Терма во Банско, струмичко
24.09.2015 • До V век
Дали ја познавате една од најдобро сочуваните антички градби во Р. Македонија? Тоа е бањата од римскиот период во селото Банско, Струмичко. Единствена засега по висините на ѕидовите и парцијално зачуван свод, со распоред на простории кој е архитектонски лесно читлив.
Селото Банско се наоѓа 12 км југоисточно од Струмица, југоисточна Македонија. Источниот крај на селото, каде што се наоѓа и изворот на термално-минерална вода, кај населението е позната под името Бања.
Орографски припаѓа на северните падини на п. Беласица која има ѓенерално протегање исток-запад. Во геолошката градба на теренот се застапени слоеви од стариот палезоик, неогенот и квартерот. Локалитетот во тектонска смисла му припаѓа на Македонско-Српскиот тектонски масив, односно Беласичкиот расед долг 45 км во правец исток-запад со пад кон север под агол од 65°, и по чија должина дошло до формирање на раздробени зони и катаклизати-милонити. Сето ова условило овде да се појават значајни извори на термални води.
Археолошките ископувања на локалитетот Доцноримско термално лекувалиште се започнати во 1978 година и со кратки прекини се одвиваат во континуитет и денес. До 2002 г. со ископувањата раководеше Јован Ананиев советник археолог од Завод и Музеј Струмица. За жал неговата прерана смрт го спречи да ги заврши започнатите истражувања. Со досегашните кампањи е опфатен простор од околу 1 500м² на кој е откриено добро сочувано доцноримско термално лекувалиште . Објектот ги користел термално-минералните води на изворот Парило” кој се наоѓа педесетина метри југозападно од бањата.
Капацитетот на изворот е 42 л/с со температура на водата од 72°С, доволно за снабдување и квалитетно опслужување на бањата. Водата во себе содржи тешки минерали кои при таложењето формираат дебела наслага од бигор. Со дебели наслаги од бигор е прекриен и целиот простор помеѓу изворот и бањата.
Досега се откриени единаесет простории сите со различна намена, но сите во функција на вршење на обредот капење, лечење и уживање во термалната вода. Целосната површина на досега откриената архитектура е 623 м .
Девет од нив се извонредно сочувани, сочуваноста е посебно изразена во просторијата 1, каде се зачувани еден крстаст и еден полукружен свод и во просторијата 5, каде над кадата е сочувана полукуполата. Кај останатите простории сочувани се почетните партии од сводните конструкции.
Извор:
Автор на статија: marh