За урбанистичките аспекти на локацијата за новата административна зграда на Општина Аеродром
Општината Аеродром, на крајот на минатата година распиша конкурс за нова административна зграда за свои потреби. Повикот траеше до 1ви март, 2021 година и на истиот пристигнаа 22 идејни решенија, што е одличен одзив.
Post festum ја коментираме локацијата и урбанистичките аспекти на истата, која е производ на таканаречениот македонски урбанизам со сите негови контрадикторности.
Локацијата во однос на поширокото опкружување е на позиција, која е атрактивна, визуелно достапна и сообраќајно пристапна. Се наоѓа на јужниот агол од раскрсницата на бул. „ Видео Смилевски Бато“ и бул, „Србија“ креирајќи фасадна крива на фронтот со што ја омекнува својата појавност. Просторот е жив и раздвижен и на прифатливо растојание од општинскиот центар ( Т.Ц Бисер ). До тука е се како треба, но…
Од катастар на РМ
Предвидена е мала градежна површина која опфаќа доминантен дел од парцелата. Од тука не е возможно да создадете претпростор, пјацета, зеленило т.е партерно уредување кое соодветно ќе го третира идниот објект со достојна и урамнотежена атрактивност. Во случај да се обидете ќе морате да создадете компромис во проектната задача и со тоа автоматски да не ги исполните докрај бараните услови.
Вкупно дадените просторни побарувања ( околу 4000 м2 корисна површина ) бараа максимално окупирање на габаритот предвиден од урбанистите, влијаејќи безкомпромисно врз архитектонското решение. Тоа е типично за македонскиот тековен урбанизам, кој нема посебен третман кон објекти со општествено значење, одземајќи ги условите за визионерско делување.
Општината одлучила да ја препоплови оригиналната парцела и да ја откине од утробата, создавајќи две од кои помалата парцела е со максимални параметри. Очигледно државните институции и кога работат за себе не покажуваат до крај респектабилен однос кој ќе е исчекор кон повисок квалитет.
Од детален урбанистички план / Reonski Centar UE A Blok 1 i 2
Како производ на ова, соседната парцела е со намена – трговски содржини (иако во соседството има веќе неколку). Предвидената површина за градба го деградира постоењето на новата општина, наметнувајќи и се да создаде неразбирлив полублок.
3D модел на максима според ДУП
Нелогичноста на ваквата организираност е крунисана со различните височини каде општината е П+3, додека комерцијалниот објект доминира со П+7. Зар не беше логично овој сосед, да биде со иста височина?! … Особено засегнува фактот дека надвишувањето не смее да се случува на југот, бидејќи со тоа го одземате природното осончување на северот, додека секоја логика на урбанизмот доминантата би ја сместил на аголот ( обратно од предвиденото).
Обликувањето на површината за градба на општинската зграда отстапува и од фронтот на соседниот објект блокирајќи го природното движење и наметнува заокружување. Знаејќи ја набиеноста на програмата, создавањето на природен трем во приземјето беше невозможна мисија.
Она што остава простор за поинакво делување е сопственоста на оваа соседна парцела ( државен посед ) и нејзината неизграденост. Од тука можеме да се надеваме дека пред изработката на основиот проект ќе може да се извршат урбанистички промени како објектот на општината би добил соодветен третман.
Анализа на возможни промени во габарит / Прима Инженеринг
Постојат три возможни позитивни ситуации:
- да се корегира урбанистичкиот план и да се изедначат височините на соседниот објект;
- доколку се инсистира на поголема височина на трговскиот објект, тогаш да се ревидира градежната линија и истиот да се повлече во правилна правоаголна основа;
- да се избриши оваа намена и да се предвиди јавен простор кој ќе се интегрира со општинската зграда.
Поентата на ова пишување сепак не е со цел да го деградира архитектонскиот дел од конкурсот, туку да укаже на урбанистичките нелогичности и можноста истите да се корегираат.
Архитектурата сепак претставува најдобар можен одговор во рамките дефинирани помеѓу барањата на инвеститорот, урбанистичките параметри и личниот авторски сензибилитет.
Фото од конкурсна документација
Овој конкурс многу веројатно дека продуцирал интересни и добри решенија согласно параметрите, но сега треба да се остави простор победничкиот проект да се реализира во неговата оригиналност. Да не се дозволи импровизација како со лошиот пример на Општина Карпош.
Објектите не може да се набљудуваат одделно, туку во контекст на околината, затоа овој конкурс може да покаже легитимитет на овој процес и да донесе позитивен урбанистички заклучок – да ја корегира соседната парцела и целосно промени во позитивен наратив кон новата општинска зграда!
Автор на статија: Filip Koneski
Конкурс / Општина Аеродром / општинска зграда / урбанистички нелогичности