Половина век одложување за….
31.08.2015 • Став
Скопје и Македонија, веќе долго време се наоѓаат во период на архитектура на максимална искористеност со правилници кои ја одредуваат крајната слика на објектите. Така дефинирани насоки, скоро секогаш даваат сличен производ со слична распореденост на балкони, прозори и завршување со „мансарден” кров.
Скоро и да нема тема да не ги повториме истите работи, истите заклучоци за состојбата во ова поле, поврзана со последните две децении на македонската сцена.
Маџир маало е простор во градот кој остана во замрзната слика од пред половина век, поради неносењето на урбанистички план за развој. Но, зошто се случуваше тоа?
Маџир маало е населба на десната страна од реката Вардар, прва населба во Скопје креирана со урбанистички план, со правилен ортогонален распоред на улична мрежа, донесен кон крајот на XIX век.
Одличната позиција и близината до центарот на градот, ја прави оваа локација исклучително атрактивна. По земјотресот во 1963 година, овој простор беше влезен во планот на Кензо Танге како место за визионерскиот потег наречен „Градска порта”. Поради немањето на средства низ годините тој не се реализира, но градските власти долго време не дозволуваа да се случува ништо на тој простор.
Да претпоставиме дека недозволувањето да се случува ништо на тој простор, беше позитивна мисла и надеж за подобро време во кое би можело да се случи нешто кое ќе биде навистина достојно, налик идејата на Танге, концепт за кој се чу низ целиот свет. Но оставањето на луѓето во недозволиви услови да живеат и во XXI век, премина повеќе во негрижа и немање визија.
На притисок на граѓаните, властите овие години го усвоија конечно планот кој наиде на критика од стручната јавност, како за булеварот„ Крушевска Република”, така и за немањето идеја за станбениот дел од населбата.
Урбанизмот и архитектурата научени на последните текови во нашето општество, создадоа план кој навистина не носи ништо атрактивно во центарот на Скопје, ни приближно компаративно на оваа замисла од 60тите години на минатиот век. Колку го цениме атрактивниот простор на Скопје и колку немаме визија покажа и случувањето со Скопје 2014та, но да речеме дека на тој простор централната власт „вмеша прсти”, послужувајќи се со фактот како алиби. Колку сме неспособни да ја менаџираме архитектурата на станбените комплекси во капиталистички услови е поголем неуспех, бидејќи центарот на Скопје е само дел од градот, додека станбената архитектура влезе во сите пори на македонските градови, создавајќи лоша архитектура без никакви безбедносни стандарди, недоволен паркинг простор, загрижувачка естетика итн.
Истотo почна да се случува и со Маџир маало. Погледнете што се гради на оваа атрактивна локација:
Додека во светските метрополи, па дури и балканските, центрите се повеќе добиваат атрактивни станбено-деловни комплекси, кои носат нова слика за нив, нови стандарди и модерни решенија, ние официјализираме разединета слика без концепт.
Вака големи простори во нормални општества, лесно се препознаваат по својата местоположба , како место за развој на концепциски склопена населба, простор за архитектонски смели решенија.
Се што му се случува на нашето општество е прекриено со оправданието дека законот така наложува, дека нема друг избор, дека парцелата е поделена на многу сопственици. Но тоа е очигледно повторно само оправдание за нашата мрзеливост.
Пред само 20 години, во Скопје и Македонија се градеа големи станбени комплекси, кои во суштина и го даваат градскиот лик. Денес ќе речат дека државата градела, било полесно да се распише конкурс и да се спроведе со државни пари во тоа време, што не е спорно како факт. Објектите тогаш имаа солидна квадратура во комуникации, подруми, гаражи, заеднички тераси. Денес немаме ништо од тоа, ниту јавни површини.
Дали е реално оправдувањето дека не може поинаку? Секако дека не е.
Треба да се распише архитектонско-урбанистички конкурс за решавање на конретен простор, со реална награда за трудовите. Потоа јавни дебати со професијата, со жителите, популзаризирање на дискусиите преку јавните медиуми. Потоа усвоеното решение, се дава на јавен повик на кои се повикуваат приватни партнери и компании да го изградат и стопанисуваат според усвоени услови за цена, простор и начин на функционирање и сл. Се тоа е нормална слика во другите општества, кои се грижат за сликата на градот, но не и кај нас. Се што треба е добро менаџирање на постапките и чекорите, за кои очигледно општините се неподготвени и неорганизирани. Решени сме се да направиме, да ги задоволиме инвеститорите да се збогатат алчно, без притоа ништо да не му подарат на градот, ниту слика, ниту услови, ниту развој, сем нивниот личен финансиски статус. Точно е дека и жителите ќе добијат нови објекти и веројатно удвоени квадрати сопственост што ќе ја подобри нивната финансиска состојба, но градот како целина ќе изгуби на долг рок.
За скопските маала, пред 6 години се организира супер работилница „FORUM SKOPJE” 2009 (The aftershock of postmodernism), на која учесниците развиваа концепти како да се вклопат скопските маала во современата визија на градот, притоа да не се наруши маалската идеја.
Еден тим работеше и на концепт за Маџир маало. Земајќи в предвид дека работилницата траеше само една недела, а притоа се доби насока која присутните ( професори од Архитектонскиот факултет, Баухаус, архитекти) ја препознаа и пофалија, кажува на тоа дека се што треба е да се организира фелата и да се потикне да размислува и заеднички да ги вреднуваат или деградираат решенијата. Тоа значи јавна достапност на сите постапки и процеси, а не изолирање на професијата.
Предложеното решение беше концепт кој размислуваше да го задржи „маалското” во утробата на населбата, додека на фронтот со улицата да развие нова структура и градска слика, која истовремено ќе го обгради маалото. Се предвидуваше заштита на повеќе објекти на кои им се даде намена во служба на студентите кои се постојано на релација Транспортен Центар-Уким. Пoтоа се потикнаа нови ниски структури-студентски домови, кои ќе донесат млади во маалото, со што ќе се развиеше движењето низ „мртвиот простор”. Концептот беше истражувачки, но поставен на реална територија и димензии на можната структура.
Презентирањето на оваа идеја е само едно можно решение, кое бараше конекција на старото маало, визијата на Танге и реалната состојба на теренот во моментот.
Не знаејќи како да се препознае вредноста на еден простор, особено незнаењето за она што значи градска визура доведе до формирање на секој чекор архитектура која е ориентирана кон исцрпувачки капитализам, без општествени вредности. Слободата на инвеститорите, немањето стручен кадар во општините кој знае што е архитектонски континуитет на еден простор, доведе до неспознавање на моментот и времето на технолошки можности.
Пред половина век имавме визија, а по половина век сме без неа. Безмоќни и скриени архитектите и бироата без волја, во притисок за било каква работа, помагаат во реализацијата на лошите урбанистички планови. За тоа вината не ја носат архитектите кои се само дел од процесот, а за волја на вистината и единствени гласни во критиката. За тоа сме сите виновни, како општество. Апелот е упатен до сите учесници во процесот кој треба да се освестат за потребата од заедништвото во овие одлуки и процеси.
Половина век одложување за… ништо
Автор на статија: marh