Порта – и симбол и функција / Славко Брезоски

Извор: Зборник на Архитектонски Факултет при УКИМ, број 9-10, Скопје, 1986-87г. (достапен во библиотеката на факултетот)

 

Ви пренесуваме дел од истражувањето на арх. Славко Брезовски на тема симболиката на портите во македонското градителство. Овој текст и цртежи оргинално се објавени во 9-тиот зборник на Архитектонски Факултет во Скопје во 1987г.

 

 

 

Aплицирани симболи, орнаменти во камен на порти градени во минатиот век во западна Македонија

 

 

 

Портата отсекогаш била акцентирана на фасадата на македонските традиционални куќи. Најчесто тоа била масивна и тешка врата која покрај својата  функцијата на премин и заштитна бариера, содржи и богата симболика. Па така од еден едноставен архитектонски елемент, таа прераснува во артефакт кој сведочи за историското минато и верувањата на тогашните генерации.

„Наспроти голата утилитарност не е заборавена естетската и симболична функција во надворешниот изглед. Од внатрешната страна портата е двократно обезбедена со железни косници и хоризонтални дрвени греди, а однадвор е извадена во рамка од делкани камени блокови, со нагласен „челичен“ камен.

 

 

 

Внатрешен изглед на портите – двократно обезбедени со железни косници и хоризонтални греди

 

 

 

Резултатот на тоа е прворазреден архитектонски симбол кон надвор, со чиста функција на заштита во внатрешниот дел. Посебно во секоја порта е скриена и социјална реторика. Со неа се потврдува социјалниот статус на сопственикот, неговата желба за самопотврдување, а со течење на времето таков архитектонски елемент станува задолжителен архитектонски стандард.“

 

 

 

Камени порти на куќи во селата на Долна и Горна Река

 

 

 

Брезовски ја пишува оваа анализа во периодот кога македонската архитектура почнува да се движи во пост-модерна насока и да се поврзува со народното градителско наследство. Тој го цитира Вентури кој ја дефинира архитектурата како „… заклон на кој му е додаден симбол, скривалиште на кое е аплицирана декорација.“, а потоа ја користи оваа теорија и ги дефинира функционалниот и декоративниот слој на македонската традиционална куќа.

 

 

 

Горе лево: куќа како „скривалиште“, изведена од градежен мајстор; горе десно: истата куќа како „скривалиште на кое е аплицирана декорација“ (пример од Франција) / Доле: пример на стара куќа во Мала Река, Западна Македонија, со и без обработка на порти, прозорци, ѕидот на чардакот и друго. Еднаш куќа како „скривалиште, другпат со аплицирана „декорација“. 

 

„Неспорни се ефектите што произлегуваат од архитектонското богатство на разни видови декорација, детали на облагање со дрво цели ѕидни површини, стреи или рамки на прозорци и врати. Склони сме ефектите на употребата на дрво да ги цениме само како чист ликовен резултат, а тие, во голема мера, тоа навистина и значат. Меѓутоа, таквата „декорација“ во основа содржи и технолошка оправданост: дрвото превасходно е употребено во функција на заштита, бидејќи во одредени климатски услови е потраен материјал од малтерот. У тука сме сведоци на неосетен премин на материјалот со цел на заштита /куќа скривалиште/ до резултат на естетско дејство /куќа на која е аплицираната декорација/. “

 

Па така тој издвојува неколку специфични историски порти во Македонија, дел од кои се векови стари а дел од периодот на раниот модернизам.

 

 

 

Главна порта во Куршумлиј ан во Скопје

 

 

 

„Портите на овие објекти (Куршумлиј ан и Безистен) за основна функција ја имале стратешката, одбранбена улога од евентуален напад однадвор. И овие порти се лице и опачина на социјалните и економските состојби на времето, каде најдувале засолниште богатите трговски каравани што го крстосувале царството, но биле и казмати за оние кои ја кревале главата против неговиот господар.

Од таа причина димензиите се оние вистинските да во овие порти влегувале натоварени камини, но и тешко вооружени копјаници. Меѓутоа, иако едноставна декорација и тука не е занемарена. Истовремено функционална и симболична, тешка и гломазна, каква што беше и врвната државна институција. Гледаме тешки блокови на клепан камен, но и филигранско слагање на тула на византиски начин. “

 

 

 

 

Споредната врата на зградата на Народното собрание во Скопје, 1925г.

 

 

 

 

„Источната бочна порта на зградата на Народното собрание на СРМ по димензии и архитектонски лик е многу понагласен фасаден елемент, во споредба со поратата на главниот влез, која останува скромна и по димензии и обработка.

… Височината е репрезентативна, се изедначува со височината на приземјето. Претенциозните димензии на отворот додатно се потенцирано со аплицирана декорација во малтер со заштитна железна решетка на стаклата, во геометриски апстрактен цртеж. Таква декорација има сиромашен архитектонски и ликовен јазик, но, не може да се оспори, дека портата содржи повеќе од само уталитарна функција.“

 

 

 

 

Влезна порта на „Арапска куќа“ во Скопје

 

 

 

Дворна порта на зградата на Матицата на иселениците на Македонија, станбена зграда градена во 1930-те

 

 

 

„Само овие неколку гореопишани порти се доволен број примери за да направиме објективна споредба со она што го имаме денес (во 1980-те). Не се ли тие „помодерни“ и од оние наши денес безлични, исклучиво функционални, секогаш „двокрилни“ влезни врати, до крајност шематизирани, со ист архитектонски третман на станена или општествена зграда, еднакви на станбени блокови и солитери како и на индивидуални станбени згради.“