„Егејските згради“ – Буњаковец / 1951
22.07.2024 • Информации Урбанизам ХХ век / I половина
Проектант: Непознат
Година: 1951
Локација: Ул. Борка Талевски и ул. Рајко Жинзифов
Веднаш по завршувањето на Втората Светска војна во Скопје и Македонија започнуваат да се градат голем број на станбени згради за колективно домување. Во тој период никнуваат населбите како Карпош 1, Пролет и Автокоманда со објекти од ниска градба најмногу до четири ката, поставени во групи.
Веднаш до Железничката Колонија на Михаил Дворников, која е можеби еден од најмаркантните примери на колективно домување во Скопје, можеме да пронајдеме еден многу интересен пример станбени згради во центарот на Скопје. Подигнати во 1951 година, според жителите во зградата за бегалците од Граѓанската војна во Грција (1946-49) зградите се одликуваат со два волумени поставени нормално еден на друг со мало поместување на спојот каде се создава поблаг агол.
Објектите се вовлечени во парцелата околу 6 метри, со што се создава една природна бариера и интимност помеѓу жителите и градот, дополнително помогната од зеленилото кое се наоѓа во таа зона. Волумените се 10 метри широки и 35 метри долги во која има 2 влеза со по 4 станбени единици. Вкупно во целиот комплекс има 16 станбени единици. Оваа мала густина заедно со поставеноста на објектите допринесува за интимното и мирното чувство на објектите, покрај тоа што истите се наоѓаат во строгиот центар на Скопје.
Обликувањето произлегува од функцијата на зградите, и ги следи сите тенденции на модернизмот од 50ти години. Сите елементи кои се користени во објектите имаат своја функција.
Сѐ е решено на еден крајно функционален начин и материјали.
Највпечатливиот елемент на објектите се влезовите и скалишните јадра обработени со префабрикувани кружни отвори, елемент кој е повторен во влезните дрвени врати. Впечатливо е дена во целиот објект сеуште се присутни сите оригинални елементи, што е многу исклучително. Внатрешната диспозиција го следи функционалното решение. Сите единици имаат подрум кои е подигнат за да овозможи светлосни отвори, решение кое овозможува високо приземје.
Традиционалното решение на кровот овозможува сите станбени единици да имаат и тавани кои се користат за остава и складирање. Низ целата предна фасада доминираат скалишните јадра и терасите кои се по целата должина на станбените единици каде што се сместени главните простории за боравење.
Фасадната обработка е со природен цементен малтер, додека вовлечениот елемент на становите има светло жолта боја, која придонесува за лесноста на фасадата. Економските простории се наоѓаат во задниот дел на зградите, со поделен тоалет и бања, како и кујната која има и шпајз.
Исклучителните квалитети на овие објекти за жал не забележани од Општина Центар која на нивно место има предвидено маркица од П+7 и висина до 25 метри.
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Егејски згради / Културно наследство / Модернизам / Скопје / Урбана морфологија