содржи Детска градинка, Дом за згрижување на стари лица и простор за нивна социјализација. Дополнително, предложени се и јавни програми како студентски лаборатории, читални и места за забава со што би се зајакнал идентитетот на локацијата.

Оттука, со ова проектно решение се воведува нов концепт на колективното домување кој не постои во нашиот град што би резултирал со нова социјална динамика и интеракција на ова подрачје.

 

 

 

Врз основа на истражувањата на градот Скопје му се потребни нови зелени површини во централното подрачје, па оттука проектот нуди можност да се создаде структура која содржи минимално, просторно, меѓугенерациско програмирање, но и максимална зелена површина во јадрото на објектот. Имено, парк-шумата во центарот на објектот отелотворува „спокојство среде урбан хаос“.

Додека човечкото општество многу се промени со текот на времето, нашата потреба за заедница остана преовладувачка. Архитектурата е одраз на оваа потреба за заедница со нејзината способност да ги собере луѓето заедно со нејзината дефиниција за простор.

 

 

Во таа смисла, овој магистерски труд ја покажа можноста на дизајнирање простор за сместување на нова заедница, притоа задржувајги го идентитетот на старата програма.

Проектот ја потврди изреката: „ Без добар урбанизам нема добра архитектура“ и покажа дека нашиот град може поинаку да се развива.