Скопската саат кула / 1566 -72 година
15.06.2015 • XVI - XIX век
Година: 1566 – 1572
Локација: Виргинов рид, Скопје
На темелите на средновековната манастирска крепост посветена на Св. Георгиј Победоносец, по доаѓањето на османлиите се формира муслиманско светилиште, со повеќе објекти. Меѓу нив се подигнува и скопската саат кула.
Денес таа се наоѓа во северниот дел од дворот на Хјунќар џамија. Оваа градба, што патописците Евлија Челебија и Хаџи Калфа ја опишуваат во своите натписи како шестоаголна градба, чиј горен дел бил изграден од дрвена конструкција, била подигната во средината на XVI век, поточно во периодот меѓу 1566 и 1572 година. Хаџи Калфа забележал дека Скопје има една саат кула најголема од сите саат кули кај христијаните, како и дека таа ги отчукувала саатите и ден и ноќ, а звоното и се слушало на два саати надалеку. Францускиот патописец Филип Дифрен-Кане, пак, во 1573 година пишува дека во Скопје има еден јавен часовник што се слушал во целиот град и кој ги отчукувал часовите на француски начин.
Според досегашните сознанија, таа е прва саат кула подигната на територијата на тогашното Турско Царство. Треба да се напомене дека нејзиниот долен, односно ѕидан дел не бил специјално граден, туку едноставно за оваа намена била искористена една од четирите кули во составот на бедемите што го штителе манастирот Свети Ѓорѓи Скоропостижник. Нејзиниот сааатен механизам бил донесен од Унгарија, по освојувањето на градот Сигет од страна на Турците.
Овој објект, како и Хјунќар џамија, претрпел огромни оштетувања за време на големиот пожар во 1689 година. Но, интересно е тоа што старата манастирска кула и дрвената надградба со часовникот опстојувале се до 1904 година кога саат кулата, во времето на валијата Хафиз-паша, го добила сегашниот изглед: дрвената конструкција конечно била заменета со тули и бил монтиран нов саатен механизам кој го одбројувал времето “ала турка”.
Во 1963 година за време на катастрофалниот земјотрес Саат кула претрпува сериозни оштетувања.
Автор на статија: marh