Спортско – рекреативен центар „Сарај“ / 1948

Година: 1948

Автори: Предвидено со Генерален регулационен план на град Скопје - Лудјек Кубеш

Локација: Сарај, Скопје

 

СРЦ Сарај се наоѓа во непосредна близина на Градот и има традиционално излетнички карактер. Овој локалитет претставува едно од најстарите излетнички места во Скопје, со површина од 240.000м².

СЦ Сарај е изграден во 1948 година, кога бил предвиден и со урбанистичкиот план како регион Сарај-Матка исполнет со базени, фудбалски игралишта, трибини и патеки. Подоцна регионот Сарај-Матка прераснува во центар за спорт и рекреација со терени за спорт покрај реката Вардар и езерото Треска. Во 1955 година урбанистичкиот план е ревидиран и е изграден базенот, фудбалските игралишта и другите објекти за рекреација. Во 1964 година е направен нов урбанистички план, со кој биле испланирани јавното зеленило и спортско-рекреативните реони. Додека во 1971 година, од страна на Паркови и зеленило е направен проект за СЦ Сарај, со кој се дефинирани градското и вонградското зеленило, со паркови, плоштади и други зелени површини по бодовите на Скопје – вонградското зеленило, како и зеленилото за активна и пасивна рекреација. Планирани биле три големи парковски површини и 5 рекреативни подрачја, во кои се предвидени центри со плажи, хотели, ресторани и детски домови: Сарај – Матка, Водно, Скопска Црна Гора, Катланово – Зелениково, Китка – Караџица.

Имало и тенденција езерото Треска и реонот Сарај – Матка да се поврзат со Водно и да претставуваат целина. Ова би се постигнало преку изградба на помали објекти, но, за жал, планираните активности останале нереализирани.

 

Мапа на зелени површини (Skopje Resurgent, 1970, p. 237)

 

Спортско-рекреативен појас Сарај-Матка, 1965г.

 

На мапата на зелени површини од 1970 година, јасно е воочлив зелениот појас кој треба да се простира од запад кон исток по течението на реките Вардар и Треска. Во овој појас спаѓа и реонот на спортско-рекреативниот центар „Сарај“, езерото „Треска“, па се до Матка.

 

Местоположба на СРЦ „Сарај“ во поширок контекст на градот
Сателитска снимка од СРЦ „Сарај“ денес

Олимпискиот базен во „Сарај“ е дел од Спортскиот Центар „Сарај“ изграден во 1948 година, кoj бил предвиден со урбанистичкиот план како регион Сарај – Матка. Како целина реонот Сарај – Матка во себе вклучувал базени, спортски терени за фудбал, кошарка, ракомент, одбојка, трибини, патеки, кој подоцна прераснува во центар за спорт и рекреација со содржини покрај реката Вардар, се до езерото Треска. Во 1955 година урбанистичкиот план е ревидиран и тогаш е изграден базенот, фудбалските игралишта, како и други рекретивни содржини.

Додека Матка е развиен предел и се негува подрачјето, кога зборуваме за останатите два реони, езерото „Треска“ и некогашниот спортско-рекреативен центар „Сарај“, е сосема спротивна приказна.

Денес, како зеленило со оптимален интензитет на одржување СРЦ Сарај е дел од вонградското зеленило под ингеренција на Градот Скопје. Освен редовното одржување на зеленилото, поставеноста на вегетацијата е во слободен пејзаж, со парковски карактер, како и природен вегетациски состав. Од големо значење е улогата на просторот кој има парковски содржини (видиковци, тревници, детски игралишта, спортски терени и парковски елементи) кои нудат можност за одмор и рекреација за граѓаните на Скопје и околните населени места.

 

Базен „Сарај“ денес, © Роберт Атанасовски
Базен „Сарај“ денес, © Роберт Атанасовски
Базен „Сарај“ денес, © Роберт Атанасовски

 

За спортскиот рекреативен центар низ годините се грижело претпријатието „Паркови и зеленило“, но со Законот за децентрализација сопственоста е пренесена на Градот.

Еден од првите чекори кон враќање во функција на еден ваков спортско-рекреативен центар кој има иделна позиција на устието помеѓу реките Вардар и Треска, треба да биде ремедијација. Поврзувањето на овој реон преку инфраструктурата, достапноста, со оглед на тоа дека се наоѓа во непосредна близина на градот, како и инфраструктурен развој на самата локација. Огромен е потенцијалот на комплексот кој би можел да вклучи најразлични содржини како: игралишта, базени, паркови, бифеа, киосци, шеталишта итн. Останува да се реши дилемата кој е надлежен за овој некогашен спортско-рекреативен центар и локалитет кој претставува еден од најстарите излетнички места. Потребно е поголемо внимание кон вакви “зелени“ потенцијали кој би го правеле градот хуман и одржлив со своето функционирање.

 

 

Во продолжение видео запис од СРЦ „Сарај“ од 1985 година >>>

Извори: https://365.com.mk ;  www.parkovi.com.mk