Стоковна куќа „На-Ма“ / Велес
16.07.2026 • ХХ век / II половина
Година: 1960-1970
Локација: Велес
На почетокот на втората половина на XX век во Македонија се случува социјалистичката модернизација и урбанизација. Оттука се појавува феноменот на стоковните куќи како резултат на индустријализацијата и масивниот развој на производство на стока за широка потрошувачка. Во овој период стоковните куќи престануваат да бидат само обични места за трговија, тие стануваат клучни општествени симболи и архитектонски обележја на градовите.

Стоковната куќа „На-Ма“ во Велес е изградена на крајот на 1960-тите или почетокот на 1970-тите години. Сместена е во самото јадро на градот, во непосредна близина на Градскиот саат и старото кино. Така позиционирана стоковната куќа заедно со другите обележја, во минатото формирале урбанистички јазол кој долго време функционирал како главно збирно место и реперна точка во движењето на пешаците.
Овие објекти имале одредена функција која била појдовната точка при архитектонското обликување, па така може да се каже дека формата со сигурност ја следи функцијата. Како типологија, стоковните куќи имале до тогаш различен просторен одговор. Наместо мало и фрагментирано знаетчиско пазарење, се воведува принципот на „сè на едно место“ во интегриран, широк и флексибилен простор. Овие објекти првенствено имаат т.н. „слободен план“, конструктивна слобода која била неопходна за трговската намена, нудејќи флексибилност при распоредот на одделите и непречен проток на купувачите по сите нивоа.
Архитектонското обликување е визуелно чисто, формата ја сочинуваат два кубуси со различна димензија кои се поставени еден врз друг. Приземјето е вовлечено и олеснето со комплетно застаклена фасада, додека пак катот бил предвиден со голема површина на отвори и различна фасадна обработка од камен.
Фасадното обликување низ децениите поминало низ две клучни модернистички фази. Во својата првобитна верзија на првиот кат се одликува со чиста, хоризонтална стаклена лента која ја симболизира транспарентноста на модерната ера. Големиот стаклен излог служел како визуелен мост. Подоцна, со соочувањето со одредени предизвици и одржливост, од функционални прчини во текот на 1970-тите добива секундарна обвивка само на застаклените делови, која служи како заштита од надворешните климатски влијанија.
Стоковната куќа „На-Ма“ е типичен пример на архитектурата на доцниот модернизам, нејзиниот дизајн е одговор на барањата на новото потрошувачко општство каде архитектурата морала да обедини висок естетски стандард и сурова функционалност.
По неговата комплетна внатрешна и надворешна реконструкција, приспособувајќи ја внатрешноста за потребите на повеќе приватни брендови, супермаркети, банки и панорамски лифт се изгуби дел од автентичната материјалност и архитектонско обликување. Истражувајќи го ваквиот тип на објекти од тој период на модернизмост со сигурност укажува фактот за негрижата кон модернистичкото културното наследство кое сведочи за културниот развој на нашите градови.
Стоковната куќа во Велес останува антологиски пример за тоа како модерната архитектура успешно одговарала на социјалните, функционалните и климатските предизвици на своето време.
Историски фотографии: Велес низ минатото
Автор на статија: Martina Shteriova
Велес / модернистичко културно наследство / општествени објекти / Стоковна куќа










