Иборн.нет -1/ Архипункт
10.12.2020 • Ентериер и мебел
Проект: Адаптација и ентериерно уредување на деловен простор, ниво -1 на Иборн.нет
Студио: Архипункт ДОО Скопје
Автори: Марија Антиќ Николова, Невенка Манчева Аџиевска
Локација: Скопје, Македонија
Година на изведба: 2019
Фотографии: Андријана Тилиќ
Извор: www.arhipunkt.mk
Основи
По успешната адаптација на новото седиште на Иборн.нет во 2017 г. за која пишувавме тука, тие продолжија успешно да работат по што се јави потреба за дополнително проширување на работниот простор и на сутеренското ниво -1 во истиот објект.
За разлика од погорните нивоа каде во голема мера се задржаа постоечките простории на куќата, овде освен делот со сервисните содржини, целото ниво се расчисти од постоечките прегради и се организира океански распоред на работење. Во центарот на просторот е сместена една мала застаклена соба за состаноци околу која се распоредни сите останати содржини и е овозможено кружно движење.
Ако во првичното уредување на приземјето, првиот кат и поткровјето од куќата основниот концепт при осмислувањето на визуелниот идентитет на просториите беше геометријата и боите од логото на Иборн аплицирани на бели ѕидови, во сутеренското ниво, отворениот и добро осветлен простор дозволи да се примени поинаков израз на целосно видливи инсталации, постоечки и нови, необработени градежни материјали и да се внесат потемни бои. Сепак, бренд идентитетот е присутен преку карактеристичните зелена и портокалова боја кои се појавуваат во кујната и тоалетите и така го врзуваат ова ниво со останатите.
Лежерноста и удобноста што провејуваа на горните нивоа овде повторно се доловени со употреба на специфично насочено осветлување, комбинација на дрвен под и мек теписон, присуство на растенија, полици за книги и сл., кои го омекнуваат амбиентот и внесуваат домашен комфор во работниот простор.
Автор на статија: Filip Koneski