Предлози до идните градоначалници / 1: Заштита и конзервација на староградската архитектура

насловно фото: Хотел „Бристол“

 

Се ближат локалните избори, а на листите повторно доктори, пејачи, глумци,  историчари, партиски војници но и по некој светол пример кој доаѓа од граѓанските здруженија.

Се надевам дека ќе дојде денот кога архитектите и урбанистите ќе добијат доверба од политичките партии, па ќе ги нападнат работните  позиции на  диригенти во филхармонија, хирурзи во операциона сала или можеби директори на театрите, судии и сл. Секако ова е спомнато во прилог да ја разбереме саркастичноста и баналноста на многу сегменти од македонското општество.

Некој од кандидатите има програма, некој не знае зошто се кандидира, но со ова чекорење со брзина на желките, можеби во далечната 2050та година ќе ја разбереме суштината на професиите и нивното образование, а особено на поентата на локалната власт.

До сега малкумина од градоначалниците ги слушале професионалците што имаат да кажат или предложат, а потоа истото да го интегрираат во своите програми вон партиските инструкции. Наше е да се обидеме.

Затоа од  денес ќе креираме објави со предлози до идните македонски градоначалници,  кои се надеваме дека ќе допрат бар до некој од нив.

 

Станбен објект  на аголот на улиците „Ленинова“ и „Наум Наумовски Борче“

 

Предлог 1:  Заштита и конзервација на староградската архитектура

 

Она кое често се користи како репер за туристички атрактивните градови е нивната староградска архитектура, културното наследство и археолошки локалитети.  Во Македонија, секако недостасува ошто разбирање на заштитата на градителското наследство, особено за тоа што значи градска архитектура од првата половина на XX век кога е видлив преминот од еклектичните стилови кон модерната.

Тоа можеби е најградскиот период, бидејќи пропорциите кои се креирале на улиците, куќите, вилите и зградите се безкомпромисно извлечени од струката и пропорцијата на убавото.

 

Станбен објект на аголе од улиците „Живко Чинго“ и „ Дебарца“

 

Низ призмата на Скопје, кое изгуби 80% од наследството од споменатиот период во катастрофалниот земјотрес од 1963 година,  во времето кое следи (половина век) скоро да ги загуби и тоа што преостана.

Градоначалниците и вработените во заводитe за конзервација и реставрација не успеаа да создадат приоритет ниту концепт за сопственото наследство. Во Скопје во периодот на фамозниот проект „Ск 14“ дури ја тргна заштитата која постоеше врз одредени објекти, како би можеле да ги доградуваат, надградуваат, нагрдуваат и сл.

 

 

Станбен објект на бул. „Илинден“

 

Малиот Ринг и Дебар Маало се последните простори ( не сметајќи ја скопската чаршија ) каде имаме концентрација на ова градителско наследство и потреба од итна валоризација. Амбиенталните целини долж улиците  „Македонија“, „Орце Николов“, „Максим Горки“, „Илинденска“, „Ленинова “ и другите помеѓу како од добата на еклектиката така и на модерната и постмодерната треба да станат дел од проект на долги стази за зачувување на староградската архитектура.

 

Станбен објект на ул. „Кукушка“

 

Истите треба да се валоризираат и инкомпорираат во урбанистичките планови, а потоа градот преку посебни програми и буџети за кои може да конкурира по светските и европските фондови да пристапи кон санација на фасадите и столаријата. Кај оние кај кои е потребно , може да се интервенира и во сеизмичката стабилност.

 

Станбени објекти на улица „Орце Николов“

 

Станбен објект спроти ресторанот  „Ѕвезден океан“

 

Градови кон кои особено мора да се заложиме со нашите иницијативи се Битола, Охрид, Крушево, Прилеп, Кратово, Велес итн.

Пасивноста кон сопственото градителско наследство мора да застане!

 

 

Станбена куќа на ул. Орце Николов кај која е реконструирана фасадата

 

Галерија од сетот разгледници „Дебармаалска еклектика“ >>>

 

Фотографии во објава :  Филип Конески

Фотографии од сет:  Филип Конески и Борис Јурмовски