Денес се отвара 18 – тото Биенале на македонската архитектура
17.05.2016 • Изложби Информации
БИМАС 2016 – РЕЦИКЛИРАНА АРХИТЕКТУРА
Музеј на град Скопје 20 часот
Извор: AAM
Жал ми е за зградите кои секојдневно стојат вкопани и полумртви на своите места опоменувајќи не на минливоста и заборавот. Жал ми е за заборавените празни простори, обраснати, осамени кои немо чекаат некој да им даде живот и смисол. Во сите тие простори и згради влегуваме во еден потполно заборавен свет, а тие се преполни со прашања, како да чекаат некој да пронајде одговори, но и понуди адекватни решенија за возобновување на животот. Тие се како болест за која има лек, но нема кој да ги лечи.
Темата на БИМАС 2016 “РЕЦИКЛИРАНА АРХИТЕКТУРА“има за цел да не потсети на тие места и објекти, да укаже на нивната употребливост, да покаже дека животот на објектот е подолг од животот на човекот, а го поседува и вечниот сон, продолжување на животот.
Брзите и нагли промени во транзицијата за која никој не може да каже уште колку долго ќе трае и хаосот на приватизацијата остави многу луѓе збунети и изгубени. И објектите се како луѓе, истото им се сличи и ним. А оние што “имале повеќе среќа“ да паднат во нечии раце ги гледаат, не како ресурс, туку само како метри квадратни простор купен за малку пари.
Како архитекти имаме обврска да укажеме на недостаток на интерес за напуштените објекти, занемарување и неодржување на објекти значајни за архитектонското творештво, негрижа за културното наследство и згора на се рефасадирање на значајни архитектонски дела. Тешко е да се влијае на тоа, но имаме одговорност да најдеме начин, а и да допреме до колективната свест.Повеќе од јасно е дека постои недостаток на интерес за зачувување, обнова, а уште повеќе недостаток на интерес за пренаменување, вдахнување нов живот и концепт на објектот.
БИМАС 2016 има за цел да ги постави овие прашања, да почне да се разговара и најде патот до одговорот. Таму каде сите гледаат рушевини, архитектите мораат да видат возобновување. Тие објекти и простори не чекаат нас. Како лузни не потсетуваатна едно време одамна изгубено, а некогаш претставувале негова гордост. Ние мораме да умееме да почитуваме. Потребно е многу време, труд, знаење и внимание да се даде на тие простори нова креативност, нов живот.
Како архитекти имаме обврска да знаеме што со заборавените, напуштените простори и објекти, ние сме единствените кои го имаат одговорот.Ние сме единствените кои можеме да им подадеме рака.
Претседател на ААМ,
Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, диа
РЕЦИКЛИРАНА АРХИТЕКТУРА = РЕОБМИСЛЕНА АРХИТЕКТУРА
„РЕЦИКЛИРAНА АРХИТЕКТУРА“, темата на овогодинешното Биенале на Македонската архитектура е длабоко промислена и e од суштинско значење за периодотво којсе наоѓа архитектурата денес.Архитектурата е постојано во состојба на РЕобмислување и РЕвреднување на нејзината есенцијална и егзистенцијална состојба. Да се размислува за Рециклирана Архитектура, значи да се дојде во состојба на свесност за постоењето на прави вредности и критериуми. Во состојба на огромна градежна експанзија каде градењето претставува состојба на масовност, заборавањето, потиснувањето или запоставувањето на објектите кои од различни причини ги надминуваат можностите на современото време е можност и право време за РЕобмислување и РЕвреднување на истите.На овој начин се прават нови и се задржуваат постоечкитеестетски и историски квалитети на објектите и истите се ставаат во нови функции кои најповолно ќе го оживеат просторот со потполно нов сјај и ќе добијат нова вредност како раритет на времето во кое живееме. Ваквиот процес на повторно РЕобмислување иРЕвреднување на објектите е процес кој самиот за себе бара една високо професионална и етичка димензија на поединецот кон сопственото архитектонско и национално богатство.
Архитектурата е образование, начин на живеење, култура, информација, комуникација…..
На овогодинешното Биенале на Македонската архитектура,селектирани се 86 труда кои се распределени во пет категории. Како селектор на БИМАС 2016 имам огромно задоволство што трудовите кои се селектирани, на одговорен,оригинален и инвентивен начин оставаат белег на архитектонската сцена со јасна мисла и порака која го отсликува времето на создавањето на секоја замисла и визија.
Селектор на БИМАС 2016
Д-р Александар Радевски, диа
РЕЦИКЛИРАНА АРХИТЕКТУРА
Времето во кое живееме е време на брзи промени и подразбира висок степен на прилагодливост на оние кои го живеат кон новопроизлезените состојби. Архитектурата,од друга страна, е бавна и тешко се прилагодува на брзите промени во општеството.
Во годините по падот на берлинскиот ѕид како последица на новите геополитички и економски состојби во кои се најдоа државите кои транзитираа кон нов систем на општествено уредување се појавија процесите на денационализација, приватизација, демилитаризација, деиндустријализација, реиндустријализација…
Како последица на овие новопроизлезени процеси, во градското ткиво остануваат заробенибројни архитектонски објекти (индустриски, воени, станбени…) како неми сведоци на некое друго време, планирани за поинакви пазари и капацитети, комплетнодеконтекстуализирани и несоодветни за денешните состојби во новата реалност.
Оваанаследена архитектура не е градена стихијно туку плански, и уште повеќе, градена е за да трае. Нејзината позиција во градот подразбирала и соодветна сообраќајна инфраструктура, домување, зеленило, сервиси…Од друга страна пак,нејзината повторната употреба преку прилагодување е стихијна и, во голема мера, повеќеплод на желбите и можностите на инвеститорот/сопственикот отколку на план и стратегија.
Поимот рециклирање во овој контекст се однесува на потребата да се понудат нови одговори на урбаните елементи и програми кои во денешни услови сезастарени и надминати. Денес, старото урбано ткиво или наследство нуди голема количина објекти кои откриваат важни просторни, конструктивни и еколошкисостојби на кои треба да се оперира со функционални методи. Операциите на урбано рециклирање, реновирање, адаптација во ваквите градски подрачја имаат за цел да ја спречат растечката продукција на „отпад“ и преку стратешки обмислена акција на реструктурирање и редефинирањеда се воспостават нови врски помеѓу градбите и нивното променето опкружување. Ова тема е рефлексија на длабока дебата помеѓу желбата за зачувување и потребата за интервенција и промени во нашето опкружување и следствено на тоа грижата за соодветните методи за дејствување.
Биеналето на Македонската Архитектура БИМАС 2016 има за цел да ги отвори прашањата за стратегиите за справување со оваа состојба. Дали „рециклирањето“ на оваа архитектура преку нејзина креативна пренамена и прилагодување е соодветен одговор на поставените прашања? Дали за старите анахроникомплекси треба да се понудат сценарија преку кои може да им се помогне да бидат реактивирани и реинтегрирани во градското ткиво, а со тоа да го регенерираатили можеби рушењето и почнувањето одново е поисплатливо и помалку обврзувачко?
Претседател на БИМАС 2016
Д-р Бојан Каранаков диа
Автор на статија: marh