За градското зеленило (1): Слободниот простор пред раб на исчезнување

Кога говориме за Скопје и зеленилото во градот, првите асоцијации нѐ насочуваат кон два главни поими, тоа се Градскиот Парк и Парк-шумата Водно.  На оваа листа повеќето од нас најверојатно би ги допишале и другите поголеми паркови, како парк-шумата Гази Баба, Спортско-рекреативниот центар во Сарај, езерото Треска. Но, малкумина би се сетиле дека најважниот градски белег на Скопједолж целата тертиторијана градот се, всушност, дрворедите.

 

Дрвореди долж кејот  на р. Вардар зад Владата на Р.М  2020 год.

 

Скопје беше еден од најзелените европски градови, во контекст на булеварското вертикално зеленило (дрворедите). За таквото уредување значајно придонесе постземјотресната обнова, во која градот лесно влечеше потези не запирајќи се од постоечката состојба. Тоа е период на урбанизмот под влијание на доцниот модернизам и постмодернизам, каде што отвореноста на просторот е примарна. Но придонесот кон зелените потези го имаат и плановите пред ’63-та, каде што исто така дрворедите беа планирани долж секоја улица.

 

Ул. Илинденска / 50-тите години на XX век / DECLAMPE.net

 

Овој белег, за жал, низ годините сѐ повеќе исчезнува, од нам веќе добро познатите, урбанистички незрели планови на транзицијата. Како платформа за промоција на домашната сцена, МАРХ укажува во континуитет на овие случувања, бидејќи нашиот менталитет на бавно учење и освестување во сите сфери на живеењето не дозволува да застанеме. Во периодот којшто следи треба да бидеме уште погласни, бидејќи основниот ресурс за развој на градско зеленило е пред работ на исчезнувањето – тоа е  слободниот простор.

 

До 90-тите и оттогаш наваму

До каде сме отидени со нашата урбанистичка мизерија, можеме најсликовито да си објасниме преку паралелата меѓу времето до 90-тите години на XX век и оттогаш наваму. Впрочем, сите гореспоменати асоцијации на зеленилото на градот се дефинирани во минатото.

 

 

Од 90-тите години на XX  век до денес, ние не успеавме да создадеме ниту еден нов белег на градот од ваков карактер. Тука зборуваме за градски парк или парк-шума, изоставајќи го Водно како издвоен и засебен случај по сите параметри, т.е неповторлив и неспоредлив.

Сѐ што успеавме да видиме досега се локални форми на парк, кои се реновираат со секоја следна власт поради неодржувањето и дотраената урбана опрема. Постоењето на малите паркови е исклучително значајно од микролокациски аспект, но во контекстот на град престолнина, густината на населението, потребно е многу повеќе. Кога ќе споредиме колку е зголемен градежниот фонд во облик на развиена станбена и деловна површина, а притоа се трајно изгубени слободни простори и преостанат е неспоредливо мал број нови квадрати зелена површина, остануваме поразени.

Што загубивме?

Во реaлизацијата на урбанистичките планови, најпогодени од новите интервенции се населбите Буњаковец, потегот меѓу Поликлиника „Јане Сандански“ и ОУ „Блаже Конески“, Малиот и Големиот ринг, сегашно Маџир Маало, Кисела Вода, Карпош во делот на Сити мол, просторот меѓу Воена болница и Поликлиника „Букурешт“ итн.

Она што е еднакво значајно (можеби и многу повеќе) во споменатите делови од Скопје,  покрај изгубените јавни зелени површини (претворени во градежно земјиште), е загубеното и приватно зеленило.

 

Компаративен графички пример

 

Сликовито кажано – доколку една куќа, станбен објект за индивидуално домување, во својот двор имала тревник, 3-4 дрвја, повеќе грмушки со низок и висок раст и цветни насади, со пренамената од индивидуално во колективно домување, во густо збиени зони како населба Буњаковец, сето тоа е сведено на нула (зголемени површини за градба, паркинг, пристап до објектот). Во превод – помор на микроклиматските карактеристики што учествуваат во вкупната состојба на квалитетот на воздухот. Ова се параметри за кои јавноста скоро и да не зборува, а доколку ги искалкулираме, ќе видиме колку дрвја се загубени. Дрвото, сепак, е клучниот производител на кислород, апсорбер на јаглеродниот диоксид и прашина.

 

За важноста на зеленилото во урбаните средини разговаравме со проф. д-р Бојан Симовски, универзитетски наставник за урбана дендрологија на Шумарскиот факултет >>>

 

 

Просторот чијашто експанзија е тековно при крај, Стар Аеродром, поседуваше повеќе семејни објекти за домување со висина од приземје + кат. Сега на тие локации имаме објекти од п+7, П+8, па сѐ до п+10. Целосно е загубено локалното зеленило во округот на објектите. Доколку зборуваме од аспект на квалитетот на домувањето, објектите навистина беа супстандардни, но плановите можеа да предвидат замена со минимално зголемување на парцелата за градба со максимална височина П+3. Сепак, добивме максимум катови, повеќе паркинг и повеќе нелегално паркирање на тротоарите.

 

Стар Аеродром

 

Внесувањето објекти долж кејот на реката Вардар, кај маркантниот објект на Македонската опера и балет, претставува висока узурпација врз јавното добро до степен на криминал. На целиот потег имаше посадено дрвореди од различни видови, како и жардињери со цветни насади и грумушки, но тревниците се исполнија со објекти на блиско растојание, а голема катност.

Тековно, во реализација под наплив на урбанизмот без визија, е погодено Маџир Маало. Тука е воочлива паралелата на приватното зеленило и маалските дворови наспроти веќе издигнатите станбени објекти без никаков однос со околината.  Во однос на позицијата  меѓу Транспортниот центар, Големиот ринг и реката Вардар, требаше да се случи атрактивен простор којшто ќе интегрира современа архитектонска интервенција испреплетена со урбан зелен пејзаж, којшто ќе задржеше мемориска нишка на уличната мрежа како спомен од првата урбанизирана населба во Скопје од крајот на XIX  век. Но наместо тоа, дозволуваме максимални капацитети, индивидуално делување, формирање на високи блокови во иднина, без можност за дрворед, парк, простор за рекреација.

Генерално, во поголемиот дел од градот е истата слика, додека во останатиот дел се очекува слично делување во иднина, бидејќи тековно се носат детални планови на јуриш, за да се избегнат новиот ГУП 2022  и неговите „правила“.

 

Маџир Маало 2020 год.

 

Што велат правилниците?

Урбанистичките планови се донесуваат врз база на правилниците, кои пропишуваат одредени проценти на максимална изградба од површината (70% според старите правилници), како и процент за зеленило (околу 10 %).

 

Извадок од ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ 2015 год.

 

Со малите проценти не е возможно да се предвиди квалитетен зелен простор за жителите во колективните објекти за домување, ниту за дрворед паралелно на улиците. Веднаш до објектите се надоврзуваат паркинг-позициите, по кои доаѓате до регулационата линија, т.е тротоарите.  За оваа ситуација да биде повеќе од незадоволителна придонесува и пропишаното растојание од соседната парцела од 3 метри. Во тој простор не може да се развие високо зеленило, ако се знае дека тука ќе мине патека кон паркингот зад објектот. Дури и оние случаи каде што се предвидува зеленило колку да се задоволат параметрите, тоа многу често се наоѓа единствено во проектите. Дали е изведената состојба изменета – Општината не ја интересира. Таа е заинтересирана за делот на високоградба од којшто наплатува комуналии, додека во поглед на зеленилото апсолутно никој не врши контрола, инспекција, ниту пак казнува или бара да се врати во обликот од проектот.

 

Извадок од ПРАВИЛНИК ЗА СТАНДАРДИ И НОРМАТИВИ ЗА УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ 2020 год.

 

Паркови или фатаморгана?

Поголемата слика за општинското работење ја дефинира уште една сериозна привидна манипулација со зелените површини. Сакајќи да исполнат одредена норма, градоначалниците во своите мандати сѐ почесто уредуваат површини од привремен карактер. Тоа значи простор предвиден за друга намена, сѐ до неговото реализирање, го уредуваат во јавна зелена површина која често ја промовираат, свечено ја пуштаат во употреба и ја користат во политички цели како реализирани проекти пред изборите за новите мандати.

 

Паркот „Македонија“ на бул.„МитрополитТеодосиј Гологанов“

 

Доколку сѐ беше во ред со градот, ваквите површини не се на одмет, но на долг рок, во нашата ситуација тие се тешка манипулација. Во градот веќе се развива зеленило на кое граѓаните се навикнуваат и го користат, додека околината активно се гради. Кога ќе дојде времето за реализација на тие планови и за остварување на вистинските намени на тие површини, ќе се случи освестувањето кај жителите, но тогаш ќе биде доцна. Вакви простори што мора да ги спомнеме се локациите долж трасата на бул. „Македонија“, или попознат како Јужен булевар. Паркот наречен „Македонија“, којшто паралелно се развива со бул. „Теодосиј Гологанов“, е дел од трасата. Паркот којшто во моментов се реализира на полјанката кај 11 Октомври – бараки исто така се наоѓа на трасата на Јужниот булевар.

 

Парк во нас. 11 Октомври – бараки

 

Но најголемата површина која наскоро ќе исчезне е најголемиот парк реализиран од 90-тите години наваму, лоциран на последна 5-ка, Ново Лисиче. Овој простор отсекогаш бил планиран со намена Е2, т.е. тука отсекогаш се планирале депоата предвидени за трамвајот, или по последната одлука за воведување BRT (BUS RAPID TRANSIT) во Скопје.

Паркот кај последна 5-ка

 

Лицемерието за овој простор го предизвика минатата власт, која исто така работеше студии за трамвајот, а паралелно потроши средства за овој парк којшто нема иднина, наместо средствата да ги префрли за соседната парцела, зад зградата на ФФМ, каде што трајно се очекува голем градски парк и според постоечкиот ГУП на Скопје.

 

„Парк на толеранцијата“, 2019 год.

 

Парк којшто неодамна се загуби, воедно претставувајќи државен срам, е Дипломатскиот парк, на просторот пред Воена болница. Неговото создавање започна со засадување различни видови дрвја, карактеристични за земјите од каде што доаѓаат амбасадорите и конзулите во нашата земја.  Со промена на урбанистичките планови во 2014 година, паркот конечно беше избришан, а просторот предвиден за приватни здравствени установи.

 

„Парк на толеранцијата“ – анализа на загубено зеленило

 

Урбанистичките визии за градскиот сообраќај го проголтаа и вонредно проектираниот булевар „Св. Климент Охридски“, со прекрасно средишно зеленило, дрвореди и пешачки патеки, инаку реализиран во меѓувоениот период.

 

Бул. „Св. Климент Охридски“

 

Што нѐ спречува?

 

Зошто низ овие три декади ни се случува одново истото во круг?!  Постојат повеќе одговори на ова прашање:

–  Реткост е да забележите градоначалник кој е архитект или урбанист по професија. Често гледаме доктори, правници, бизнисмени (?) или луѓе од други струки. Менаџирањето на општината не е нужно да ја води архитект, но градоначалникот мора да има круг од искусни и активни архитекти, професори од сродни професии итн., или самиот да имал некаква активност во својот животен пат во слично поле. Во спротивно, не можеме да очекуваме визија за градот, исто како што здравствениот систем не може да очекува архитект да ја пронајде вакцината против КОВИД 19. Дискутабилни се ваквите амбиции, особено на лекари и хирурзи кои се многу попотребни во операционите сали;

– Архитектурата и урбанизмот се ставени под владение на Министерство за транспорт и врски – несвојствена институција. Треба да постои посебен сектор целосно посветен на планирање на просторот;

–  Сосем оправдани се сомнежите за бизнис-интереси на поединци вработени во градските и во општинските институции, како и од политичките кругови, каде што се договараат дополнителни катови во замена за некој стан, процент од заработка и сл. Особено урбанистичките планови на земјишта што се неизградени немаат никакво покритие за сопствените предвидени височини во разработката на новите планови. Тука е реална можноста на инвеститорите да иницираат корупција врз оние кои ги носат плановите, или планерите, уште пред тие да се донесат. Во меѓувреме, сите парцели се продадени на градежни компании пред да има каква било разработка (тековно земјоделско земјиште), со што сомнежот е и повеќе од оправдан;

 

– Урбанистичките планови не се носат врз база на отворен и јавен архитектонско-урбанистички конкурс, туку се носат врз база на тендер  или набавка на услуга. Потоа следи краток период во којшто, водејќи се единствено по статичните правилници, некој се обидува да се придржи кон регулативи без посебен однос кон просторот и околината или контекстот на градот. Лесно и лежерно, без совест и доблест во привилегијата да го организира просторот за живеење за многу наши граѓани, планерот внесува површини за градба без визионерство.

Дали можеме поинаку?

Секако…

 

Прочитајте повеќе во продолжението  „За градското зеленило (2):  Потенцијал за промени“  што ќе се објави утре (25.12.2020)

 

Оваа содржина е изработена за онлајн платформата „Дома“ на Институтот за комуникациси студии во соработка со веб-страницата „Македонска АРХитектура“ (МАРХ) во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада. 

 

Автор : Филип Конески

Фотографии: Филип Конески, Борис Јурмовски, Филип Михајлов

Графички прилози: Ноеми Чаусидис, Филип Конески

Лектура: Татјана Б. Ефтимоска