„Вила за современо домување“ на тимот Димитриевска, Пазарџиевска е добитник на Големата годишна награда

Вчера во 19:00 часот, во просториите на Чифте Амам, свечено беше доделена Големата годишна награда за најуспешно реализирано дело за 2022 година.

 

 

Во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, под покровителство на Претседателот на Р.С. Македонија и поддршка на Македонската авторска агенција, настанот започна со пригодните говори. Прв се обрати Претседателот на ААМ, проф. Мишко Ралев, кој меѓудругото проговори за делувањето на асоцијацијата низ годините, предизвиците и желбите за новата 2023 година.

 

 

 

Претседателот на комисијата за доделување на Големата годишна награда на ААМ, Нина Карангелеска Тодоровска го презентираше записникот за сите пристигнати трудови и коментарите за секој од конкурентите пооделно, по што следеше обраќањето на Претседателот на Македонија, г-дин Стево Пендаровски.

 

 

Големата годишна награда ја доби објектот „Вила за современо домување“ на тимот  Марија Димитриевска и Елена Пазарџиевска (  Проектантска организација Архитектура Нова)  за кој комисијата во состав:  Проф. д-р Мартин Гулески, д.и.а. (член на Академија при ААМ) Нина Карангелеска Тодоровска, д.и.а. Претседател на комисија (член на ААМ), Јана Гугулоска Ѓорѓевиќ, д.и.а. (член УО на ААМ)  М-р Филип Конески, д.и.а. (член на ААМ), Никола Томевски, д.и.а. (член на ААМ) образложи:

„Проектот „Вила за современо домување“, во викенд населбата на велешко езеро Младост претставува објект со чиста, ненаметлива композиција и поставеност, каде е очигледно дека чистината и едноставноста биле и крајна цел на проектантите.

 

 

Вилата е успешно вклопена на теренот и во својот природен контекст, при тоа максимално искористувајќи ги потенцијалите на своето опкружување. Забележани се квалитети и во функционалното решение, но дадена е забелешка за употребените материјали. Во надворешното обликувани употребени се скромни материјали и технологии, што од една страна може да се прочита како недостаток, но од друга може да се причита и како јасна тенденција на архитектот за ненаметлива појавност на објектот.“

 

 

Честитки до наградените. Им посакуваме и понатаму успешно делување во светот на архитектурата!

 

Фотографии: Борис Јурмовски,  fb страна на Претседателот Стево Пендаровски