57 години од 5:17

Градот Скопје, одбележува 57 години од катастрофалниот земјотрес од 1963та година. Катаклизмата целосно го поместува правецот на развивање на градот, со себе повлекува повеќе од 1000 жртви, остава повеќе од 4000 повредени и 180.000 луѓе без својот дом.

 

 

Градот го започна одбележувањето вчера во Градскиот Парк, организирајќи изложба на отворено со наслов  „Скопска алеја на меѓународната солидарност“ .  Идејата е да се потсетиме на светската солидарност и помошта која го воздигна  градот  од пепелта. Во чест на оние кои одвоија од себе за изградбата на Скопје, многу улици ги носат имињата на градовите донатори.

 

На отворањето, се обрати и градоначалникот на град Скопје, г-дин Петре Шилегов, кој меѓудругото истакна:

Уште првите денови светската солидарност се покажа на дело: од сите страни на светот пристигнуваат донации од медицински средства, крв, вода и храна, како и војници и машинерија за расчистување. А во годините потоа, Скопје ќе ги добие како донација и Музејот на современа уметност, Универзална сала, МКЦ, Хидрометеоролошки завод, Детската болница во Козле, Поликлиника Букурешт, како и цели населби во Тафталиџе, Ѓорче, Драчево… Тука морам да ги споменам и да им се заблагодарам на сите поединци кои му помогнаа на Скопје кога му беше најтешко. Да ве потсетам само на девојчето со име Гудвин Мец од Германија, што целата своја заштеда од касичката ја испраќа за настраданите од земјотресот или на младата јапонска студентка Еико Музики којашто го донирала својот дијамантски прстен, пренесуван со генерации во семејството. Ретки се градовите што доживуваат катастрофи од вакви размери, но уште се поретки тие што се издигнале со помошта на целиот свет, токму затоа Скопје припаѓа на светот. И токму поради светската солидарност ние го имаме светот во мало. Погледнете ги само имињата на нашите улици: Осло, Багдадска, Финска, Стокхолмска, Париска, Лондонска, Московска, Мексичка… Тие и денес говорат за солидарноста на светот ““- кажа Шилегов.

 

 

Градоначалникот Шилегов истакна дека мораме да го сочуваме и да го негуваме наследството од обновата на нашиот град како непроценливо богатство, како и дека годинава ќе заврши процедурата за враќање на старите имиња на повеќе скопски улици, меѓу кои е и Мексичка, за да не се заборави светската солидарност која одново го издигна нашето Скопје од урнатините.

 

 

Одбележувањето на споменот од овој трагичен момент, продолжи утринава со положувањето на свежо цвеќе на Споменикот „26 Јули“ на градските гробишта во Бутел, каде присуствуваа повеќе делегации на државните институции, општините, амбасадите.

 

 

Активностите завршуваат вечерва со настанот  „МКЦ ЗА СКОПЈЕ“ на кој се планира отворање на уште една изложба  „Култните градби во Скопје“ , промоција на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“од Иван Шопов, потоа театарски насап на Импров Група и музичка програма со настап на групата  Perija .

 

 

Во објавата се користени фотографии и материјали од fb страната на Град Скопје >>>