Неизвесна реализацијата на новото „Езерце”

Општина Центар, одлучи судбината на новото „Езерце”, да го остави во рацете на  фирмата која ќе го добие под закуп. Општината склучила договор со консултантска фирма за да изработи физибилити студија и да најде фирма која ќе го гради и ќе стопанисува со ресторанот. Во моментов тече рокот за барање на фирма со која Општината ќе потпише договор за јавно-приватно партнерство, па според тоа, ниту годинава ресторанот во Градскиот парк нема да проработи.
“Од консултантот е изготвена и разгледана физибилити студијата. Во овој момент од консултантот се чека постапка за барање на земјиштето на трајно користење. По ова, треба да се склучи договор кој ќе биде даден на користење на одреден број години, а потоа останува во владение на Општина Центар. На закупецот ќе оставиме да одбере некој од трудовите, да направи комбинација од нив или да предложи сосема нов проект”, велат од Општината.

Пред неколку месеци  беше објавен конкурс за идејно решение за изгледот на ресторанот “Езерце”. На конкурсот пристигнаа 25 трудови, а за најдобар беше прогласен проектот на авторите Филип Конески, Борко Георгиев и соработникот Иво Ѓорѓиев.

До кога конкурсите во Македонија и доделените први места ќе останат само на хартија, не е познато. Во светот првото место не се доделува доколку општината смета дека тој проект  не ги задоволил критериумите. Доколку додели прво место, се обврзува да го изгради (според законот), или го обврзува купецот да го реализира. Јавните простори, од значење за градската  силуета, треба да бидат дефинирани од професионалците, т.е под нивна контрола. Таа се постигнува со организација на јавно-анонимни  конкурси на кои се дава можност на целата фела да учествува.  Сите проекти минуваат низ рацете на професионална комисија, која стручно треба да одлучи кој го заслужува првото место. На тој начин државата, локалната самоуправа преку селекција од страна на професионалците, го добива најдоброто решение.  За разлика од подостоинствените општества, во Македонија со вака доделените концесии,  општото добро зависи од вкусот на локалните бизнисмени .

Автор на статија: