Станбени вили на Вардар – Велес / Димитриевски и Јанакиевски
19.02.2016 • Студентски проекти
Архитектонско Студио 5.1
Студенти / Автори на Проектот: Томе Димитриевски и Александар Јанакиевски
Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Проф. д-р Саша Тасиќ, Дем. Викторија Богданова, Дем. Александар Петановски и Дем. Гордан Петров.
Локација: Кеј на Вардар во Велес
Задача: Проектирање на станбени вили покрај кејот на реката Вардар во Велес
Учебна: 2015/2016
Задачата по Архитектонско Студио 5 се состоеше од проектирање на станбени вили за домување/живеење покрај река, проследено со уредување на околниот простор, согледувајќи се на контекстот на градот како целина кој содржи свои карактеристики и богата градителска историја, кои се земени во предвид во текот на процесот на изработка на проектот.
Пристапот е решен како систем од едносмерни улици, кои се спојуваат со улица наменета за смирен сообраќај, односно пешачка зона. При тоа запазена е постоечката ситуација на опкружјето и направена е интервенција без да се нарушуваат даденостите на локацијата. Местоположбата на новите објекти е строго одредена, со акцент ставен на постоечкиот велешки Јавор.
Проектираните вили се симетрични од надвор, но асиметрични од внатре, содржани од преплет помеѓу едновисински и двовисински станови, согласно со развиената површина и спратноста зададена во задачата. Распоредот на просториите е по модул, со цел да се добијат функционални единици во кој непречено би се одвивале секојдневните семејни активности.
Приземните партии се отворени, прозрачни, со исклучок на скалишното јадро, и целосно застаклените кубуси. Тие кубуси претставуваат двовисински подрумски простори, кои овозможуваат подлабок продор на сончевите зраци кон внатрешноста, како дополнително осветлување на просториите наменети за библиотеки.
Над приземјето се издигаат три спрата за домување, и секој поединечен стан има можност за целосно отворање од најмалку една страна на објектот, што укажува на велешката типологија на домување, каде чардакот е често застапен дел. Скалишното јадро завршува со кровна тераса, во функција на градина, оранжерија, која има и свој затворен дел, работилница.
Од конструктивен аспект станува збор за скелетна конструкција од армирано-бетонски елементи прикрепени со А.Б. платна на соодветни места, сето тоа поставено по модуларна мрежа. Подрумот е решен како масивен систем, поради безбедносни причини, како решение за несакани природни проблеми кои би се можеле да се појават покрај речното корито.
Обликувањето на контекстот е она што е од суштинско значење. Двете вили се поврзани на ниво на подрум преку платформа, која продолжува да ја следи реката и во двата правци. Платформата заедно со пристапните скали, главни и споредни, и каскадно-уредените зеленила, лево и десно, ја сочинуваат поблиската околина на објектите.
Материјалот го приложи и обработи: Моника Крстевска
Автор на статија: marh