Повоена Архитектура – Реобновување на центарот на Алепо-Сирија / Блажевска, Димковска, Осеку 

Автори: Мартина Блажевска, Мила Димковска  и  Натура Осеку

Временски период: Втора година Магистерски студии (Април 2020)

Наслов: Повоена Архитектура – Реобновување на центарот на Алепо-Сирија

Површина на проектна интервенција: ~ 39 000 m2

Ментор: Проф. Domenico Giuseppe Chizzoniti

Универзитет: Политехнико ди Милано, Италија

Оцена: 8/8 Прво место – Social Prize , ATA2020 Archistart Master Thesis Competition

 

Вовед

Алепо претставува главен центар на северна Сирија. Сместен е во северозападниот дел на земјата, на околу 50 км јужно од турската граница. Алепо се наоѓа на крстопатот на големите трговски патишта и на околу 100 км од Средоземното Море (западно) и реката Еуфрат (исток). Тој е поврзан со главните сириски градови кои се важни за неговиот трговски увоз и извоз на различни добра. За време на исламскиот период, чаршијата во Алепо станува најзначаен трговски центар помеѓу сириските градови, но исто така и овозможува трговска врска меѓу Ирак и Турција.

Регионална мапа /1:200 000/ 1:50 000/  1:10 000

Градот е опкружен со земјоделски површини од север и запад. На исток, Алепо се приближува кон сушните области на сириската пустина.

Алепо во својата оригинална четириаголна конфигурација бил целосно испланиран во класичниот период. Со текот на времето, исламската шема била надредена брз класичната, а градот денес е резултат на оваа надреденост. Изградена во исламските времиња веднаш по главната улица на стариот хеленистички градски план, чаршијата на Алепо и нејзините трговски арки се проширувале до 1930-та година. Чаршијата опфаќа 160.000 метри квадратни, во која сè уште може да се најдат производители на едра, производители на сапуни и секаков вид на урбан пазар.

 

Хеленистички период

 

Конфигурацијата на Алепо започнува како моно-дирекциона структура во која главната оска на населбата била поставена во насока на исток-запад и била обележана, од една страна, со главната цитадела и, од друга страна, од Портата на Антиохија (Баб Антакија).

 

Прв римски период

 

Првиот римски градски план на Алепо бил продолжение на хеленистичкиот и се состоел од адаптација на претходниот урбанистички распоред за да се задоволат потребите на новите жители. Трагите од овој план се читливи во проширувањето на еден или можеби два блока на исток од агората, поставени во правец север-југ, распоредени околу периферијата на хеленистичкиот градски распоред.

Првата значајна промена во урбаната структура започнува во втората фаза на римското територијално планирање. Планот е наречен secondum naturam II, и со насока поместена за 18° западно, очигледно е дека овие траги претежно се поставени околу широк празен простор, очигледно аморфен, кој се наоѓа во подножјето на цитаделата.

 

Втор римски период

 

Во втората фаза на римската организација на територијата на Алепо, било изградено подрачје или, можеби, ограден простор: „квадратна ограда“, чија главна оска хоризонтално се совпаѓа со оската на центарот на градот и вертикално со оската на влезот во цитаделата.

На оваа слика, го гледаме Алепо во 2012 година, кога за прв пат бил бомбардиран, а следната слика ни ги покажува последиците од првото бомбардирање што го погоди градот.

 

Тимот на УНЕСКО пријавил огромни штети на Големата Умајада џамија, Цитаделата, помали џамии, цркви, мадраси, амами, музеи и други значајни историски градби во Алепо. Најпогодениот дел бил помеѓу цитаделата и Умајадската џамија; големи делови од оваа област веќе не се присутни, вклучително и главната чаршија која ја извршувала најважната функција во градот. Врз основа на анализите на оштетување на урбаната структура, ја одбравме таа област како точка на нашето внимание и интервенција. Направивме првична анализа за тоа како изгледала таа област пред војната. Најпрвин, ја анализиравме главната чаршија, потоа шемата на внатрешните дворови (courtyards), основните улици, заедно со секундарните и, најпосле, влезовите во самите објекти.

 

 

Продолжувајќи понатаму со концептот на проектот, знаејќи дека чаршијата ја сместува најважната функција на градот, направивме нов додаток на истата и ја проширивме дури и повеќе од порано (скоро половина од територијата на проектот). Продолживме да креираме нов систем на внатрешни дворови (courtyards), засновани врз усогласувањата на постојните, а потоа ја сфативме врската меѓу нив, што водеше од главната џамија на запад до цитаделата на исток и обратно. Врз основа на тоа движење, добивме груб градежен отпечаток на поставување на објектите, кој на крај резултираше во поразвиени волумени на објекти кои беа домаќини на различни функции.

 

Територија на интервенција

 

Архитектонски Концепт

Постои важна дебата за тоа како да се пристапи кон реконструирање на антички град кој е богат со ваква историска вредност. Развивме хипотеза поставена во центарот на градот што би го подобрила квалитетот на животот, а истовремено која би била во добар однос со контекстот и околината без никакво наметнување. Целта беше да се создаде простор што ќе го подобри животот на луѓето што ги држат овие места толку драги, а истовремено да размислуваат и низ архитектурата; која е вредноста која веќе постои, како може да се подобри и одразува она што некогаш било.

 


План 1:2000

 

На оваа слика можеме да го видиме целокупниот изглед на нашиот проект, а со овие слики направени пред војната, покажуваме неколку елементи од градот за кои сметавме дека се доста значајни во Алепо, како внатрешни дворови, лакови, мали тесни улици…

 

План 1:1000

 

На оваа слика можеме подобро да ја видиме локацијата на нашиот проект во градот Алепо. Анализирајќи ја мрежата на уличниот систем, ја проучивме за да можеме подоцна да создадеме нова што ќе е усогласена со улиците што веќе постоеја во градот пред војната.

Ова е панел за системот за покриви на нашиот проект и како се вклопува со околните постојни објекти. Забележуваме дека градот е поделен на (по форма) нергуларни блокови, кои се состојат од повеќе објекти, кои се поврзани едни со други преку мали, тесни улици кои завршуваат во нечиј двор со слепа улица.

 

Ситуација 1:500

 

Гледајќи ја петтата фасада одблизу, можеме да забележиме дека објектите се претежно во некоја квадратна/правоаголна форма, освен еден од најважните елементи на градот – чаршијата – која со својата монументална линеарност од исток кон запад се истакнува од останатите објекти.

Пред да започнеме со дизајнот, избравме 3 точки во градот, кои според нас беа најимпресивни и имаа најголемо значење во градот, а тоа се „Цитаделата“, „Чаршијата“ и „Големата џамија“. Започнувајќи со идејниот дизајн, на приземјето стремевме кон создавање флексибилно и органско движење, но во исто време водејќи ги луѓето од една точка, Големата џамија, кон друга – Цитаделата. Тоа движење можеше да биде постигнато директно преку чаршијата, или низ системите на внатрешните дворови и улиците креирајќи различни импресии и искуства. Чаршијата, како што напоменавме претходно, е срцето на градот. Една од нашите цели беше да го потенцираме тоа уште повеќе. Постојат две порти што го прават движењето низ чаршијата линеарно и јасно. Портата на запад е постојна и функционална, а портата кон исток за жал беше уништена. Она што сакавме да го постигнеме беше повторно да ја содзадеме оваа конекција и да ја направиме уште посилна и поимпресивна.

Еден од другите главни аспекти на нашиот фокус беше внатрешниот двор (courtyard). Преку првичните анализи, дојдовме до заклучок дека постојат различни типологии на дворовите, во зависност од функцијата на објектот, неговата форма и облик, климатските услови, бројот на дворовите во истата зграда итн.

Значењето на дворот се опишува како небесно место што ги претставува четирите страни на светот. Тоа е градина. Високите ѕидови што ги опкружуваат улиците се направени како такви за да ја потенцираат важноста на дворот и да направат чист и јасен контраст. Влегувајќи во објектите и уште поважно во градините, имате можност да искусите еден поразличен свет.

 


план на приземје 1:500

 

Како што можеме да видиме, секој двор е значаен и се разликува еден од друг. Постојат два од нив кои се хибриди помеѓу старото и новото, оној на левиот крај и оној на десниот крај. Деловите од овие згради кои се во сива боја се остатоци од старите згради што постоеле овде.

 

Задржувајќи ги овие делови во нашиот проект за нас претставуваше почитување на нивната вредност, затоа проучивме како можеме да ги комбинираме овие стари делови со новиот проект. Во нашето истражување, наидовме на италијанскиот добропочитуван и добро познат архитект Giorgio Grassi и неговиот пристап во процесот на реставрација.

“Она што нè интересира кај постарите објекти е нивната техничка тајна, нивните критериуми и методи, пред сè, нивното како.” – како што би кажал и самиот.

Значи, во процесот на дизајнирање на овие згради користевме исти градежни техники, ист распоред во подот, но различен градежен материјал, за да можеме да го разликуваме постојното од новото. Тие претставуваат дел од еден објект, но никогаш не се допираат еден со друг.

Во приземјето може да се забележи дека секој објект е индивидуален и помалку одвоен. Сепак, дворовите се поврзани со линеарно движење, кое овозможува лесна навигација низ нашиот проект.

 

план на приземје 1:200

 

план на ниво 1 во 1:200

 

Тука го ​​имаме претставено првиот кат од проектот заедно со делови од покривот кои се во поглед. Делови од објектите се користат како функционални простори, некои од нив се двовисински простори како оние кај дворовите и просторите со куполи, а потоа има и два различни типа на кровови. Кров што е достапен и може да се користи како тераса и кров што не може да се користи, со отвори за светлина и вентилација. Тие исто така се разликуваат во висините и типологиите и во нашиот случај не сакавме тие да бидат поврзани, туку да изгледаат поразиграни.

Кога станува збор за подземното ниво, чаршијата е пак највпечатлива структура. Подземјето е  затворен простор што им овозможува на луѓето да се движат низ тунели помеѓу и под целиот комплекс.

Сите згради се поврзани. Бидејќи тие се индивидуални простори на една целина, оваа заедништво е сосема јасно и потенцирано во подземјето. Тунелите се долги и темни, тие водат кон отворени простори кои се дворови. Вака се формира унифициран простор со додадени места за вентилација што водат кон подземјето и го прават овој простор удобен.

 


план на ниво -1 во 1:200

 

Можеме да го видиме делот од чаршијата каде средните простори ги создадовме за складирање на добра и како креиравме отвори за овозможување на природна вентилација.

Користевме високи и дебели sидови во целиот проект. Причината за ова е затоа што сакавме да ја користиме истата камена и градежна техника која била користена во минатото.

Кај еден од клучните објекти во нашиот проект, централниот, решивме дворот да оди до подзимно ниво. На овој начин станува единствен што има 3 нивоа во висина. На приземјето дизајниравме мост за преминување на дворот во линеарното движење.

Кога станува збор за фасадата, поставуваме прозорци кои гледаат навнатре. Причината за ова е дека во исламската архитектура просторите во зградите се отворени кон внатре – дворот, а се затворени кон улиците. Тоа е затоа што во традиционалните исламски градови восхитувањето треба да е кон внатре, не кон надвор.

 

Пресеци 1:200

 

Кога станува збор за кулите, визуелно го означуваат почетокот или завршувањето на комплексот во зависност од која насока го гледате, меѓутоа имаат и многу важна улога во вентилирање на самите објекти.

 


анализа вентилација

 

Откако ги проучивме проектите на Hassan Fathy, заклучивме дека дебелите камени ѕидови воедно се користат и како системи за вентилација, каде што во нив се оставаат празни вертикални места за циркулација на воздухот.

 

На овие аксонометриски цртежи можеме да забележиме разиграност на покривите, различните типови отвори на покривот и поврзувањето помеѓу дворовите. Можеме да ги видиме различните материјали што се користат за зградите од надворешната и од внатрешната страна, а може да се забележи и системот за прозорци што само го користевме на страните на зградите свртени кон исток и запад со цел да се избегне силното директно сонце од југ и со тоа се овозможува контролирање на топлината во внатрешноста на зградата.

Продолжуваме со неколку погледи да ја покажеме атмосферата на градот и улиците, како и третманот и дизајнирањето на старо-новите објекти.

 

Погледи

Макети

модел пресек на дел од чаршијa

 

Визуелизациии