Студентски дом / хибридно домување во Берлин
16.06.2016 • Студентски проекти
Архитектонско студио 8/1
Автори: Ирина Цоневска, Марија Гелмановска, Александар Кочовски, Лилјана Јанкова
Педагошки тим: Проф. д-р Минас Бакалчев, Доц. д-р Саша Тасиќ, Викторија Богданова, Александар Петановски и Гордан Петров
Локација: Берлин, кеј на реката Шпрее
Година: 2016
Задачата на студиото за колективно домување овој семестар беше да се создаде студентски дом, во чии рамки ќе има хостел и станови за изнајмување, како и заеднички јавни простории.
Одговорот на нашиот тим на оваа комплексна задача беше да се распрсне програмата на индивидуални ќелии за живеење, кои ќе бидат поврзани во органски, нехиерархиски систем, кој би создал еднаквост помеѓу сите кои живеат во него. Ќелиите се поставени во решеткаста структура која, и по хоризонтала и по вертикала, ја имитира мрежната структура на голем град, создавајќи состојба на микро-град на локацијата во Кројцберг.
Ќелиите се нееднакво распределени низ структурата, создавајќи неколку внатрешни дворови кои го олеснуваат влегувањето на светлината низ порозната форма на објектот. Непостоењето на јасна хиерархија во структурата создава состојба на просторно поле – архитектонска демократија.
Распределбата на ќелиите во просторната и конструктивна мрежа генерира градини и простори за средба и социјализирање со соседите, со што просторот за домување ефективно станува вертикална градина. Овој систем е кренат од земјата, создавајќи слободно приземје кое функционира како парк, задржувајќи го отворениот зелен простор кој е еден од ретките такви простори во Берлин.
Заедничките простори вклучуваат лоби, соба за забава, соба за учење, теретана, водена зона, сауна и административни простори. Тие се поставени под нивото на улицата и се покриени со стаклени кровови, што овозможува минувачите да ги гледаат активностите на корисниците на јавните простори.
Материјалот го приложи: Ноеми Чаусидис
Автор на статија: Ноеми Чаусидис