Писмо од ААМ до град Скопје по повод кровната градина на ГТЦ

До
Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје г-дин Петре Шилегов
Почитувани,

Ви благодариме за поканата за соработка поврзана со Проектот за
Реконструкција на кровната тераса на ГТЦ. Поканата ни е особено
значајна зошто сметаме дека е од особена важност да се продолжи
воспоставената комуникација и соработка помеѓу државните институции
и стручната јавност која во најголема мера е претставена преку органите
на ААМ.

Нашата основна цел и долгогодишна заложба како Асоцијација е да се
обидеме да најдеме начин како да се промени воспоставената пракса на
решавање на проблеми кај објектите од времето на модерната кои се
појавуваат од дотраеност, несоодветно одржување и несоодветни и
нестручни интервенции низ годините. Сепак овие објекти се од особена
важност за македонското архитектонско наследство и сметаме дека при
решавање на тие проблеми треба да се пристапи со особен
сензибилитет, висока етика и стручност. Етиката и стручноста очекуваме
да е на највисоко ниво особено кога станува збор за Градскиот трговски
центар – ГТЦ, кој не само што е објект од извонредно значење за
архитектонското наследство, туку воедно претставува и симбол на
борбата на архитектите во изминатите години против проектот
Скопје2014.

 

Во тој контекст од особена важност е да се воспостави соодветна пракса
на консултација со стручната фела во процесот на планирање и
проектирање, вообичаена за сите европски земји. Ваквата практика на
консултација која е почит кон архитектонската фела во моментов кај нас
не постои, а новите иницијативи за жал претставуваат продолжување на
спроведувањето на истите оние закони кои ја овозможија реализацијата
на Скопје2014 и многу други спорни урбанистички и архитектонски
зафати. Оттука, oд Вас како носечка институција во креирањето на
градските политики и практики бараме да воспоставите нормални
процедури кои нема да ги задоволуваат само нормите во законите.
Всушност, бараме процедури кои ќе обезбедат изнаоѓање решенија за
проблемите по пат на објавување јавен анонимен архитектонски конкурс,
кој пак е основниот механизам и алатка за транспарентно и креативно
делување на архитектонската професија и нејзино артикулирање во
сферата на градското обликување. Како што години наназад
повторуваме, проектот не е само документ за да се добие одобрение за
градење, туку тоа е пред се авторско дело кое го обликува културното
миље на општеството.

Наша заложба е не само ГТЦ туку и останатите објекти од овој период
кои се од исклучително значење, да добијат статус на заштитени објекти
како културно наследство. Овој процес знаеме дека ќе биде долг, но
очекуваме дека во меѓувреме третманот и пристапот при вршење на
неопходните интервенции ќе биде со огромна етичка и стручна
одговорност. Овие објекти не смее да бидат третирани парцијално туку
за нив треба да се изготви целосен проект за реконструкција, која
реконструкција во зависност од средствата ќе може фазно да се
реализира.

 

Сметаме дека е крајно неодговорно да се прават интервенции на ГТЦ (а
и на било кој друг објект) со дониран проект кој во голема мерка за нас е
нерзбирлив, и во никаква релација со постојната обликовна структура на
објектот. Како струкова организација во никој случај не можеме да
дадеме идеи за преправка на истиот бидејќи на крајот на се, проектот
има автор. Авторството меѓу другото подразбира и голема одговорност.
Мешањето во нечие авторство се коси со основните начела на ААМ и
Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија за третман
на архитектите како автори на едно дело.

Но, бидејќи сме свесни за проблемот со прокиснувањето на кровот кој го
има ГТЦ и уште повеќе сме свесни дека планираната интервенција ќе
претставува само уште една во низата лоши интервенции кои се
направени врз ГТЦ, можеме да одговориме на вашето барање со
земање учество во подготовка и организирање на конкурс за избор на
најдобро решение, кое ќе биде во рамки на буџетот од веќе завршениот
тендер, и со почитување на дел од материјалите кои се дел од тендерот.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија стои на располагање да
учествува во припремата на проектната програма и организацијата на
конкурсот.

Повторно сакаме да напоменеме дека ГТЦ, а и останатите објекти кои
имаат големо значење за архитектурата на Македонија, мора да бидат
третирани како целина и нивната реконструкција/ревитализација/ да
биде предмет на јавен конкурс.

 

Како и секогаш Ви стоиме на располагање со целокупната стручна
јавност која ја претставуваме, да го понудиме нашето знаење и
експертиза, во сите идни процеси, како и планирање, организирање и
распишување конкурси.

Со почит
Управен одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија
датум
27,02,2019
Скопје

Автор на статија:

/ / /