Визии за просторен развој на Град Скопје – финални проекти и изложба

Додека планерите го изготвуваат новиот ГУП за Скопје, група студенти имаа за задача да подготват визии за неговиот просторен развој. Овие проекти беа работени како дел од предметот Урбанистичко обликување 2, на Архитектонскиот Факултет при УКИМ.

Студентските визии може да ги погледнете на изложбата во  Скопската жива градска лабораторија (SKULL) се до 31 март. А денес, ви даваме еден краток вовед на темата преку разговор со раководителот на предметот вонр. проф. д-р Дивна Пенчиќ.

 

„Предметот има за цел да им обезбеди на студентите пристап до знаењата неопходни за обликување на типични урбани простори во кои со примената на различни морфотиполошки решенија се добиваат различни видови на архитектонски амбиенти“, вели професор Пенчиќ.  Таа потенцира дела цел на предметната програма е студентите да совладеат со знаењето за разликување и употребата на различните типови од урбаната морфотипологија во реални градски ситуации кои се дефинирани како плански детерминирани наменски зони, јавни простори и специјални урбани ансамбли.

Веќе неколку години менторите  на предметот подготвуваат вакви студентски задачи за низа градови низ Македонија: Куманово, Кавадарци, Кочани и Кратово. Секогаш станува збор за урбанистички визии и секогаш предметот се одвива во блиска соработка со локалната самоуправа и градското население.

Оваа традиција на предметот Урбанистчко обликување 2, е исклучително важна во период кога недостатокот на визии и општо размислувањето на подолг план, е тоа што најмногу го осакатува нашиот урбанизам.

 

 

 

 

 

 

Во учебната 2020/2021 год., предмет на интерес беше изработка на визии, стратегии и проекти за Град Скопје.

„Имајќи предвид дека Градот Скопје се наоѓа пред голем предизвик каков што е изработка на Генерален урбанистички план за периодот од 2022-2032 година, сметавме дека студентите по архитектура, со своите идеи, би можеле да допринесат за креирање визии, кои понатаму ќе поттикната изработка на стратегии за просторен развој, како и предлози кои локации и какви проекти треба да имаат приоритет“, објаснува проф. Пенчиќ.

Според неа студентските задачи претставуваат богатство на идеи и можности за градот Скопје, и ги кристализираат потребите и очекувањата на младите луѓе за просторниот развој на градот. Таа напоменува дека студентите се од цела Македонија и го доживуваат градот од различни појдовни точки: како жители, како студенти кои борават во градот подолго, но и како идни корисници за разни потреби.

 

 

 

 

 

 

Во задачата учествуваа 90 студенти, кои подготвија 18 визии и стратегии и 20 подетални предлози за конкретни локации со низа комплексни програми.  Тие ги презентираа нивните проекти преку отворен онлајн настан на кој присуствуваа Градоначалникот и останати претставници од Општина Град Скопје, Деканот и дел од професорите на Архитектонскиот Факултет – Скопје, како и членови на невладиниот сектор и останати локални граѓани.

 

По презентацијата на финалните проекти, воочивме колку тие успешно ги идентификувале неразвиените потенцијалите на Скопје:

  • реките, и тоа не само Вардар, како нова зелена инфраструктура;
  • богатото културно наследство на градот;
  • пери-урбаните подрачја како можност за одржливо користење на земјиштето;
  • железницата и мултимодалниот транспорт;
  • девастираните фабрички комплекси, но и друго запуштено градско земјиште;

Ако ги погледнеме сите проекти заедно, согледуваме дека листата на вакви места е навистина голема. А уште повеќе, нивните предлози, дел од кои навистина се изводливи, ни покажуваат колку поубав град, Скопје би можел да биде.

„Креираните визии, создадоа еден сет на можни насоки за иден просторен развој на Градот Скопје и во многу нешта можат да помогнат на локалната самоуправа во изработка на новиот Генерален урбанистички план за Скопје за периодот 2022-2032 година“, вели проф. Пенчиќ.

 

 

 

 

 

 

За крај уште еднаш ве покануваме да ја погледнете изложбата „ВИЗИИ ЗА ПРОСТОРЕН РАЗВОЈ НА ГРАДОТ СКОПЈЕ“ која е реализирана во соработка со Град Скопје, Архитектонскиот факултет при УКИМ и е во непосредна организација на Скопската жива градска лабораторија (SKULL).

На заинтересираните посетители ќе им биде претставена и публикацијата „ОТВОРЕНА ВРАТА“ СКОПСКА ЖИВА ГРАДСКА ЛАБОРАТОРИЈА издадена од Архитектонски факултет, Универзитет Св Кирил и Методиј Скопје, продукт на повеќегодишната тимска работа на SKULL во рамки на меѓународниот проект ROCK на градот Скопје.

Сите информации за изложбата може да ги најдете на профилот на Скопската жива градска лабораторија (SKULL).

 

 

Извор на фотографии од изложбата: Град Скопје