„ЗАГРОЗЕН МОДЕРНИЗАМ: Архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“
12.02.2019 • Изложби

Фотографии: Васе Аманито
Изложбата „Загрозен модернизам: архитектонски сценарија за адаптивна (ре)употреба“ претставува сегмент од научноистражувачкиот проект „Загрозен модернизам“, насочен кон препознавање, проучување, вреднување и промоција на архитектонското наследство од периодот на Модерната на територијата на Република Македонија.

Целта на истражувачкиот проект е повеќезначна. На документарно ниво, да пронајде и собере значаен историски материјал во форма на проектна документација, цртежи, фотографии итн.; на научноистражувачко ниво, користејќи се со проверени методи и постапки да изврши вреднување на избрани примери на архитектонското наследство и да ги утврди главните фактори, кои довеле до нивно загрозување; на педагошко ниво, резултатите од истражувањето да ги направи видливи за стручната и пошироката јавност со цел подигање на свеста за вредностите на градителското наследство од периодот на Модерната.

Како надополнување на поставената методологија, на истражувачкиот процес му беше додадена и проектантска перспектива. Во рамките на наставата на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на предметите Ревитализација на градителското наследство и Интегративното студио – Адаптивна (ре)употреба на градби, пет архитектоснки градби, во својство на избрани студии на случај беа зададени како проектантски проблем: железничките депоа на Македонски железници – Инфраструктура, Фабриката за производство на картон и картонска амбалажа (поранешна „Комуна“), Шалтер салата на Телекомуникацискиот центар, Домот на културата „Гоце Делчев“ и Мултимедијалниот центар „Мала станица“, сите во Скопје.

Основна цел на овие истражувања преку проект(ирање) беше да се тестира цел спектар на архитектонски стратегии (од прагматични до радикални), насочени кон испитување на потенцијалот на градбите за приспособување и промена, како и изнаоѓање нови содржини и облици преку кои постојните градби истовремено би биле и заштитени и ревитализирани.
Пошироката јавна дискусија и интерпретација на добиените резултати е замислена да претставува појдовна точка за разговор во врска со можните иднини на овие вредни
архитектонски градби.

Автори на истражувањето и изложбата се: доц. д-р Ана Ивановска Дескова, доц. д-р Горан Мицковски, вонр. проф. д-р Елизабета Касапова и вонр. проф. д-р Јован Ивановски.

Научноистражувачкиот проект „Загрозен Модернизам“ е финасиран од средствата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за 2017/2018 година, а изложбата е поддржана и од Младинскиот културен центар во Скопје.


Автор на статија: Filip Koneski