Двокуќа К2 – Калгари / Архипункт
11.05.2017 • XXI век
Автори: Невенка Манчева, Марија Антиќ Николова
Студио: Архипункт
Локација: Калгари, Канада
Година на проектирање: 2016
Извор: Архипункт
Двокуќата содржи две меѓусебно независни станбени единици, една покрај друга. Со оглед на специфичната трапезна форма на парцелата, нејзината поделба е извршена на начин што едната половина од двокуќата доби поголем двор, а со тоа и можност за поголема станбена површина. За секоја од станбените единици е обезбедено гаражирање во задниот дел од парцелата, со автомобилски пристап од задна уличка.
Двете станбени единици се состојат од подрумско ниво, приземје и еден кат. Основната проектната програма зададена од страна на Инвеститорот беше доосмислена од архитектите за целосно да одговори на потребите на едно типично канадско семејство.
Концептот на распоред на содржините е таков што на приземното ниво се организирани просторите за живеење: преден и заден влез со влезна партија, просторија за дневен престој, кујна и трпезарија, додека на катот се наоѓаат спалните соби со бањи и помошна просторија, а во подрумското ниво се наоѓа една гостинска спална соба со бања, мала чајна кујна и поголема просторија за рекреација.
Согласно димензиите на парцелата и тројната ориентација на секоја половина од двокуќата, собите се организирани на начин кој овозможува максимално осветлување. Проектот се труди широчината на станбените единици да ја искористи во целост со цел поголем функционален простор на секој кат.
Начинот на организација на просториите се одразува и на надворешноста на објектот, вкомпонирани како функционално, така и визуелно во ритам а:б:а:б:в. Истиот тој е нагласен и преку материјалната обработка на надворешноста.
Изборот на бои и материјали е таков за објектот визуелно да му контрастира на контекстот од традиционални едносемејни приземни куќи, внесувајќи во типичната станбена зона од градот една нова и софистицирана појавност на една современа урбана вила.
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski
Архипункт / Двокуќа К2 / Домување / Калгари / Канада