Skopje – A Modern City? / Група автори од HafenCity University
24.07.2020 • Истражување Литература
Година и место на издавање: 2009/2010, Хамбург
Издавач: HafenCity University, Hamburg – Department of Urban Planning
Приредил: Prof. Dr. Michael Koch; асистент: Dipl.-Ing. MSc Maren Harnack
Автори: Elisabeth Deipenbrock, Mandy Held, Charlotte Herbst, Charlotte Kaulen, Luise Köhler, Magdalena Pudimat, Maria Rohde, Kevin Vincent
Достапна на: онлајн платформата issuu.com – линк
Денес ви презентираме парче литература кое содржи детална урбанистичка анализа на нашиот главен град. Авторите на трудот доаѓаат од Германија и успеваат да ги доловат сите аспекти кои влијаат на моменталната физичка структра на Скопје: историјата, политиката, религијата, општествените вредности, културните трендови, итн.
Како објективни набљудувачи тие го анализираат фрагментираниот град и предвидуваат неколку можни идни сценарија. Книгата е подготвена пред 10 години, па денес веќе можеме да воочиме кои од нивните претпоставки се исполнија, а кои веројатно допрва ни следуваат.
Книгата е резултат на двосеместралното истражување на група студенти од факултетот HafenCity во Хамбург. Урбанистичкиот план на Кензо Танге го привлекува нивното внимание кон центарот на градот Скопје, каде тие се соочуваат со нешто целосно различно од утописката замисла на јапонскиот архитект.
Започнуваат детална урбанистичка анализа која се труди да одговори на следните прашања:
- Дали модернистичкиот план резултираше во целосно модернистички град?
- Кои се останатите урбани фрагменти кои се уште доминираат во градското ткаење?
- Какви идни сценарија би можеле да произлезат од моменталната состојба?
По воведот, следува историската анализа која е поделена во три периоди: пред-модерен, модерен и пост-модерен. Секој сегмент разгледува како историските и политичките случувања се манифестирале во градската форма.
Преку низа мапи, дијаграми и фотографии, тие ги документираат скопските фрагменти и нивната транфсормација во денешната урбана структура.
Четвртата глава го разгледува градот како склоп од овие историски фрагменти. Кои структури доминираат? Кои се најмногу запоставени? И каде се крие урбанистичкиот потенцијал?
Заклучокот носи наслов „Перспективи“ и ги разгледува можните сценарија за иден развој на градот. Авторите презентираат три опции: најлошото можно, најдоброто можно и сценариото на тогашните трендови.
Погледнете ја книгата и самите, и проценете кон која траекторија се движи нашето Скопје. Целата публикација е достапна на следниот линк.
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
HafenCity University Hamburg / Истражување / Кензо Танге / литература / Скопје / Скопје 2014 / стара скопска чаршија / Студентски труд / Урбанизам