Стариот народен театар во Битола

Автор: непознат

Изграден во времето на: Абдул Керим Паша

Период: почеток на XX век

Извори: babambitola.mk, Битола стари фотографии,  Телевизија Тера

Стариот народен театар во Битола бил подигнат во времето на залезот на Отоманската Империја. Под „ктиторство“ на Абдул Керим Паша кој дошол во Битола 1895 година, овој објект бил започнат со изградба уште во првите години ( првата декада) на дваесеттиот век.

Театарот со приземје и два ката, претставува објект кој често теоретичарите го сместуваат во стилот на академизмот. По својата поедноставеност и исчистеност од натрупаност тој е еден од првите  модернистички општествени објекти за кои паметиме дека биле изградени на територијата на Република Македонија.

Ентериерот на гледалиштето на големата сцена било организирано во партер, ложи и балкони. Естетиката пак прочистена од тешки  декоративни елементи, во изразена белина, црвено кадифе и темна столарија.

Како и многу други објекти и вредно градителско наследство, театарот бил срушен и покрај негодувањето на населението. Осовременувањето на градовите во Македонија во поствоениот период  наметнало слободарски дух со кој властите и урбанистите многу лесно се ослободувале од објекти со историско и културно значење.

Битолчани паметат дека се организирале во тоа време и го чувале театарот од рушење. Локалната власт со цел да ја смири масата ветувала дека нема да дојде до деградирање на објектот, но сепак длабоко во една ноќ багерите ја завршиле својата работа. Објектот е срушен во 1980 година, а на негово место е изграден новиот објект на Домот на културата.

Несвесноста на општеството во конотација на што е вредно да се сочува за иднината продолжува и во совремeната доба. Истата идеја на избрзани одлуки кои не ја гледаат големата слика, за која пак стануваме свесни во иднината, го втурнува општото мнение во бунило. Професијата заборава дека најголемата вредност – архитектурата ја стекнува кога крајните корисници, граѓаните ќе почнат да се идентификуваат со неа, додека игонирајќи го тоа  не превенираат „лудило“ кое може да настане во иднина побудено од носталгијата за градските маркери.

Тоа му се случи на главниот град, кој лесно се прости од иконите на предземјотреснoто Скопје како Офицерскиот Дом, Народниот Театар, Народната Банка, Старата Железничка станица, Поштата и слично. Тоа што урбанистите и архитектите се ослободија од нив преку превисоките критериуми на теоријата на архитектурата следена низ светските достигнувања, наместо локалните, денес се врати како освестувачки бумеранг во облик на Скопје 2014.

За среќа Битола, сеуште поседува завиден број  на објекти од градителското наследство од крајот на XIX и почетокот на XX век, што значи дека меморискиот код го оддржува преку егзистирањето на многу други градски маркери. Но, за рамнотежа на македонскиот синдром,  современата продукција во овој град скоро и да не постои.

Стариот театар останува во спомените, а нам  да го архивираме она што постои како документација. Марх во следниот период ќе се обиде да дојде и до повеќе материјал за овој објект, а доколку нашата акција вроди со плод истата ќе биде видлива на нашата страна.

Ф.К