Изгубен уште еден сведок на „Еклектично Скопје” – Ул 8-ми Март бр. 5

Локација:  Ул 8-ми Март бр. 5, Дебар Маало, Скопје

Период: 1930 – 2020

Фотографии:  МАРХ

Бришењето на културното наследство на Скопје на цена на рапидната урбанизација е веќе нашата реалност и секојдневие. Секојдневно сме соочени со замената на историски објекти и улици со нови згради, понесени од притисокот на инвеститорите и неадекватни урбанистички планови кои го подржуваат ваквиот тренд.

Во текот на новогодишните празници Скопје загуби уште еден споменик на културата од почетокот на 1930-те години во Дебар Маало. Објектот се наоѓаше на ул. 8-ми Март во срцето на Дебар Маало и беше типичен пример на еклектичната архитектура. Вознемирувачкиот факт е дека истиот на последниот донесен ДУП на Дебар маало 02 од 2007-2013 се води како заштитен објект од втор степен кој придонесува и во историскиот амбиент. Со оглед дека Општина Центар под мораториумот на градба не издава градежни дозволи, прашањето е уште понејасно.

 

 

Тогаш кои се причините за рушењето? Многу прашања остануваат неодговорени. Каде се сопствениците? Дали ќе никне на истото место зграда со П + 3? Кои се механизмите на градот за заштита на приватните културни споменици? Прашања има многу, но за жал сегашната иднина е немилосрдна за историските објекти и урбани ткива во Скопје. Самите урбанистички планови и трендот на целосно згуснување на изградените површини доведува до ваков резултат.

Објектот веќе 10-тина години беше напуштен со видливи траги на вандализам. Негова реставрација беше повеќе и потребна но не и неговото рушење. Ако ова е реалноста за заштитените објекти, можеме само да претпоставиме каков е односот на тие кои не се заштитени.
Тимот на МАРХ изврши фотодокументирање непосредно пред губењето на објектот за да алармира за неговата заштита но предоцна…

Повеќе од јасно е дека досегашниот начин на кој се третира урбаното планирање и културното наследство во Скопје и Македонија е нефункционално. Методите по кои само се зголемува густината и висината на објекти без да се земе во предвид поширокиот контекст и останатите параметри е нефункционален.

 

Особено кога се работи на урбанистички пристап во историска средина со значење и важност за градот доведува до бришење на идентитетот на градот. Исто како сликата од отоманскиот град е само задржана во Чаршијата така и сликата од “европскиот град” наскоро е загрозена да постане само меморија додека се гради и нанесува новиот слој на градот.

МАРХ ќе се обрати до НУ Конзерваторски центар – Скопје со писмено барање по кое би можеле да добиеме и одговор на некои од нашите прашања.

 

 

Исечок од ДУП за Дебар Маало @Општина Центар