„Почивај во мир, голем човеку!“
25.05.2017 • Информации Уметност
Ова утро не затекна веста за смртта на драгиот професор, големиот македонски уметник Владимир Георгиевски. Генерациите кои го затекнавме на Архитектонскиот факултет го паметиме по неговата духовна големина, човекољубието и бескрајно убавите говори.
Ликовно ателје при АФС @МАРХ
Сјаеше во предавањата, на кои без хипербола се претворавме во „уши“. Учевме за големите сликари, правци, ни ги откриваше тајните на животот. Не советуваше небаре сме негови деца, вдахнувајќи ни инспирација преку неговата отворена и достапна, пред се опиплива мудрост. Го чинеше факултетот идеален баланс помеѓу техничкото и уметничкото, рамнотежата која е најдобрата компарација за паралелното користење на мозочните хемисфери. Архитектурата ја разбираше на филозофско ниво, ја читаше како порака, што кажува за неговата суштинска перцепција.
Ликовно ателје при АФС @МАРХ
Имавме чест да цртаме во факултетското ателје спроти кое беше неговата интимна порта. Првиот што влезе од нас студентите, пренесе „инсајдерски“ информации дека мора да се види тоа место, па се упатувавме кој со реални прашања, кој со измислени, со цел да го видиме просторот каде се твореа и одложуваа неговите дела. Магично место, полно со неизмерна тага за пропаста на човекот како битие, но и противтежа на неговото неоткажување од потрагата, т.е повикувањето на доброто кај секој.
Ликовно ателје при АФС @МАРХ
Никој пат не стремеше да ве навреди, колку и да ви бил цртежот лош, но ќе ви оставеше доволно време да откриете или размислите за тоа што го создавате. Во моментот на освестување, тргнувате кон професорот а тој пак ве чека со широка насмевка, ловејќи го и славејќи го вашиот чекор напред.
Поседуваше енергија која ја поразуваше сечија некултура, недостојност, нетрпеливост. Отвора врата, влегува на час и почнува другата димензија кај секој, едноставно вистински зрачеше врз нас.
Еден од ретките професори кој може да се пофали со преполни изборни часови, предавања, филмска критика, разговори за суштината за животот и спомените за неговиот дојрански пес. Тоа е човекот кој препорачуваше литература и задолжително не потсетуваше, дека четвртокот што доаѓа – Македонска филхармонија има одличен концерт. Се обидуваше да не вбутне во секоја културна пора на општеството.
@МИА
Неговата искреност се рефлектира во впечатокот на луѓето за него, кај сите подеднакво ист и позитивен. Скромен, а неизмерно богат под плаштот на човечкото тело, со раце впиени во боја и експресија во движењата. Тоа е професорот кој го паметам и неизмерно му благодарам што не удостои со неговиот удел во нашиот професионален и личен растеж.
Почивај во мир Дон Кихот и доколку постојат, сигурен сум дека широко отворени те чекаат портите на „оној“ свет!
________________________________________________________________________________
Насловна: Колаж – фото од професорското столче / цртеж -Марјан Димиќ
Фотографии: Борис Јурмовски
Филип Конески
Автор на статија: Filip Koneski
Ателје / АФС / Владимир Георгиевски / Дон Кихот / Уметност