Фабриката за минерална вода „MAYA“ добитник на Аrchitizer A+
08.08.2018 • XXI век Информации
Година: 2017
Автори: Александар Карангелов
Фотографии: ?
Извори: Аrchitizer
Локација: село Гари
На овогодинешното доделување на наградите во областа на архитектурата Аrchitizer A+ Awards, фабриката за вода „Maya“ дело на архитект Александар Карангелов, се закити со награда во областа на индустриските објекти и складишта ( people’s choice).
За учество во некоја од многуте категории, беа пријавени проекти од повеќе од 100 земји од светот, додека вкупно гласале повеќе од 400.000 луѓе. Бројот на категории е толку голем, што вкупно се доделени 196 награди.
Фабриката МАYА, за производство на флаширана вода, се наоѓа во атарот на селото Гари ( Дебарско) на локација целосно изолирана во планинскиот предел. Објектот е составен од два продорни кубуси, допирајќи се еден со друг (првиот е производствен погон, додека вториот е административен оддел и сместувачки капацитет). Неколку отворени или полуотворени простори низ објектот служат за релаксирање на вработените и паузи. Самата фабрика зафаќа површина околу 5000 м2, додека вториот блок 1200 м2.
Влезниот хол се пробива со својот волумен насекаде и се шири низ сите катови, менувајќи ја насоката, но следејќи ги главните хоризонтални и вертикални врски создавајќи еден флуиден простор. Од влезот просторот продира низ големите стаклени ѕидни завеси, а истото се случува и со производната сала. Овие два простори се поврзуваат преку идентичната енергија и заедничкиот дух на локацијата, раскажувајќи ја главната идеја за поврзување на внатрешното и надворешното, обидувајќи се да создаде единство на просторот без граници.
Главен адут на објектот е складноста со природата, презентирајќи слободен код на однесување во текот на работното време, ќе истакне меѓудругото авторот во образложението за Аrchitizer
Автор на статија: Filip Koneski
Maya / Аrchitizer A+ Awards / Александар Карангелов / Индустриски објект / Награда