Фотогалерија „Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје“
25.05.2016 • Изложби
Вчера имавме особена чест, да присуствуваме на настанот „Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје“ кој беше составен од два дела, предавање и изложба на архитект д-р Ана Ивановска Дескова.
Деталната разработка на темата, преку нумерички податоци, архитектонски анализи и архивско истражување, го презентира процесот на постземјотресната обнова и најзначајните архитектонски остварувања од тој период. Нивното тековно егзистирање и учество во секојдневието на Скопје, ја укажува важноста од поголемо внимание.
Трудот на др. Ана Ивановска Дескова е воодушевувачки по обемноста и посветеноста, труд кој ја пополнува празнината на центрите за конзервација и реставрација, институциите кој не ги земаат в предвид овие објекти како културно наследство. Претставени преку „идентитетски карти“, модели, исечоци од дневниот печат, графикони, оригинални технички цртежи, се поставени долж „перонската сала“ на Музејот на град Скопје. Покрај поставката, беше забележлива и впечатлива, инсталацијата направена од мрежа, која ја симболизира „градежната завеса“ од новите интервенции, кои му се доближија преблиску на модерното наследство, истовремено претејќи му.
Ви ја пренесуваме атмосферата од вчера, и воедно ве каниме да ја посетите оваа исклучително богата изложба, која ќе трае до 31 мај, 2016 година во Музејот на град Скопје.
фото: Борис Јурмовски
Ф.К
Автор на статија: marh