ВРАТЕНА ПОРАКАТА НА ЈОСИП БРОЗ ТИТО НА ИСТОЧНАТА СТРАНА НА МУЗЕЈОТ НА ГРАД СКОПЈЕ

Фотографии: град Скопје, насловно фото: Филип Конески

Извор: Град Скопје

Официјално соопштение на град Скопје:

„Во рамки на одбележувањето на 55 годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, под мотото „Солидарноста се враќа дома“, вчера свечено беше одбележано враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје.

Станува збор за пораката која претседателот на СФРЈ ја кажал на 27 јули 1963, ден по катастрофалниот земјотрес, и која гласи: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница. Тоа ќе стане симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

На вчерашната манифестација се обрати и градоначалникот на Скопје Шилегов.

– Пораката која долго сведочеше за солидарноста што Скопје ја доби од светот и беше препознатлив нераскинлив дел од Музејот од денес повторно се враќа на своето место. Овој настан симболично наречен „Солидарноста се враќа дома“, ќе биде проследен со повеќе активности во Музејот на град Скопје со кои уште еднаш ќе потсетиме на хуманоста и солидарноста со кои Скопје успеа релативно брзо повторно да светне со сиот свој сјај. Тоа им го должиме на сите хумани луѓе кои со својата несебична поддршка им помагаа на скопјани во тешките моменти по земјотресот. Тоа му го должиме и на Торвалд Столтенберг почесниот граѓанин на Скопје, човекот кој ја координираше хуманитарната акција на Норвешкиот Црвен Крст наменета за нашиот град. Затоа пред 10 години Столтенберг беше прогласен за почесен граѓанин на Скопје и затоа денес најмалку што можеме да направиме во негова чест е некоја улица во Скопје да го носи неговото име. Не смееме да ги заборавиме овие луѓе. Немаме право на тоа. Должни сме да го негуваме споменот на нивната солидарност и со враќањето на пораката на Тито го правиме токму тоа – им се оддолжуваме за се што направија за нас пред 55 години, во најтешките моменти во современата историја на нашиот град – кажа градоначалникот Шилегов.

Шилегов во своето обраќање се осврна и кон урбаниот развој на Скопје и новите концепти и планови за неговата понатамошна еволуција.

 

– Ова ќе биде добра прилика да покажеме дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина. Во таа насока дозволете ми да го најавам и новиот концепт, концептот наречен Скопје Урбан Центар. Овој концепт има за цел да го отвори градот за граѓаните, да ја анимира и обедини примарно стручната, но и пошироката јавност околу граѓанските вредности и квалитетот на живот кои сакаме да ги поставиме заедно. Во овој концепт императивно ја вклучуваме и Асоцијацијата на архитекти на Македонија која последнава деценија беше целосно исклучена од урбаното планирање на градот. Скопје Урбан Центар по издигнувањето на ниво на широка стручна платформа има за цел да работи на урбанизацијата на 10-тина нови локации на северниот прстен на градот кои ќе го намалат притисокот на урбанизацијата на јужниот дел и ќе придонесат Скопје да го претвориме во горда престолнина на идната членка на ЕУ и НАТО – додаде Шилегов.

Во рамки на овогодинешното одбележување на годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, која се одржува под мотото „Зборува Скопје“, наредниве денови ќе се организираат голем број на активности и настани.

„Зборува Скопје“ ги повикува граѓаните заедно да ги проследиме настаните и да упатиме порака дека не сме ја заборавиле поддршката што пред 55 години ја добивме од целиот свет и дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина.“

Покрај позитивните коментари кои ја пратеа оваа иницијатива, после нејзиното реализирање на социјалните мрежи се појавија и првите  негативни. Тема на критика беа грешките во интерпукциските знаци, со што се менува оригиналноста на пораката, потоа за промената на оригиналниот фонт, како и обвинувањата за лошата изведба.

Filip Koneski