Административен објект “Стаклена зграда” Битола / Шундовски, Томски, Јовановски

Одговорен проектант: Сотир Шундовски

Соработници: З. Томски, Т. Јовановски

Година на изведба: 1989-1993

Локација : Битола

Улица: Плоштад Манголија, ул. 27 Март.

Материјалот го приложија: Најдоска Марина и Томски Дејан

 

КОМЕНТАР ОД ПРОЕКТАТНТ 

Според дел од проектантскиот тим, основната идејата при создавањето на објектот од страна на проектантскиот тим била креирање на објект кој ќе соодветствува на временскиот период кога е реализиран, но истовремено и коректно ке респондира со објектите во неговото непосредно опкружување, имајќи предвид дека станува збор за значајни објекти од историски и културолошки аспект, кои се важен дел од сликата за центарот на Битола. Следејќи ја оваа идеја, објектот го добива тој синтензиран волумен, од мноштво кубуси (што всушност претставува пресликување на волумените на објектите отспротива).

Тоа најдоборо се забележува во кубусот на западното крило, чии димензии се пресликани од објектот отспротива, наречен Магнолија. За тоа синтензирање во просторот дополнува и неутралноста на фасадата. Таа е изработена од рефлектирачко стакло, така што секој од околните објекти се пресликува во “сопствениот” кубус на новиот објект. Висината на објектот исто така е балансирана према околните објекти, од што произлегува сложениот кров. Како исклучок од оваа кровна композиција, неслучајно се јавува централното јадро. Тоа е претставено како стебло на двата динамични волумени, односно, јасна поделба на административната и деловната половина.

 

1. УРБАНИСТИЧКИ АСПЕКТИ

Локација на административен објект “Стаклена зграда” во Битола ©МАРХ

“Стаклената зграда” во Битола е деловно-административен објект, кој е изграден во 1993 год, за потребите на градежното претпријатие “Пелистер”.
Зградата е лоцирана во строгиот центар на градот, опкружена со објекти кои датираат од почетокот на ХХ век, кои имаат станбено-деловна намена. На неговата јужна страна, објектот е прилепен до една постара градба и заедно со неа претставуваат дел од обвивката на градскиот плоштад “Магнолија”, каде во приземјето и првото подземно ниво се сместени трговско – комерцијални локали, клубови, кафулиња итн, како и влезовите во дел од деловно-административните единици на објектот.

Пред источната и северната фасада на објектот минува градска сообраќајница, која го поврзува централното градско подрачје на Битола со околните населени места. Северозападно од зградата се протегаат зелените површини на градскиот парк околу Саат кулата, која претставува препознатлив ориентационен маркер и идентификациски објект за граѓаните на Битола. Западната фасада на “Стаклената зграда”, пак, рефлектира слика на битолски градски куќи изградени во дваесеттите години на минатиот век.
Пристапноста за пешаци е овозможена од сите страни на објектот, а главниот влез во објектот се наоѓа на север, вовлечен во ѕидната маса, до полукружното лифтофско окно кое е видливо на фасадата и кон него водат повеќе пешачки патеки низ околното ниско зеленило. Вториот по важност влез во објектот се наоѓа кон градскиот плоштад, на југозападната страна, подигнат од нивото на теренот за половина катна висина.

Севернa фасада ©googlemaps

Автомобилскиот пристап до објектот е овозможен преку градската сообраќајница, улицата “Столарска”, која минува во негова непосредна близина од северозападната страна, а вдолж која пред фасадата на објектот се предвидени 30 паркинг места за возилата на дел од клиентите и вработените во објектот.
Местоположбата на објектот во централното градско подрачје, сама по себе го иницира проблемот за предвидување на доволен број на паркинг места за клиентите и вработените во објектот, па за обезбедување на неопходни дополнителни паркинг места во употреба е дел од јавниот градски простор за паркирање, кој се наоѓа наспроти источната фасада на објектот, преку сообраќајницата.
Во контекст на градскиот парк, како еден вид негово продолжение, се јавува партерното уредување на објектот, кое изобилува со најразлични видови на ниска вегетација засадени вдолж северната фасада, низ кои е вметнат уште еден природен елемент – водата, со живописната фонтана со водоскоци и басени од речни камења, сместена пред влезот во објектот.

 

2. КЛУЧНИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ПРОГРАМИРАЊЕТО И ПЛАНИРАЊЕТО

Градежното претпријатие “ГП Пелистер” своевремено претставувало една од водечките градежни компании во нашата држава, распространето во повеќето соседни, како и во некои од европските земји. Големината и престижот на една ваква фирма условувале постоење на еден репрезентативен и истовремено функционален објект, во кој ќе се сместат нејзините работни простории.
Како што може да се забележи од цртежите во основа, целокупниот волумен на објектот е поделен на два дела, од кои источната половина е наменета за потребите на раководството и работните единици на “Г.П. Пелистер”, додека најголемиот дел од западната половина искористен за сместување на просториите на филијала на “Охридска банка” во Битола.
Административниот дел на зградата има вкупна површина на сите нивоа од 1145 м2, од кои 645 м2 се предвидени за одвивање на канцелариска работа, индивидуална или групна, додека остатокот отпаѓа на санитарни јазли, хоризонтални и вертикални комуникации.

Северно западна фасада ©googlemaps

Имајќи ја во предвид поволната локација на објектот во центарот на градот, големата фреквенција на пешаци во секој дел од денот, како и пристапноста за истите од сите негови страни, периферните делови од приземното ниво се профитабилно искористени за сместување на повеќе помали трговско-комерцијални фирми, кафулиња и клубови, чии простории се под наем. Во приземниот дел на северната страна се наоѓа информациски пулт сместен во влезниот хол, околу кој се распоредени санитарните јазли, канцелариските простории и скалишните јадра. Во западниот дел на објектот, на приземје се јавуваат надворешни завојни скалишта со ходник, на кој од север странично се надоврзани неколку деловни простории, кој води кон второто (полу)внатрешно скалишно јадро.

Oснова на приземје  ©Најдоска, Томски

На првиот кат во источниот дел се повторува холот кој се јавува во приземје, овој пат издолжен кон исток, добивајќи Л форма, околу кој на сличен начин како во приземје се распоредени канцелариските простории, санитарните јадра и скалишниот простор, со извесни промени во нивната диспозиција. Во канцелариите на источниот крај на ходникот е сместена просторијата за индивидуална работа и прием на странки (просторија на секретар), која е поврзана со директорската канцеларија и салата за состаноци, семинари, презентации и друг вид на тимска работа. Северно и јужно од ходникот се наоѓаат просториите за правните служби, сметководство и набавки, дефинирани како келиски простории за индивидуална или евентуално работа во помали групии.

Oснова на прв кат  ©Најдоска, Томски

Западната половина на објектот ја зафаќаат просториите на банката, до кои на ова ниво се пристапува и од северното скалишно јадро.
На вториот кат, на крајот од ходникот, кој е идентичен со истиот на прв кат, се протега голема просторија со кровно осветлување, во која се одвива тимскиот процес на работење на проектантте, пред која пак, лево и десно се сместени простории за потребите на помалите тимовите кои работат на урбанистичките проблеми во проектирањето, статичарите, припремачите на предмери, пресметки итн. Диспозицијата на санитарните јазли продолжува по вертикала над претходното ниво, исто како и скалишниот простор со лифот кој продира на фасадата. Ходникот на овој кат е природно осветлен со кровно надсветло, а неговиот под е засечен, така што и ходникот на претходното ниво добива зенитално осветлување. Во западниот дел се јавува ходник, кој продолжува од северното скалишно јадро, делејќи го на два подолжни тракта со работни простории покрај северната и јужната фасада.

Oснова на втор Кат ©Најдоска, Томски

На последното ниво во средишниот дел на објектот, како и во поткровниот простор, се наоѓа угостителскиот простор на ресторанот “Белведере” со капацитет од 60 лица, до кој се надоврзува кујнскиот оддел и санитарниот јазол, како и отворена тераса на ресторанот.
Ваквата организација на просторните единици во објектот претставува смислена диспозиција за ефикасно одвивање на сите предвидени функции: јавните сегменти (контакти и информации, правни постапки, прием на странки, состаноци и презентацијата на проектите) се наоѓаат на пониските, полесно пристапни нивоа, додека просториите во кои се одвива работа за која е потребно повисоко ниво на приватност, како на пример, проектните процеси, пресметки и сл, се сместени, на повисоките нивоа. Ресторанот како простор за средби, а воедно и како простор за одмор на вработените е исклучок од оваа шема на градирање на приватноста на просториите во висина, но од апект на функционално искористување на поткровниот просторот, како и од естетски аспект, заради добивање на подобри визури, тој го зафаќа највисокото ниво.

 

3. КЛУЧНИ ПРОЕКТАНТСКИ АСПЕКТИ

Архитектонската основа на објектот, која има искршена Л форма, претставува сложено решение, со две вертикални комуникациски јадра, сместени помеѓу периферните и централниот дел. Истите се состојат од двокраки двонасочни скалишта и едно лифтофско окно, кое на во северното јадро избива на фасадата. Во покрупен план, двете јадра всушност се соединети во еден заеднички централен комуникациски простор до кој се пристапува преку влезови од западната и северната страна. Во централниот дел на објектот, (односно во централниот дел на комуникациското јадро), сместени се и санитарните јазли на сите нивоа, како и вертикалните вентилациони канали, рационално решени во една единствена вертикала за целиот објект.
Објектот е носен од скелетен конструктивен систем составен од армирано бетонски столбови поставени на меѓусебни растојанија од 360, 480 и 720 см во едниот правец и 400 – 1000 см во другиот; а.б. греди со истите распони, кои продолжуваат со конзоли надвиснати над приземјето.

Источна фасада ©Најдоска, Томски


Северна фасада ©Најдоска, Томски

Фасадната обвивка на објектот е изведена како лесна структурална фасада, составена од стаклени панели, кои продолжуваат над последниот кат и го обвиткуваат и поткровниот простор. Панелите се со различни димензии од???, транспарентни се од внатре кон надвор, а рефлектирачки во спротивна насока, со што, покрај приватност, овозможуваат и извесна заштита од сонце. (Како дополнителна заштита од сонце се искористени и венецијанери.) Кровната (и поткровната) конструкција се изведени од дрвен материјал.
Вкупната ширина на објектот која е околу 17 метри, ја диктира централната поставеност на ходникот со Л форма. Истиот има ширина од 330 до 350 см, со што се добиваат два канцелариски тракта покрај фасадната обвивка со длабочина од околу 7 метри. Трактовите се поделени на канцеларии со ширина од 3,5 до 4 метри, кои се наменети за работа на поединци или мали групи до три лица и се природно осветлени. Источниот крај од ходникот, кој е засечен со кровот и е поделен на две патеки, води до просторот за тимска работа, кој исто така е осветлен со кровно надсветло. Во него се групирани повеќе единици во еден заеднички простор со неправилна основа, кој има димензии околу 10Х10 метри, или околу 100 м2. Во западниот дел на објектот, на приземје се наоѓа бочен коридор со ширина од 240 см, вдолж кој се протега канцелариски тракт со длабочина од 7 метри, прилепен до северната фасада. На катот пак, формиран е еден простор на целото западно крило, со длабочина од околу 12 и должина од 20 метри. На вториот кат се јавува централен коридор и два канцелариски тракта на фасаите, со длабочина од 6,4 и 5 метри.

Западна фасада ©Најдоска, Томски

Објектот висински се развива од подрум, приземје, три ката и поткровен дел во средината, и подрум, приземје и два ката во останатите делови. Највисоката точка на објектот (која во случајот е и кота на венец), се наоѓа на висина од 17,30м од северната и 13 метри од јужната страна. Кровот на објектот претставува сложена композиција на сегменти проектирани така да ги насочат атмосферските води и да ја осветлат внатрешноста на објектот. Конструктивната катна висина се движи од 3,00м до 3,57м, а со изведените спуштени плафонски конструкции, низ кои се водат инсталации, чистата катна височина се сведува на 2,70м до 3,20м.

Попречен пресек ©Најдоска, Томски
Греењето и вентилацијата на објектот се решени со т.н. “фенкојер” системи на централно греење. Грејните тела се сокриена со парапетни елементи, а апаратурата за вентилација е сместена под меѓукатните, покриена со спуштената плафонска конструкција. Разладната кула за овој систем на греенје и вентилирање е сместена во фонатаната пред објектот.

3.1 СПЕЦИФИЧНИ ОБЛИКОВНИ ДЕТЕРМИНАНТИ

Потребата од прилагодување кон локациските услови ја диктирала сложената форма на објектот во основа: постоењето на плоштадот на југ јго генерирал Л-обликот на објектот, додека закривувањето на градската сообраќајница од североисток резултирало со каскадното повлекување на објектот во истиот правец.
Волуменот на објектот претставува просторна композиција оформена од повеќе кубични волумени со различни висини и ширини, чиишто страни ја обликуваат препознатливата и динамична каскадна обивка на “Стаклената зграда”.

Западна фасада ©google earth
Динамиката во основа продолжува и по вертикала, со различните вовлекувања и конзолни испуштања на поединечните делови на зградата, како и со разновидните прекршувања на многубројните покривни рамнини. Како контраст на острите засеци и рабови на кубичната фасада, се јавува закривената обвивка на полуцилиндричното лифтовско окно, кое го стабилизира спојот на левото и десното крило на северната фасада, воедно потенцирајќи го и влезот на објектот. Уште еден неутрализирачки фактор на динамичната и разновидна форма на волуменот на објектот претставува едноставноста при третирањето на фасадната обвивка, во која не се видливи никакви конструктивни елементи и е решена како “обесена фасада”, висејќи за а.б. конзолни греди. Нејзината хомогена, сјајна, темно-зелена стаклена површина со дискретно назначени споеви на правоаголните панели, како да го неутрализира целокупниот волумен, целосното постоење на објектот, слевајќи се со околното парковско зеленило и рефлектирајќи ги фасадите на околните градски куќи од ХХ век.

Влезен хол ©Најдоска, Томски

4.1. ЕНЕРГЕТСКИ / ЕНВИРОМЕНТАЛНИ АСПЕКТИ

Во објектот не се применети некои од концептите за одржлив развој и енергетски – ефикасно проектирање, што е донекаде и очекувано, имајќи го во предвид временскиот период кога е проектиран и изведен истиот (крај на осумдесеттите и почеток на деведесеттите години), особено во нашата земја.

5. ЛИЧЕН КОМЕНТАР

Со оглед на тоа што објектите кои денес се користат за одвивање на општествени функции најчесто не се проектирани како такви, т.е. претежно се станбени (или евентуално станбено-деловни) објекти изградени во ХИХ и ХХ век, во кои подоцна била извршена пренамена, самата изградба на овој објект претставува на некој начин реткост, што се однесува на типологијата на објекти кои се градат во Битола. Причината за тоа е, првенствено, непостоењето, или малиот број на компании кои можат да си дозволат, финанскиски, инвестиција за изградба, односно целосна изведба на една зграда за сопствените потреби.
Понатаму, покрај самото постоење на еден ваков деловен објект, новина под влијание на европската архитектура, претставува изведбата на структуралната фасада со стаклени панели, која е првата реализација од таков тип во градот, по што и објектот од народот го добива името “Стаклена зграда”; панрамскиот лифт на нејзината северна фасада, исто така претставува прв таков елемент во еден објект изведен во Битола.
Вредноста и значењето на објектот како ентитет, реализација или идеја, покрај применетите конструктивни новини и естетско – обликовниот аспект, потенцирана е и од големата функционалност на објектот и неговото ефикасно работење, овозможено од логичкиот распоред во основа и нивната диспозиција по вертикала.

Ентериер ©Најдоска, Томски

Како недостатоци кои може да се забележат при анализирањето на пристапите и стационарниот сообраќај, се јавуваат недостатокот на доволен број паркинг места во сопствен паркинг простор, како и непристапноста на објектот за лица со посебни потреби. Од содржински аспект, пак, може да се забележи недостатокот на простор за рекреација и физички активности во објектот.

6. КОМЕНТАР ОД КОРИСНИЦИ 

Стаклената фасада ги поставува прашањата за тоа какви проблеми создава таа за корисниците. Влијанието на сонцето не претставувало голем проблем за работниците во објектот. Проектантот објаснува дека стаклата се обложени со УВ заштита, а како дополнителна заштита се поставени венецијанери, а како решение на преголемото затоплување се наведува одличниот систем на вентилирање и постоењето на разладната кула. Фасада од стакло, значи и отсуство на топлинска и звучна изолација. Топлинските проблеми сепак не постоеле. Објаснување за тоа е термоизолационото стакло со мал коефициент на топлинска спроводливост, надополнето со централниот систем за греење.
Според корисниците, објектот има големо значење и учествува во дефинирањето на градската слика за Битола, особено во формирањето на “менталната мапа” на секој граѓанин. Од добиените одговори од корисниците на објектот се забележува дека истите го прифаќаат и позитивно го оценуваат објектот од естетска и функционална гледна точка. Меѓутое, постоеја и извесни негативни забелешки, кои се однесуваат на непристапноста на објектот за инвалидизирани лица и лица со специјални потреби и, особено од вработените во самиот објект, постоењето на столбовите како визуелни и физички бариери, кои се јавуваат во средината на поголемиот дел од канцелароските простории во објектот.