Станбен објект во Капиштец / АТТИКА
22.10.2026 • XXI век
Автори: АТТИКА Архитекти
Инвеститор: СТАТИК ГРУП ДОО
Година на проектирање: 2021
Година на изведба: 2023
Локација: населба Капиштец / Скопје /Македонија
Ситуација
Локацијата на објектот е во подножјето на Водно, во населба со станбени објекти со мала висина и големи дворови. Типологијата на соседните објекти во овој дел од градот варира од индивидуални самостоечки објекти до објекти во низа.
Објектот е поставен паралелно на пристапната улица каде се позиционирани главните влезови и архитектурата на објектот јасно го дефинира уличниот фронт. Покрај јужната страна на парцелата поминува колско пешачка патека со што е ослободена визура кон аголот на објектот кој е нагласен со самата архитектура.
Објектот се развива на приземје и 2 ката каде што се распределени станбените единици и подземно ниво каде што е сместен паркингот. Становите на приземје се максимално отворени кон задниот двор. Секој стан на приземје има свој индивидувален двор, а ваквата функционална поделба е со цел објектот да се надоврзе на стариот концепт на околниот контекст од индивидуални станбени објекти со дворови. Станбените единици на катовите имаат по 2 ориентации, кон улицата и кон задниот двор, или 3 ориентации и максимално се отворени кон околните погледи.
Еден од главните функционални и обликовни аспекти карактеристични за објектот е отварањето кон околината и насочувањето кон повеќе различни визури. На тој начин се создава динамика во внатрешниот простор, како и во надворешниот архитектонски израз. Со искосување на надворешните ѕидови во Zig-zag линија се насочуваат отворите кон исток и се ослободува погледот. Се со цел да се овозможи поголема приватност и интимност на становите така што нема директно да бидат насочени кон соседните објекти од спротивната страна на улицата и ќе се создаде чувство на визуелна оддалеченост.
Карактеристично за околниот контекст е присуството на зеленило и дрвја во индивидуалните дворови, што е третирано во архитектурата, не само преку задржување и создавање однос кон постојните дрвја на локацијата туку и нивно инкорпорирање во самиот објект.
Архитектонскиот јазик на објектот се карактеризира со нагласена архитектонска пластика која е одраз на внатрешната функција, како и употреба на различни типови на материјали со цел на се нагласат вертикалните површини или хоризонталните рамнини. Заради косините кои се доминантниот обликовен елемент, објектот различно се доживува во зависност од која страна се набљудува.
Автор на статија: Filip Koneski
2021 / 2023 / АТТИКА / Капиштец / Станбен објект / СТАТИК ГРУП ДОО















