1000 години Бигорски манастир

Денес, манастирот Св. Јован Бигорски, го прославува својот милениумски роденден.   Од историјата на манастирот можеме да спомнеме за неговиот основоположник, многудобродетелниот монах Јован кој темелите на оваа обител ги поставил по залезот на Самоиловото Царство, во 1020 година, по само  две години откако е поставен на престолот на Охридската архиепископија.

Од тогаш манастирот се соочувал со многубројни височини и падови, и од урнатините на недобромислениците, повторно се воздигнувал на истото место.

 

Архивска фотографија

 

Она што денес го согледуваме како физичка присутност, архитектурата на манастирскиот комплекс почнува да се формира кон средината на XVIII век, од рацете на талентираните мијачки градители во духот на македонските традиции, карактеристични за овој регион. Тоа се случува во времето на игуменот Иларион 1743 – 1781/2, кога се обновува и монашкиот живот. Кон крајот на векот се подигнува црковниот храм, кој е познат по своите архитектонски, резбарски и уметнички особености.

 

Архивска фотографија

 

Црковниот храм

 

„Сепак, најубавиот украс во црквата и она по што надалеку е познат овој храм, е секако прекрасниот и единствен од ваков вид во Православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои, по својата вештина на обработка на дрвото, останале ненадминати и до ден денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год. Во истиот тој период биле повикани и познатите зографи од Самарина, Михаил и неговиот син Димитриј, кој подоцна се замонашил овде и го добил името Даниил. Тие ги завршиле иконите на иконостасот, така што заедно со иконите, тој формира една целина, еден целосен приказ на Светото Писмо во резба.

 

Фрагмент од иконостасот

 

Манастирските конаци ги сочинувале неколку велелепни зданија. Комплексот згради на монашкиот конак, поставен веднаш до црквата, познат како Горни Палат, бил изграден во 1814 год. и е единствен по својата живописна архитектура. Највпечатливиот дел, кој му го дава духот на целиот конак, е вешто изработениот чардак, кој со надворешно издадени скали ги поврзува двата ката на конакот. Приземјето отпрвин го сочинувале просториите што служеле за економијата на манастирот (производство на кашкавал, сирење и др.). Подоцна, тие се пренаменети во магацински простории. На двата ката се распоредени монашките ќелии и пространите чардаци. Освен нив, тука се наоѓаат и заедничката соба за монасите – синодикон, канцелариските простории со архива, стоматолошка ординација и други помошни простории.

 

Горни палат со трпезариите

 

Западно од црквата се наоѓал Момочкиот конак кој бил изграден во 1870 година, во времето на игуменот архимандрит Михаил (1870 – 1894), и бил наменет за сместување на манастирските помошници, т.н момоци. Поради непосредната близина на чешмите, приземјето на овој конак служело како пералница, а на катот се наоѓале просториите за живеење. Изгледот на конакот го карактеризирала впечатлива меѓукатна дрвена конструкција, којашто завршувала со доста издолжена стреа, правејќи конакот совршено да се вклопува во манастирскиот амбиент.

 

 

Меѓутоа, во 60-те години од минатиот век, од непознати причини, конакот бил срушен и денес овде има пространо бетонско плато, кое на посетителот му го отвора видикот кон живописните планински селца, расфрлани низ падината од спротивната страна на Радика. Веднаш зад некогашниот Момочкиот конак се наоѓа Сејменската кула, каде што порано живееле манастирските чувари – сејмени. До спратот за живеење се доаѓало преку надворешни скали со мал издаден чардак и длабока стреа, кои и денес го оживуваат целосниот изглед на кулата. Денес, најгорниот кат од кулата е пренаменет во мал параклис посветен на светиот новомаченик Георгиј Кратовски, приземјето е столарска работилница, а во подземјето, пак, е сместена манастирската свеќоливница.

 

Сејменската кула

 

Веднаш над влезот од манастирот постоел конак наречен Долни Палат, кој, за жал, изгорел во 1912 година. Стариот конак, заедно со другите конаци и градби, сочинувал една затворена целина, типична за манастирските обиталишта од видот на Светогорските манастири. Конакот се одликувал со посебна уметничка обработка на вратите и таваните, кои биле различни во секоја одаја. Овие богато уредени одаи се користеле за прием на гости. Долни палат бил дело на искусни мајстори од с. Луково – Струшки Дримкол, познати по вештата обработка на камен.““

 

Долни палат / Горни палат десно

 

По замирањето на главната функција на манастирот, монашкиот живот, во периодот на социјализмот, во 1995  година се случува последното возобновување. Со доаѓањето на денешниот игумен Партениј, епископ Атаниски, започнуваат и големите интервенции во манастирот, како што се обновувањето на Долниот Палат,  реконструкцијата на Горниот палат по големиот пожар во 2009 година,  потоа изградба на Источниот Палат, интервенциите во внатрешноста на црковниот храм и тековно – изградбата на гостинските конаци.

 

 

Новите интервенции побаруваат посебен осврт и критика, во некоја специјална објава.

 

Во креирањето на објавата се користени материјали од официјалната страна на Бигорскиот Манастир >>>