Урбанизација на Старата скопска чаршија / 2 дел
29.04.2020 • Урбанизам
Урбанистичкиот план за Старата скопска чаршија е направен во текот на 1967 година. Главната задача на планот е интегрирањето на новиот град со неговото старо јадро, крајно стопирање на деградирањето на јадрото и дефинирање на неговите граници.
Задачата за истото била доверена на тогашниот Завод за урбанизам и архитектура на град Скопје, кој пред неколку години целосно изгоре, заедно со архивската граѓа.
Планот имал за цел да ги експонира квалитетите на комплексот и да предложи решение за негова санација и реконструкција. Тој претставувал комплетна урбанистичка студија за изготвување на конкретна архитектонска документација за реализација на поставените идеи.
Во планот чаршијата е третирана како една целина и проектирана во скалд со урбанистичко-архитектонските принципи за решавање на стари структури во еден нов и современ град. Таа е дефинирана по својата вредност и ангажираност на:
– урбанистички целини кои целосно се задржуваат;
-површини за изградба на нови објекти;
-комплекси за реставрација и рекоснтрукција;
-културно историски споменици;
-археолошки остатоци;
-плоштади и зелени површини;
-улична мрежа и комунални инсталации.
Оживувањето на функциите на просторот е основната задача на планот, преку примена на принципите на реконструкција, реставрација, реституција. Се размислувало на некои структури да им се даде нова функција со цел нивно анимирање и интеграција.
Сателитска снима / Google earth
Општата тенденција била да се предвиди рамномерен развој на занаетите, наместо наметнување на голем трговски простор по обем на работа. Затоа е извршено зонирање на занаетите и дефинирање еснафски чаршии, што се сметало дека ќе придонесе и за туристичката атрактивност.
„Предлозите за архитектонско оформување на блоковите, плоштадите и амбиеталните целини се документирани со бројни архитектонски пирлози, со цел што е можно подобро технички да се прецизираат прокламираните принципи. Дадени се предлози за поврзување на старото и новото, за изградба на нови комплекси што ќе бидат во тесна врска со наследената архитектура и за архитектонско-урбанистичко оформување на поголеми амбиетални целини (плоштад пред Чифте амам) со бројни архитектонски прилози и детали на партерна пластика.“ – Арсовски
Плоштад „Чифте Амам“
Сообраќајно чаршијата станува пешачка зона, која помеѓу себе дефинира блокови. Мрежата на улици е решена како поплочена површина со проширувања кај постојните плоштадни делови, со идеја лесен пристап и активно користење.
ЗОНСКИ ПЛАН
Со истиот се дефинира општата и деталната организациска поставеност. Во него се зонирани основните функционални групации со максимална распространетост.
„Тој има за цел со смислена организација на разнородните функции со различна територијална застапеност да обезбеди изградба на еден композиционо и животно добро организиран активен простор“-Арсовски
КОМПОЗИЦИОНЕН ПЛАН
Преку посебно спроведен третман се нагласиле урбанистичката и архитектонската вредност на одредени функционално амбиеталните целини. Блоковите се обработувале како единки и се поставиле во одредена рамнотежа со другите целини. Групациите како што се занаетчиството, трговијата, угостителството и културно-историските просторни целини се во меѓусебна зависност, во единствен архитектонско-урбанистички манир.
ВИСИНСКИ ПЛАН
Се дефинираат висините на блоковите, и што е она кое се појавува како слика – разиграност преку керамидните кровови
ДЕТАЛЕН УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН
Предвидува изградба, рекоснтрукција и реставрација на вкупно 84,463 м2 и тоа:
- Занаетчиство 18.086 м2;
- Трговија 25.403 м2;
- Угостителство 5.265м2;
- Администрација 7.233 м2;
- Пазаришта 14.000 м2;
- Други дејности 12.477 м2
Реконструкција и адаптација на историски споменици:
1. Капан Ан 1.086 м2
2. Чифте амам 1.056м2
3. Сули-ан 2.101 м2
4. Безистен 775 м2
Изградба на нови комплекси во чаршијата на чистите површини:
1. Комплекс на ул. „ Караорман“ 2.025м2;
2. Комплекс на ул. „Стив Наумов“ 1.166 м2;
3. Комплекс на ул. „ 116“ ( Куршумли ан) 892 м2;
4. Комплекс кај . „ Араста џамија“ 2.400 м2;
5. Комплекс кај „ Св. Спас“ 573 м2;
6. Комплекс на ул. „ Илинденска“ 6.560 м2
Вкупно новоизграден простор: 13.616 m2
Стоковна куќа „МОСТ“ – Тихомир Арсовски
За реконтструкцијата и реставрацијата на комплексите на старите дуќани се предвидело детална техничка документација.
Во годините кои следеле се случуваат одредени промени, но во поголемиот дел – планот е реализиран.
Користени извори: „ Стара скопска чаршија“ – Тихомир Арсовски 1971
Автор на статија: Filip Koneski
архитектонско-урбанистички проект / постземјотресна обнова / стара скопска чаршија / Урбанистички план