Урбанистички проект – Алумина / Ивана Ангелова 2013
25.12.2014 • Студентски проекти
година: 2013
наслов: “Урбанистички проект локација Алумина”
тип: архитектонско-урбанистички потег
автор: Ивана Ангелова
ментор: проф. Јасмина Силјановска
За да се дојде до најскладна и функционална идеја за зададената дипломска тема “Урбанистички проект локација Алумина” најпрвин беше направено опсежно истражување на локацијата и нејзиниот потенцијал и се отворија и неколку прашања: Како преку архитектурата може да се оствари општествен напредок, имено: Kои намени треба да и се дадат на архитектурата за да се постигне таков напредок; Дали оваа локација може да одговори на овие потреби?.
Приказната се фокусира на разноликоста на социо-економскиот и етничкиот статус на граѓаните која создава хиерархиja и социјална стратификација, додека слепо продолжува да се занемаруваат оние општествени групи кои имаат егзистенцијална потреба и социјална помош. Еден од многуте начини да се посвети внимание на ранливоста на ваквите социјално оштетени групи, е да им се обезбеди урбан простор на кој што би се промовирала идејата за развој на граѓанската свест и капитал во урбаното градското ткиво како па како таква е избрана локацијата Алумина. Иако нејзината диспозиција карактерно се одликува со луксузитет како потенцијален атрибут, напротив таквата карактеристика го оправдува изборот за истата да биде искористена на сосема поинаков начин од веќе планираниот а со цел да се промовира диверзитетот.
Предлог решението за овој простор подразбира урбана наменска поделба проследена со социјален и економски баланс како и потенцијален капитален добиток. Подеднакво се застапени и двете основни намени, т.е. домување Програма на Влада и сервисни дејности, поткрепени со нивните компатибилни намени.
Според тоа проектот Алумина претставува еден тип на “урбанистички активизам” и треба да послужи како платформа за развој на граѓанската свест, наместо исклучиво да претставува генератор на профит со комерцијална намена.
Урбаниот зафат – локација Алумина се наоѓа во југоисточниот дел на општина Карпош, Скопје. На југ таа се граничи со собирната улица Митрополит Теодосиј Гологанов а на источната со булеварот 8ми Септември. Зададената локација се протега на површина од 3,93 Ха. Планскиот опфат во себе содржи 1 градежна парцела со намена лесна индустрија.
Локациската поставеност нуди брза и лесна поврзаност со централното градско ткиво и со јавните институции и паркови.
Според новопроектираната состојба локацијата се дели на две зони односно парцели. Поделбата е таква што парцелата на која лежи социјалната кула и нејзините компатибилни намени, односно пазарот и расадниокот и е во сопственост на владата на Р.М. Втората парцела каде што се наоѓа деловната кула и трактот од култура е во јавно-приватна сопственост остварена помеѓу владата и приватен инвеститор.
Зона 1 СОЦИЈАЛНО ДОМУВАЊЕ
Според годишната програма за изградба и одржување на станови во сопственост на Р.М. најмалку 25% од финансиските средства се наменуваат за социјално загрозени лица станбено необезбедени. Според нивниот план се предвидува изградба на еден објект од ваков тип во Скопје кој би чинел околку 5 мил. евра.
Кула за социјално домување Градењето во висина, како и новите типологии на станови со заеднички простори и отворени катови со зеленило нудат еден нов тип на станбено живеење во нашето општество. Оваа 30 катница која може да вдоми 344 граѓани е изведена од лесни префабрицирани монтажни елементи и бетонска безгредна конструкција со едно централно јадро. Обрнато е внимание и на самоодржливоста на кулата преку отворените зелени катови, вертикалните соларни панели на јужната и источната страна како и 6 лесни ветерници на кровот.
Мемориска кула Единствениот објект на локацијата оставен е да сведочи за минатото на локацијата.
Расади и пазар Расадите се пред се наменети за користење од страна на жителите на социјалната кула со што се нуди алтернативна можност за заработка и просперитет, а би се вработиле околу 20-30 луѓе.
Зона 2 СЕРВИСНИ ДЕЈНОСТИ
Преку соработка помеѓу владата и приватниот инвеститор оваа парцела има потенцијална економска добивка.
Препознаваќи го развојот на млади предприемништва како придонес за развој на општата економска состојба во државата, а притоа недоволно развиен кај нас, доведува до тоа да се појави ваков тип на објект на локацијата.
Деловна кула Во сепарираните волумени од кулата сместени простори за невладини организации и платформи, бизнис инкубатор, технолошки парк како и станови под наем. Овде социјалните случаеви би добивале бесплатни професионални обуки и консултации. Сите предприемништа се поттикнати да вршат одржливи и еко бизниси, изнаоѓајки креативни начини за економски исплатливи сценарија кои не го нарушуваат природниот баланс. Конструкцијата е челична со централно бетонско јадро во кое се сместени комуникациите а фадата стаклена. И кај оваа кула има отворени катови погодни за разни социјални собири.
Култура и наука Трактот е распространет низ паркот и е од отворен тип, а во него се сместени 3 отворени павилјони, 2 мултимедијални ѕида , театрално седење со бина и ЕКО истражувачки центар. Во трактот може да се гледаат филмови, изложби, да се водат дебати и чита поезија, да се свири музика..
Спорт и рекреација Повеќенаменското игралиште и тениското локациски се надоврзуваат на соседните игралиштата на север. Тие се отворени и наменети за сите посетители на паркот. Двете водени плитки површини во паркот во зимскиот периот може да се користат како лизгалишта.
Автор на статија: Filip Koneski