УЗУРПИРАНИ ПОГЛЕДИ / СЛУЧАЈ 1 : СКОПСКАТА ТВРДИНА И МСУ
Урбанизмот последните 30 години е сага на македонското општество. Нема сегмент во кој не разочара и се чини дека е вртлог кој ја носи професијата во целосен интелектуален мрак. Описливоста во изразувањето е само пригушувач на тешките зборови кои вистински се кријат зад впечатокот на безнадежност од секојдневните неброени примери на бесрамност во делувањето.
За македонскиот урбанизам на срамот, нема разлика во просторот дали се работи за градителско наследство, археологија, споменични целини, без евалуација на вредноста на објекти со посебен карактер. Имаме слепи правилници и колеги со лесна рака да потпишат се што се побарува од нив. Едноставно речено – урбанизам без почит кон никого.
Најголеми симболи на Скопје се реката Вардар, Камениот мост и Скопската тврдина, кои скоро еден век опстојуваат на грбот на градот.
Со државната интервенција во центарот на Скопје, се изврши директен упад врз овие симболи, на многу јавни простори, државни земјишта, на објекти значајни како градителско наследство, културно историски целини.
Скопската тврдина, позната како Кале, претставува градска доминанта. Таа во симбиоза со нејзиното подградие, реката и Камениот мост образуваат идентитет на кој му беше потребен посебен пристап, секако добиен на конкурс. Но ние добивме објекти кои ја загрозија оваа препознатлива силуета. Целосно реализирани и активни се три објекти, додека во моментов се реализира четвртиот.
Кога говориме за Кале, треба да знаеме дека тоа е врзано како силуета со целиот рид кој се протега до Криви Дол, а потоа продолжува со Касарната Илинден. Со тврдината, на соодветно растојание се надоврзува МСУ и претставува нераскинлив дел од општиот впечаток.
Разликата меѓу достојниот урбанизам и узурпаторскиот е видлива и лесно воочлива на терен. Во овој дел на градот се до проектот Скопје 2014та, се почитувале габаритот и височините кои не ја засенуваат тврдината.
Најголемото разочарување е што овие објекти се на државно земјиште и се во сопственост на Македонија ( едниот скоро отуѓен ). Значи директно менторство и идеја на државата. Се работи за:
- Катната гаража спроти објектот на Македонскиот Народен Театар;
- Административен објект на Водовод и канализација;
- Административен објект на Град Скопје, сега веќе ЕВН.
Архитектонската вредност на овие објекти не е тема на ова пишување, туку нивниот габарит и височина, позиција во просторот и намената – тоа што го уредува урбанизмот.
На истиот потег се наоѓаат и следните објекти, изградени во минатото:
- Куќата на познатиот македонски сликар Лазар Личеновски;
- Царинска управа
- Спортска медицина
Разликата помеѓу оние кои веќе биле таму и оние кои се реализирани по 2012 година укажува на игнорантскиот однос на објектите од последната декада, прикривајќи го еден од најатрактивните погледи кон тврдината. Воедно тие не го пратат ниту фронтот на соседните објекти, кој се одржува низ изминатиот век.
Надминатоста на потребните пропорции е пробиена најмалку двојно и за тоа не е потребна посебна стручна спрема за да го забележиме. Пристапот е целосно погрешен.
Скопската тврдина пред интервенциите од 2012 година / Фотографија превземена од Exploring Macedonia/ Georgi Nik Flickr
За да се дојде до вистинската пропорција на нови објекти под вака значаен простор, кој е своевиден акропол за градот, треба да се ослободи визурата како не би се изгубил овој значаен поглед.
Деталниот урбанистички план за дел од спортско – рекративниот центар „Кале“ блок 2 (2012-2017 година), кој е достапен на страната на Општина Центар, предвидува неколку нови објекти во редот, од кој еден тековно ги покажува своите негативни последици кон целокупната атмосфера.
Извадок од ДУП
Планот претставува пресеци низ локацијата, но многу умешно го избегнува ридот и случувањата над истиот со што би се увидела неговата инвазија над се што постои.
Пресек низ локација од споменатиот ДУП
Го земавме како пример овој пресек, но го дополнивме со тоа што недостасува како би ви презентирале, на што здраворазумниот урбанизам би требало да внимава. Позицијата е од спроти во ниското корито на Вардар, од каде треба да се проектира погледот т.е визурата кон хоризонтот над ридот.
Од приложеното лесно се увидува колку новиот објект се испречува помеѓу набљудувачот и Музејот на современа уметност. Во исто време, соседниот објект е во мрак поради ориентацијата и надвишувањето на југ.
Значењето на МСУ е значајно од секаков аспект. Да се скрие овој објект на ваков начин покажува за ниското ниво на култура и свесност, баш од оние кои треба да придонесат за организираност и напредок на општеството – власта и планерите.
Сега овие погледи се приватизирани, за одбрани корисници во овие објекти, притоа одземајќи ја нивната суштина да бдеат над градот.
Новиот објект го блокира погледот кон МСУ
Целото доживување кое беше овозможено долж рекреативната патека по кејот на реката Вардар, полека заминува во спомените. Укинувањето на мораториумот во Општина Центар сега веќе ја отвори вратата кон понатамошното реализирање на останатите објекти.
Движејќи се во правец од запад кон исток можете да ја забележите целата тага на подградието на скопскиот акропол:
Мораториумот се покажа како недоволно продуктивен од аспект на тоа што не се отвори широка и гласна дебата за промена на сите спорни закони, правилници. Ја пропушти можноста да покаже преку јавни конкурси што можеше да се случи на тие простори, од едукативни причини за јавноста. Граѓаните немаат прилика да видат каков потенцијал имаат овие простори и расудуваат од позиција на -„немаше ништо, сега има нешто, сепак се гради“. Преку тие конкурси и широки дебати, ќе можевме полесно да пресудиме за сликата на возможното враќање наназад, можеби трансформација.
Интересно е како планерите и општината внимавала повеќе на височините кога продолжуваме по потегот, долж Вардар но овој пат во делот под Американската амбасада.
Страшен е односот кој го презентираме кон себе и своето градителско наследство, но сме политички коректни во геостратешката агенда кон толку посакуваното меѓународно друштво. Недостојни кон себе, но широки за останатите, што е една психолошка состојба на политиката во Македонија, а која гледаме дека се одразува во сите полиња ( архитектурата и урбанизмот ).
Доколку светот ги имаше македонските закони и правилници, секако и лесната рака на урбанистите и архитектонски необразованите локални власти, можеме да замислиме што ќе ги снајдеше Атина и Париз, со нивните најпознати одбележја!
Атина како „македонски град“ / монтажа: Н.Чаусидис
Париз како „македонски град“ / монтажа: Н.Чаусидис
МИНАТО СВРШЕНО ВРЕМЕ
Овој простор под скопската тврдина има проблем и во намената на функции кои се остварија и пред 2012 година.
Инзвонредната архитектура на објектот на „Спортска медицина“ и неговата функција е во контекст на комплексот спортски содржини, како спортската сала „Кале“, лизгалиштето, базенот „Плаја Виста“ итн. Објектот е единствен во низата кој од секаков аспект размислува за своето вклопување во просторот, печат на времето и ненаметливоста. Значи неговата функција има припадност кон се што се случува западно од него. За овој простор исто постои потребата да се размисли неговото реактивирање, бидејќи е запуштена целина, но тоа е засебна тема.
Меѓутоа соседниот блок, преку уличката, да се предвиди за објект на Водовод и Канализација, наместо јавна градска функција е пропуштена можност за Скопје. И покрај постоењето на бараките на „Водовод и канализација “ на овој простор, сепак требаше визионерски да се погледне на неговата атрактивност, додека за административниот објект требаше да се побара друга локација.
ЛИЧНИ ВИДУВАЊА
Вака значаен простор во центарот на градот на работ од градскиот кастел, во живописна релјефна позиција меѓу ридот и реката, требаше да добие сериозна јавна намена, плато со скулпторален објект од отворен карактер (павилјон, музеј, експо простор и сл.) – нов реперен простор во Скопје. Некогаш тука постоела и салата на скопскиот саем пред земјотресот, што е еден урбанистички мемориски код кој можеше да продолжи во духот на изложувањето, но овој пат насочен кон уметноста.
Од ова плато требаше да се изваја врската со горното плато меѓу тврдината и Музејот на современа уметност и да се формира обрачот околу Калето, од кој се пристапува кон различни делови на градот. Скопје има сериозен потенцијал, но тоа луѓето кој го водат не го забележуваат и не ја разбираат потребата овие проекти да се реализираат низ стратегиски план во повеќе години, што значи и вон нивните мандати.
Потенцијалот на поврзувањето и значајноста на просторот
Како паралела на идејата и контекстот, ќе го посочиме новиот музеј на Акрополот во Атина, Грција и неговата поставеност.
Музејот на Акрополот
Ова отворено плато, на среде објект со јавна и културна намена ќе дефинираше едно космополитско Скопје, кое се вреднува себе, без потценување. Една реперна точка на пресретнување, настани, меѓународна раскрсница за презентирање на високо квалитетни изложби и достигнувања – експо зона.
Долу тремско отворен јавен простор, горе галерија како балкон над Вардар, над него зелена коктел тераса со амфитеатар под ѕидините на скопската тврдина.
Дополнителен капацитет за истражување се и самите скривници во ридот кои можеа да добијат интересни функции.
Лични видувања за просторот
Или можеби Археолошки музеј, кој ќе се втопеше под градскиот кастел, формирајќи музејска четворка околу бедемите.
Анализа на визуелни можности – Монтажа на сегмент од Музејот под Акрополот во Атина / Оригинална фотографија превземена од Exploring Macedonia/ Georgi Nik Flickr
По којзнае кој пат, доаѓаме до заклучокот дека, визиите за јавниот простор, за градот како ткиво мора да се бараат на соодветни архитектонско – урбанистички конкурси во повеќе чекори. Тоа е единствената можност да се увиди до каде сме способни за визионерство, да покажеме почит кон просторот, да се отвориме за високите вредности.
Се останато е стерилно реализирање на летаргични урбанистички планови и црпење на последните просторни ресурси за просечното и подпросечното.
Автор на статија: Filip Koneski
Визури / кале / Погледи / Скопје / Скопска тврдина