МСУ Скопје распишува конкурс
08.04.2019 • Конкурси
Конкурсот за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале во Скопје претставува составен дел од проектот „Кале, културна тврдина“ во организација на Музејот на современата уметност во Скопје, чијашто цел е да ја поттикне ревитализацијата и просторното уредување на ридот Кале во привлечна и вибрантна градска содржина со различни културни, едукативни и рекреативни функции.
Ридот Кале го обележуваат две културни зданија: Средновековната тврдина – Кале и Музејот на современата уметност. Извонредното историско и актуелнo значење на овие две маркантни зданија за градот Скопје се во значајна мерка намалени поради долгогодишната запуштеност на пошироката локација на ридот Кале.
Чувствувајќи ги од една страна штетните последици од оваа состојба во поглед на достапноста до публиката, и од друга страна свесни за големиот потенцијал на овој простор во можната поддршка и проширувањето на разновидноста и привлечноста на нашите програми, тимот на Музејот на современата уметност со распишувањето на идејниот конкурс посакува смели и инвентивни, но истовремено и едноставни и применливи идеи и концепти за култивирање на ридот Кале во „тврдина на уметноста“ и јавниот интерес.
Во општата конкурсна рамка, предлозите треба да ги земат во предвид и да ги истакнат природните предностите на локацијата и нејзините содржини во однос на близината до централното градско подрачје; разиграната морфологија на теренот и во таа смисла неговите рекреативни капацитети; топографската разноликост со многуте позиции од кои се пружаат раскошни визури на градската панорама и пејзажот на поголемата скопска долина.
Втората подеднакво важна компонента на проектните предлози се однесува на ридот Кале, како единствен јавен простор интегриран со динамични културни содржини, а за кои Музејот на современата уметност е носечката програмска платформа и во таа смисла предвидува организирање на уметнички, скулпторски, архитектонски, перформативни, мултимедијални, резиденцијални, едукативни семинари и работилници други видови на интердисциплинарни или општествени проекти и јавни настани.
Проектната задача на конкурсот е многу предизвикувачка: развој на идеен архитектонско-урбанистички проект чија основна цел е поттикнување на преобразба на просторот во градски предел со нови програмски, просторни и пејзажни квалитети. Од учесниците на конкурсот се бара да ги препознаат и претстават вредностите и потенцијалите на локацијата, како и да ги утврдат можностите и начините на кои таа би можела да привлече кон себе нови корисници, односно нови „жители“.
Во делот на потесната локација, од учесниците на конкурсот се бара да го проучат непосредниот простор на потесната локација , да ги препознаат нејзините вредности и квалитетии да развијат и предложат концепт/и за „населување“ на просторот со неколку (оптимално помеѓу 2 и 3) привремени градби од павилјонски тип наменети за вдомување на дел од содржините на Музејот на современата уметност, како и нови содржини кои треба да ја преобразат потесната локација на начин што ќе и додадат повеќе нови намени.
Конкурсот трае од денот на објавувањето: 05. 04. 2019 до 15. 05. 2019-та година.
Вкупниот награден фонд на конкурсот изнесува 300.000,00 денари во бруто износ.
Прва награда 150.000,00 денари
Втора награда 100.000,00 денари
Трета награда 50.000,00 денари
Наградниот фонд е обезбеден од Град Скопје, од буџетот на проектот „ROCK“.
*Материјалите за конкурсот можете да ги симнете од официјалната страна посочена како извор
Извор: Музеј на современа уметност
Насловно фото позадина: од публикацијата на ПЕлагонија 1975 ( Дрнков, Георгиевски, Стојковски)
Автор на статија: Filip Koneski
msu / кале / културна тврдина / МСУ / Музеј на современа уметност