Завиен објект на Водно

Водно, омиленото и најпосетеното место во Скопје за викенд рекреација, претставува многу нешта за градот. Покрај шумскиот предел, чистиот воздух и рекреативните содржини, во себе крие многу историја и остатоци од минатите епохи.

Во претходна објава го отворивме прашањето за ѕидовите на Водно и немањето податоци за истите, за кои не сме виделе ништо спомнато во електронските медиуми или пак негде во литературата.

 

 

Во овој контекст, пред две години имавме можност да посетиме уште едни остатоци, кои јасно укажуваат на објект во завиена – бубрежна форма високо на падините меѓу Средно Водно и Крстовар. Позицијата на овој објект е јасна визуелна точка од каде се набљудува средновековната тврдина Чрнче, како и остатоците на соседното возвишување, каде во моментов има дрвена кула за набљудување.

Нивното меѓусебно функционирање е сосем возможно по логиката на нештата во минатото – стражарење, извидништво, засолниште, скривница или пак сточарски објект, како мало трло, штала и сл.

 

 

Мистеријата на овие објекти е интересна бидејќи планината е преполна со основи, ѕидови, остатоци од објекти што ја прави вистинска реткост по густината на истите.

Во околината на овој завиен објект, се забележуваат многу групации на растурен камен -истиот материјал, кој е реден без видливо врзиво средство, или пак некогаш била користена глина, која со текот на времето е оштетена и однесена – одлиена од атмосферските влијанија. Во долот под објектот има „камена река“ од очигледниот материјал од објектот, што укажува дека имал поголема корисна висина. Кон северната страна, кон Скопје, е забележлив влезот, над кој сеуште преживува последниот дел од надвратникот.

 

 

Дали станува збор за кула, стражарница, трло или нечива куќа во минатото немаме одговор, но втор пат го отвораме прашањето во јавноста, со цел заеднички да дојдеме до некакви сознанија.

 

Фото: Филип Конески

 

Ѕидовите на Водно