Вчера неофицијално била отворена изложбата за салата „Градски парк“ ?!

Општината Центар, во споредба со градот Скопје и другите општини изминатите години успешно и транспаретно реализираше три конкурси: за основното училиште во Капиштец, ресторанот „Езерце“ и за новата повеќенаменска сала “Градски Парк“. Тоа значи разумни рокови, конкретна проектна задача, професионална комисија за оценување на трудовите, солидни награди, јавна презентација на трудовите во облик на изложба и каталог со цел соодветно архивирање. Она што се разликува со последниот реализиран конкурс, чии резултати ги објавивме денес е неофицијалното отворање на изложбата, кое се случило вчера во Музејот на град Скопје.

Учесниците на конкурсот, добиле писмено известување за  резултатите од истиот ова утро, што значи дека без сеуште јавно обзнаени резултати и знаење на авторите, неофицијално и без информации во медиумите се отворила изложбата.  За да се увериме во она кое го добиме како информација, го посетивме денес Музејот на град Скопје, потврдувајќи ја вистинитоста на кажаното.

Дел од учесниците велат дека, известувањето е архивирано на 28 септември, испратено по пошта на 29 септември (петок), додека изложбата се отворила вчера, 2 октомври (понеделник), а информацијата ја добиваат авторите  на 3 октомври (вторник).  Чувството на „истрчаност“ во „финишот“  го потврдува и некоректно креираниот настан на социјалната мрежа – facebook, каде изложбата се води во организација на Музејот што е сосем нелогично. Истиот одговор го добиле и заинтересираните кои ја контактирале општината кај одговорното лице.

Праксата кај овие настани оди во редослед – известување писмено на авторите, известување на медиумите, испраќање на покани за планираната изложба до авторите и луѓето од фелата, меѓувремено координирање на студиото кое го работи графичкиот дизајн на каталозите со авторите и доставување на материјалите, печатење на истите и на крајот изложба со соодветен говор на организаторот и првонаградениот со пригоден коктел.

Зошто изостана почесниот дел на овој конкурс останува да почекаме одговор од надлежните во општината.