Влезна партија со натстреа на Градска уметничка галерија – Струмица / Вектор 90

Проектантски тим:  “Вектор 90” – Струмица

Година на проектирање:  2020

Година на изведба: 2021

Локација: Плоштад „Гоце Делчев” – Струмица

Еден урбан простор е предмет на постојан развој и промени, кои го менуваат начинот на неговото користење и перцепцијата која корисниците ја имаат кон него. Спротивно од големите интервенции, малите (микро) интервенции исто ја имаат моќта да трансформираат целосно едно катче во постојната урбана структура.

Проектанскиот тим на „Вектор 90“ успева во реализирање на една ваква „микро“ интервенција за влезот во уметничката галерија лоцирана на главниот плоштад во Струмица „Гоце Делчев” наспроти Центарот за култура „Антон Панов“. Преку еден „хирушки“ пристап проектот успева да го актуализира влезот во галеријата кој пред тоа е невидлив и неатактривен за јавноста, но притоа не наметнувајќи се на околината туку постанувајќи еден новa форма.

Подолу можете да го прочитате објаснувањето на проектантите:

Просторот кој беше предмет на овој проект е изграден како градска скривница под плоштадот “Гоце Делчев” во Струмица. Во текот на неговата експлоатација, со изведбата на плоштадот и подземната сообраќајница која минува во негова непосредна близина изменети се и состојбите околу него

Просторот е денивелиран во однос на плоштадот и пристапот до него е овозможен преку надворешни скали од северната страна свртени кон споменикот “Гоце Делчев”, како и пристапна рампа на јужната страна преку која се пристапува и кон останатите содржини на скривницата.

Со пренамената на просторот во уметничка галерија се наметна потребата од креирање на маркантна архитектонска форма која покрај тоа што ќе ја врши својата примарна функција воедно ќе биде и одраз на новата намена на просторот.

Појдовната идеја беше да се создаде скулптурална фигура која ќе ги следи наметантите правци на веќе изградената структура, која нема да доминира во однос на околината но сепак ќе биде доволно смела за да привлече внимание и да го охрабри посетителот за влез во светот на уметноста. Од тие причини проектантскиот зафат го опфаќа делот над пристапните скали и влезот во галеријата, бочниот ѕид како и дел над покривната плоча на објектот.

Проектирана е просторна конструкција со која освен наткривањето на влезот, визуелно се одделува влезниот дел од пешачката патека покрај него.

Во процесот на обмислување на формата, битен сегмент беше и изборот на фасаден материјал кој најдобро ќе ја презентира функцијата на објектот, ќе се вклопи во околината а сепак ќе провоцира.

Па така, објектот е обложен со панели од пенаст алуминиум (aluminium foam) со различна перфорација на структурата.  Делот од фасдата која го обложува ѕидот покрај пешачката патека, кровот како и задниот дел од објектот е изведен со панели со поситна перфорирана структура, додека делот кој се спушта кон влезот на галеријата и облогата кај таванот се изведени од панели со покрупна перфорација.