“ГРАДОТ ВО ТРАНЗИЦИЈА – СОЦИОЛОШКИ, СОЦИО-ПРОСТОРНИ И АРХИТЕКТОНСКИ ПРОМЕНИ (ПРИМЕРОТ НА СКОПЈЕ)” / докторска дисертација на Ива Петрунова

 

 

1_Фрагмент од истражување од докторска дисертација

Градот претставува феномен преку кој е прикажана вкупната човечка култура, моќ и историја. Може да се набљудува од два аспеки како географско-морфолошки и како политичко-културен систем. Овие два система, кои се сочинети во градот, даваат целовитост во отсликувањето на човечкиот однос кон местото и времето во одредениот контекст на општественото опкружување. Преку формите и елементите во градот и нивната взаемна поставност и обликување можеме да добиеме целосна слика за вредностите во тоа општество. Ваквата слика го чини градот носител на колективната меморија на заедницата. Објектите и формите во градот го надживуваат човекот и остануваат како сведоци за минатото и достигнувањата на предците, кои се пренесуваат на следните генерации. Личноста најпрво визуелно се запознава со околината во која живее, добива податоци за културното минато и на тие основи продолжува да се надоградува.

Старите урбани јадра, кои настанале спонтано и се развивале континурано имаат вредности кои денес модерниот човек тешко може да ги постигне. Ваквите нуклеуси се создавани од народниот гениј и се градени со генерации, според желбите и потребите на граѓаните, со локалните материјали и природните можности на локацијата. Наспроти ова, современите градови ја губат антропоморфноста и не ретко забораваат да се прилагодат според секојдневниот живот на граѓанинот.

Како што се развива човештвото, паралелно се менува и градот, но сепак се задржуваат двата основни градски елементи: плоштадот и улицата. Денешните булевари, потекнуваат од периодот на барокот кога културно-политичката матрица се менува поради механичката наука. Човекот сфаќа дека не е центар на универзумот, времето поинаку се перцепира, а досадата станува новиот смртен грев. Од тука потекнуваат авенијата и булеварот за движењето да биде брзо, а војската и администрацијата се носечки општествени структури. Ваквиот механички ред, создаден по желбата на монархот, а не по потребите на граѓаните завршува со Француската буржоарска револуција. Желбата за братство, еднаквост и слобода носи на власт нов општествен поредок – буржоазија. Капитализмот и профитот во 19иот век ги создаваат најдеградираните градови во историјата на градот. Станува збор за индустрискиот град каде најважни структури се железницата, фабриката и рудникот, а се останато се случува на површините меѓу нив. Градот е преполн со одпад, а воздухот, водата и почвата се толку загадени што граѓаните почнуваат да носат црна облека за да не се забележуваат масните црни траги и дамки кои ги има насекаде. Како реакција на ова недостоинствено живеење, Карл Маркс и Фридрих Енгелс го пишуваат “Комунистичкиот манифест”, а архитектите создаваат градови – градини. Ле Корбизије, како татко на архитектура, прави концепт на град со високи облакодери, брзи сообраќајници и многу сонце и зеленило т.е. модерен град за модерниот човек. Она што модернистите не го предвидуваат во целиот нивен занес кон утопијата, е дека градењето на унифицирани објекти на различни места на планетата, не може секаде да е исто успешно.

Се случуваат Првата светска војна, Втората светска војна и потоа и студента војна – модернот човек сфаќа дека новата технологија не гарантира сигурен и среќен живот. Постмодерниот човек, разочаран од минатото, сите вредности ги доведува во прашање. За постмодернизмот нема една вистина и се е релативно, па дури и контрадикторно. Постмодернизмот се навраќа кон минатото, еклектично собира елементи и ги поставува во современ контекст. Прави деконструкција, има семантички пристап, трага по значење. Постмодерниот град е контрадикторен и конфузен, како и самиот постмодерен човек и постмодерно општество. Се занимава со доцен капитализам и глобализација, под што се кријат сомнителни вредности и декадентна парадигма. Земјите кои имаа социјалистичко општествено уредување, по падот на Берлинскиот ѕид, се соочуваат со низа промени кои се нарекуваат транзиција. Додека светот полемизира за вредностите на постмодерната парадигма, земјите во транзиција брзаат да го надополнат загубениот континуитет во развојот на демократски вредности. Градовите од модерни, стануваат постсоцијалистички градови во транзиција. Таков град е и Скопје.

Скопје е град со многу богата историја благодерение на поволната географска положба низ која минале многу народи и култури и оставиле свој белег на градот. Скопје се развива како типично балкански град, со слоеви од предисторијата, антиката, Византија и османлиското царство. По ослободувањето од османлиското царство во Скопје почнуваат да преовладуваат западно-европските трендови во обликувањето на градот. Тоа го покажуваат Генералниот регулационен план на Димитрија Т. Леко од 1914 година и Генералниот регулационен план на Јосиф Михаловиќ од 1929 година, кои го менуваат континуитетот на развојот на градот. Скопје од ориентален град се претвора во европски град. Во 1947 година се прави нов регулационен план на Лудјек Кубеш, кој повторно го менува континуитетот на градот. Планот според тогашниот политички контекст создава модерен, функционален град, поделен на зони за основните функции. Овој план е прекинат од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога постоењето на градот е доведено во прашање. Градот кој се гради после земјотресот е повторно во духот на модернизмот и на тогашната светска архитектонска авагарда. Овој план со осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година, се напушта. По референдумот за независност, општеството започнува низа промени и се соочува со неколу сериозни кризи и конфликти. Скопје се претвори во транзициски град во кој не се почитува изграденото во минатото. Градењето во овој период е диктирано од капитализмот и профитот. Големите државни објекти и претпријатија изградени во периодот на социјализмот пропаѓаат или се приватизирани од лица кои во периодот на транзиција завладеаа со стопанството и економијата. Зелените површини се запуштени, слободното државно земјиште е приватизирано од лица кои градат за профит.

Македонското општество секојдневно се соочува со многу нелогичности, меѓу кои е конторверзниот проект “Скопје 2014”, кој предвидува обнова на централното градско подрачје во импровизиран еклектичен стил. Апсурдна е идејата за доловување на барокното минато, не земајќи во предвид дека барокот не е само естетско обликување, туку опфаќа општествени реалции кои траат со векови. Се соочуваме со некои сличности од тој период, како криза во идентитетот, потреба за докажување со декорации, орнаменти, споменици, потребата се да зајакне национализмот, корумпирани и тревијални општествени односи, комплициран бирократски систем, развојот само на еден град во кој се доселуваат жителите од цела држава. Преку стилскиот и естетскиот израз се повторуваат некои општествени (не)вредности, но основните принципи на барокното обликување на градот се далеку од денешното Скопје, чија структурата останува како во предходните планови. Во период од само неколку години (2008-2016) се градат големи, капитални објекти и споменици во централното градско подрачје кои се повикуваат на некој неокласицистички, необароктен стил, но со мотиви извадени од македонската историја и кој многу е тешко и комплексно да се дефинира. Цел град станува парадоксален, исполнет со фасади на кои преовладуваат лажни конструктивни елементи како орнамент.

Скопје од современ и модерен град, станува град чиј изглед е дефиниран од владечкиот врв, а не од неговите жителите и архитектите. Прашањето е дали Скопје можеме да го наречеме бароктен, модерен или постмодерен? Соочени со едно преиспитување на социолошки, социо-просторни и архитектонски вредности и промени во градот мора да се направи длабока анализа со цел Скопје да го зачува достоинствотот на живеење, кое е многу нарушено и конечно да биде град според мерка на своите жители.

 

2_Истражување направено во рамките на докторската дисертација

Во периодот од први јуни до први септември, 2017 година направено е емпириско анкетно истражување со 300 анкетни прашалници на жителите на Скопје. Целта на анкетата е да се истражи перцепцијата на граѓаните за состојбата и развојот на градот Скопје, нивното доживување на градот, на центарот на градот и колку се задоволни со целосната моментална состојба. Ова истражување ја покажува сликата на граѓаните за градот, а со тоа и насоките на кои во иднина би требало да се фокусира градот со цел да се подобри животот во него.

Задоволството на граѓаните од градот

Да се започне од моменталното задоволство на граѓаните од некои важни аспекти на градот Скопје, кои ја креираат атмосферата во градот и влијаат многу на психолошката и здравствената состојба на граѓаниот. Колку повеќе фактори во градот се несоодветни, толку е потежок животот на граѓаните во градот иако тие можеби во моментот не се сосема свесни за тоа влијание.

На прашањето: “Колку сте задоволни од решавањето на следните прашањаи проблеми на градот?”, 54% се многу незадоволни од заштитата на животната средина, додека 41% се малку задоволни, многу задоволни се само 3%, што покажува на катастрофалната состојба на животната средина во градот. За уредувањето на кејот на реката Вардар, 51% се малку задоволни, додека 35% се многу незадоволни. Во однос на изградба на улици 52% се малку задоволни. Од изградбата на паркиралишта, 45% се малку задоволни, додека 40% се многу незадоволни. За опремување на градот со комунална опрема, водовод, канализација, асфалт, малку задоволни се 56% од граѓаните. Во однос за грижата за културното наследство 46% од граѓаните се малку задоволни, а 40% се многу незадоволни. Од содржините во градот како што се културни, здравствени објекти, училишта и градинки, 60% од граѓаните се малку задоволни. Од архитектонското обликување на зградите 45 се малку задоволни, а 43% се многу незадоволни. Од уредувањето на центарот на градот 49% се малку задоволни, а 32% се многу незадоволни. Од заштитата на сигурноста на граѓаните од криминал, тероризам и сл. 52% се многу незадоволни. Ова прашање кое го мери задоволството на граѓаните од неколку важни аспеки за живото на граѓаните и за состојбата на градот покажува дека граѓаните на Скопје не се задоволни од ниту еден аспект.

Во континуитет со предходното прашање за задоволството на градот, се поставува и прашањето за приоритетен квалитет во градот. На  прашањето: “Што за Вас е најважно за добар градски живот?”, 38% одговориле дека чистотата на градот е најважна, за 33% е најважен сообраќајот, а за 15% е јавниот превоз. Од тука произлегува дека градот Скопје е загаден и валкан, а на граѓаните им недостигаат најелементерните аспекти за здраво живеење како чист воздух, здрава животна средина и чиста околина. На аспекти како добро осветлување, пространост, отвореност или убави објекти никој не обрнува внимание, бидејќи загаденоста е најдоминантна и по неа сообраќајниот хаос.

Дејности во градот

Она што се случува и што се работи во градот во голема мера може да в

 

лијае на неговата препознатливност, на неговиот развој и на реализирање на одредени потенцијали кои ги има местото. На  прашањето: “Колку внимание е посветено од страна на градската и централната влас последите десетина години на следните активности?” Малку внимение е посветено на: индустријата (55%), угостителството (50%), сообраќајот (64%), културата (50%), услужните дејности (64%), спортот (53%). За образованието 46% сметаат дека е посветено малку внимание, додека 39% сметаат дека воопшто не е посветно внимание. Во однос на здравството 48% сметаат дека воопшто не е посветено внимание, а 42% дека малку е посветено внимание. За екологијата 59% сметаат дека воопшто не е посветено внимание. Всушност од одговорите на анкетите произлегува дека во Скопје речиси на ништо не се посветнува многу внимание или пак се посветува многу малку внимание. Не само што нема доминантна дејност или активност, туку ниту една дејност не е на задоволително ниво.

 

Карактеристичен начин на живот

Секој град има одреден животен стил кој би бил типичен и автентичен само за него, но кој се трансформира со текот на времето. Зачувувањето на традиционалните вредности во 21 век е вистинска реткост поради притисокот на новите општоприфатени трендови кои ги носи глобализацијата. Се анализираат одредени аспекти од животот во Скопје, колку се тие каратеристични или не се карактеристични за скопјани: Приврзаноста на скопјани кон својот град; големата улога на локалните традиции во животот во градот; мешање на различни животни стилови и навики; отвореноста на скопјаните кон новото и современото; изразена склоност на имитирање на нивото на живот од другите градови; вклопување на поединецот во масата, губење на посебноста и автентичноста; меѓусебна отуѓеност на граѓаните; загрозеност на животот од загадената околина; можноста за кратко време да се стекне добар стандард; сигурен секојдневен живот; можноста да се живее по сопствен избор. Она што се издвојува со резултати во ова прашање тоа што 62% од испитаниците мислат дека карактеристично за Скопје е загрозеноста на животот од загадената животна околина. Дали преку ноќ, поради неводење сметка за чистиот воздух и здравиот живот, загаденоста стана препознатлива, симбол за Скопје?

Развој на градот

Скопје во последниве десеттина години се претвори во едно големо градилиште. Се изградија многу станбени објекти во сите населби поради доселувањата на граѓаните од внатрешноста. Преоптеретеноста на градот и градењето само за профит го направи Скопје хаотично, загадено, пренаселено, нервозно и со сериозно загрозени градски аспекти.

На  прашањето: “Каква корист или штета сте имале од досегашниот развој на градот?”, 32% одговориле дека развојот на градот нема значајно влијание врз нивните животи, а само за 9% развојот на градот позитивно влијание врз животот на семејството. На 23% развојот им ги отежнува условите, додека за 18% влијае неповолно. Оваа состојба е контрадикторна, бидејќи секој развој би требало да биде прогресивен и да биде во служба на подобрување на животот во граѓаните. Ова упатува дека досегашниот развој на градот Скопје не е соодветно испланиран според потребите на градот и граѓаните, туку некој трет одлучува како би се развивал градот.

На прашањето: “Дали сметате дека градот се развива во правилна насока?”, 50% одговориле дека градот делумно, само во некои сфери се равива во правилна насока, додека за 32% се развива во многу погрешна насока. Оние кои сметаат дека правилно се развива градот се само 4% и се занемарливи.

Врската помеѓу граѓанинот и просторот

Во анкетата направена во Скопје на  прашањето: “Дали би издвоиле некој објект или простор кој посебно Ви се допаѓа или сметат дека има посебна вредност во Вашата околина?”, 39% одговориле дека нема, а 32% одговориле дека има, но не можат конкретно да наведат. Ова покажува дека објектите или просторот не се планираат и проектираат според желбите и потребите на граѓаните и дека ниту оние кои веќе постојат не се според желбите на граѓаните. Граѓанинот во Скопје се чувствува исклучен од можноста да влијае во обликувањето и уредувањето на сопствена околина, населба или град поради лошата услуга на локалната власт, но и поради сопствениот недостиг на иницијатива и активност, како и лесното прифаќање на волјата на власта.

На прашањето: “Дали Ви се допаѓа естетскиот на градот?” од вкупно 210 испитаници, на само 13% им се допаѓа, на 49% им се допаѓаат делумно, а на 32% воопшто не им се допаѓа естетиката на градот.

Центарот на Скопје е слика за македонското општество, во почеток на 21 век. Центарот на градот има низа промени во 20 век, секоја соодветна со моменталната состојба на општество. По низата промени на самиот центар на Скопје, на  прашањето: “Дали Ви се допаѓа центарот на градот?” од вкупно 213 испитаници, на само 14% им се допаѓа, на 45% им се допаѓаат само некои делови, а на 33% воопшто не им се допаѓа центарот на градот.