Манастир Св. Никола Шишевски / Матка, XIV – XVII век

 

Година : 1345 -стара градба, XVII век  – доградба

Ктитор: поп Ненад, Крали Марко (?)

Локација: Шишево, над кањонот Матка

Извор: Википедија; www.preminportal.com.mk;

Насловна фотографија: www.commons.wikimedia.org – Tashkoskim

Фотографии: сите слики се под авторство на марх.мк, доколку не е поинаку потенцирано

 

 

Во Кањонот Матка има изобилие на седновековни храмови, од кои денес го издвојуваме манастирот Св. Никола Шишевски. Градбата е сместена високо над реката Треска, на единственото зарамнето плато помеѓу острите планински карпи. Тешката достапност на локацијата е надокнадена со исклучителна атмосфера и глетка, што ја прави популарна дестинација за посетителите на кањонот.

 

 

 

Манастирот во поширокиот контекст (www.skopjeinfo.mk)

 

 

 

Кон манастирот се пристапува единствено преку планинарски патеки кои нѐ водат до влезната порта. Површината на некогашниот манастир се простира на целото плато кое од сите страни е опкружено или со карпи или со стрмни провалии. Ваквата природна фортификација допринела до неговата заштита во минатото, кога многу од околните храмови биле ограбувани и палени. Сепак комплексот низ годините доживува низа оштети, претежно во пределот на конаците од кои се останати само урнатини.

 

 

 

 

Влезот кон манастирот (www.mapio.net)

 

 

 

 

Од некогашниот манастир, денес е останата само неговата црквата. Таа се состои од два дела кои датираат од различни периоди.

Источниот дел е постар, се состои од еден кораб со полукружен свод и тристрана апсида.  Постои податок дека тој била изграден (или обновен) во 1345г. од страна на поп Ненад и други ктитори. Се споменува дека во нејзината изведба учествувал и Крали Марко, но никогаш не е потврдено дали тој бил ктитор на старата градба.

Новата црква датира од XVII век, таа е изведена во западниот дел како доградба, и има форма на стеснет впишан крст со купола.

 

 

 

Дворот на Св. Никола Шишевски (www.mapio.net)

 

 

 

 

 

 

Внатрешноста на храмот е покриена со три слоја на фрескоживопис од различни периоди. Од најстариот се зачувани само мали фрагменти, кои не се доволни за прецизно датирање, но се претпоставува дека потекнуваат од XII – XIII. Врз нив бил насликан слој во XIV век, а врз тие и уште еден во 1630г, кој го гледаме и денес. Тој ги исполнува ѕидовите на црквата со сцени од животот и смртта на Исус и Св. Никола, насликани претежно со црвен, жолт и сив колорит.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

На фасадата на градбата јасно можеме да ја познаеме разликата помеѓу дватта периоди на градба. Постариот – источниот е исѕидан претежно од камен, додека новиот е од камен и тула. Дополнително кај новиот дел среќаваме и декоразија со слепи арки и лизени, како и керемопластика во горната партија.

 

 

 

 

 

 

Исклучително интересно е присуството на камената релјефна плоча на јужната фасада. Таа е вметната под лакот во средината на полето со декоративен  опус ретикулатум. Централно на плочата има кружен отвор околу кој се развива релјефна декорација со животински мотиви. Сличен елемент среќаваме и над влезот на западната страна, кој е повеќе оштетен и не знаеме дали воопшто имал ваква релјефна декорација.

 

 

 

Јужна фасада 

 

 

 

Западна фасада

 

 

 

Манастриската црква отскокнува од нејзиното природно опкружување бидејќи е единствената градба изградена волку високо на планинските ридови. Сепак, нејзиниот материјал низ вековите добил таква патина, што градбата речиси се претопува во острите варовнички карпи кои ја опкружуваат.

 

 

 

 

 

 

 

Тешко достапната и изолираната локација, природната атмосфера и планинската панорама го прават манастирското плато едно од најпопуаларните места за рекреација во кањонот. Денес тоа е исполнето со планинари и групи кои се качуваат на острите карпи, па за таа цел се изведени низа клипи и маси низ целиот двор.

 

 

 

 

 

Манастирот е популарно место за качување на карпи (www.makpetrol.com.mk)

 

 

 

 

 

 

 

Но, без сомнеж најдобрите места за пикник се двата летниковци изведени врз урнатините на некогашниот конак.  Оваа точка отвара погледи кон кањонот и езерото Треска 600м. подоле. На неговиот брег се гледа и црквата Св. Андреја која датира од истиот период како манастирот. Можеби ваквото позиционирање на двата храма не било ненамерно.

 

 

 

Манастирот во поширокиот контекст, сооднос со црквата Св. Андреја (www.mk.wikipedia.org)