Вонредна Сесија 01 – ФОРМАТ: Списание

На 24.10.2017, во холот на Архитектонскиот Факултет – Скопје, новоименуван како „Сквер“, беше одржана првата Вонредна Сесија со наслов Формат: Списание. Настанот беше организиран и модериран од Владо Данаилов и Мила Димитровска, кои се уредници на месечникот Архи.Тек.

Во текот на целиот настан беа разгледувани списанијата за кои се разговараше и соговорниците ги коментираа и надополнуваа содржините и цртежите во нив.

Настанот отпочна со излагањето на професорот Влатко Коробар кој заедно со професорот Мартин Гулески ја предводат генерацијата која го довела билтенот СДАМ (Сојуз на Друштва на Архитекти на Македонија) на повисоко ниво, односно на ниво на компетентно, содржајно и стручно списание кое има визионерски дизајн. Тука се раѓа нова идеја за тоа што може да биде едно списание, завземајќи впечатлив неконвенционален формат, еден Б1 лист, каде читателот прогресира низ списанието со одвиткување на големиот формат

Професорот Гулески објасни дека целата иницијатива била производ на младешка мисла и желба да се издигне нашата архитектонска сцена на исто рамниште со другите држави во тогашната СФРЈ. Самиот процес на создавање списание бил исклучително сложен и само вистинските ентузијасти наоѓале простор за овој тип на активност. Во овој дел од вечерта се напомена и вредноста на објавувањето конкурсни трудови. Во однос на ова, последен објавен конкурс на овој начин бил токму во СДАМ, а станува збор за проектот за станбено-деловниот комплекс Порта Влае (автори: Јован Поп Трајков, Димитар Димитров, Росанда Минчева, Симеон Апостолски). На овој начин победниците на јавните конкурси биле промовирани ширум државата, со што процесот станува транспарентен и отворен кон публиката.

По одреден период уредничката позиција ја наследуваат Митко Хаџи Пуља и Минас Бакалчев, кои истакнаа дека за нив претставува особена чест да продолжат нешто што го почнале нивните професори. Тие го организираат издавањето на ИНФОРМАТОР, списание кое се издава во два броја кои имаат последователни теми. Името Информатор е дадено со намера да потсетува на домашен учител, некој кој што снабдува со знаење.

Ова ни дозволува да погледнеме колку детално се одело во осмислување и грижата посветена на секој аспект на овој проект. Првиот број на Информатор е наклонет кон навраќање на корените на архитектурата, односно што значи архетипот на живеалиштето. Во рамките на овој број се објавени и критички есеи кои ја анализираат постојната состојба на Скопје. Значајно и важно е да се напомене дека иако во ова издание жестоко е критикуван тогашниот ГУП, критиката е пропратена со вистински, прагматични идеи за тоа како може да се корегираат овие грешки.

Вториот број пак ја има за тема ревизијата на Модерната, земена во тогаш современиот Постмодернистички контекст. Професорот Хаџи Пуља нагласи дека ова била неочекувана тема за тој момент, бидејќи светската архитектонска сцена навидум расчистила со Модернизмот и го означила како некомпатибилен со духот на современието. Целта на овој обид на различен поглед на Модерната бил со цел да се извлечат вредни лекции и принципи кои лежеле во оваа идеологија и кои би можеле практично и реално да се аплицираат во градителската дејност во Македонија. Во овој број му се оддава особена чест на Ле Корбизје преку анализа на негови дела, неколку есеи кои ги објавуваат значајните поуки извлечени од неговото творештво, како и објавување на неговите познати скици од патувањето на Ориентот, каде Корбизје минува и престојува на територијата на Македонија. При разгледувањето на содржината на овој број наидуваме и на интервју со професорот Живко Поповски каде имаме ретка шанса да се запознаваме со неговата реалност и погледите на архитектурата. Како прилог на ова интервју се објавени и цртежите за Домот на Пензионери во Охрид кој е извонредно значајна реализација на територијата на државата.

Паралелно на Информаторот се оформува и А: (А СПРЕМА) кое е списание под раководство на професорот Живко Поповски. Суштествува ли македонската архитектура? – е невообичаено директно прашањето поставено како наслов на првиот број, при што се открива јасната намера на издавањето на ова списание, а тоа е да се преиспита дејноста на нашиот архитект. Иако планирано како издание кое ќе добие 2 – 3 броја годишно, тоа проживува само краток период од неколку броја. Силна и впечатлива графичка обработка е белег на А:. Од разговорот меѓу соговорниците се дозна дека името А: е иницијал на АРХИТЕКТУРАТА СПРЕМА/НАСПРЕМА што во одредена смисла ја става архитектурата во блиска релација со светот.

АРШИН е насловот на списание кое во себе го носи бунтот спрема мислењето дека архитектот се изразува само со цртеж. Како прво приватно спонзорирано списание кое ги разработува темите на архитектурата, тој прави голем исчекор во уредувањето и обработката. Тука почнува и вмрежување на нашите архитекти со голем број на дописници од светските метрополи и на тој начин списанието добива есеи и преводи на истакнати автори. Иако Списанието ДОМ/КУЌА е последниот обид да се продолжи издавачката традиција и е производ на колаборација меѓу професорот Бојан Каранаков и Антонио Петров, архитект кој живее и работи во Тексас, САД. Издадено само во еден број, именувано како нулти број, со него започнува долга пауза на стручното издаваштво поврзано со архитектурата.

На самиот крај професорот Минас Бакалчев јавно го најави враќањето на сериозното издаваштво на Архитектонскиот факултет и сподели дека во припрема е нов, сеуште не-именувано архитектонско стручно списание кое ќе биде првото издавање во 20 години.

Оваа прва Вонредна Сесија е настан кој е важен поради повеќе причини. Во една смисла тој е ретроспективен, и истовремено остава простор за продолжување на оваа дејност на Архитектонскиот Факултет. Во тоа се содржи неговата вистинска значајност, бидејќи успеа да им предочи на студените по архитектура дека овој простор имал силна и релевантна издавачка дејност. Крајот на овој собир беше одбележан со надеж и ентузијазам бидејќи тој успеа да поттикне желба кај студентите, желба за самоиницијатива и партиципација во активности кои ја тангираат архитектурата, но овој пат на различен начин.

Во содржината на изданијата СДАМ; Информатор; A: (A спрема); Аршин и Дома може да се пронајдат исклучително важни колумни, есеи и конкурси кои имаат аналитичка и архивска вредност. Но најзначајна оставштина се можеби критиките кои се објавени во овие списи. Преку нив добиваме невообичаено длабок увид во интелектуалната атмосфера на нашите архитекти низ времето и разбираме дека стабилната, силна критика е важен дел од прогресот на архитектурата.

 

Фотографии: Борис Јурмовски

Љ.Т.